Македонија
(Видео) Протест пред МАНУ, учесниците побараа оставка од Владата
Триесетина граѓани излегоа на протест пред Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), каде што се одржува научна расправа на тема „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“, на која учествуваат премиерот Зоран Заев, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, американскиот амбасадор Џес Бејли и други дипломати од разни земји.
Граѓаните протестираат, како што велат, да го изразат својот револт за договорот со Грција и промената на името на Република Македонија. Тие порачаа дека се загрижени од загрозувањето на независноста на Република Македонија и побараа оставка од Владата на Заев.

Тие побараа прием на денешната расправа во МАНУ, каде што ќе ја достават, како што велат, декларацијата на македонскиот народ за неговите црвени линии и стратегија за зачувување на името, идентитетот, јазикот, историјата и културата на државата.
„Свесни сме дека сме систематски манипулирани, злоупотребувани, обесправувани и третирани како граѓани од втор ред во својата сопствена татковина. Незадоволни сме од тоа што наместо да бидеме консултирани и информирани за работите што се во наш национален интерес, нам ни се сервираат политики што се во најдобар интерес за други држави и народи, а со што се разнишани темелите на постоењето на РМ и македонскиот народ“, стои во декларацијата што граѓаните ја поднесоа до МАНУ.

Ана Бобинкова од здружението „Преродба“ истакна дека расправата што се одржува во МАНУ е противзаконита и треба веднаш да биде прекината.
Елизабета Чергова-Матевска од здружението „Преродба“ на протестот рече дека спогодбата од Преспа е неприфатлива, а МАНУ е таа што треба да се ангажира за македонизмот, а не да го продава.
„МАНУ наместо да биде бастионот на заложбите за одбрана на македонскиот народ и македонизмот, соочени сме со една непринципиелна поддршка на МАНУ на спогодбата во Преспа. Со оваа спогодба македонизмот се предава на друго население кое нема допирна точка со македонските вредности“, рече Чергова Матевска.
Таа исто така истакна дека граѓаните се незадоволни од вчерашните изјави на академиците од МАНУ, кои истакнаа дека ќе се борат да ги задржат имињата на Македонската филхармонија, МАНУ, Македонскиот театар и другите институции што во своето име го содржат зборот Македонија.
„Да не се залажуваме. Јасно е искажано во спогодбата како ќе биде, името македонски засекогаш ќе биде избришано“, вели Чергова-Матевска.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

