Регион
Џонсон: Решавањето на македонско-грчкиот спор да биде пример за Србија и Косово
Американскиот сенатор Рон Џонсон оцени дека решението на косовското прашање е во рацете на Белград и Приштина, при што посочи дека разврската на македонско-грчкиот повеќедецениски спор би можел да биде пример за Косово и Србија.
Во интервју за Радио Слободна Европа, Џонсон рече дека САД за разлика од Германија не подвлекле никакви црвени линии кога станува збор за промената на границите.
„Германија подвлече црвена линија, но не и ние. САД го поддржуваат дијалогот што го предводи ЕУ во смисла на приближување на двете страни. Го поздравуваме дијалогот, но не подвлекуваме линии. Решението мора да дојде од страна на раководстото и народите на Србија и Косово. САД се тука за да го поддржат и охрабрат решавањето на спорот. Сакаме на раководството на двете страни да му дадеме простор да биде флексибилно и креативно, да пронајде решение за овој тежок проблем“, рече Џонсон.
Говорејќи за регионот, каде што престојуваше пред да ја посети Србија, Џонсон истакна дека ова е период за воспоставување стабилност, мир и просперитет. Во интервјуто сенаторот се осврна и на влијанието на Русија во регионот коментирајќи дека земјата би требало да биде пријателски ривал, а не соперник и наведе дека Русија не нуди економски просперитет, туку дестабилизација.
„Се надевам дека Владимир Путин ќе го промени мислењето и ќе разбере дека за Русија е најдобар патот на соработката. Значи, не дестабилизација, туку соработка со земјите како што се Србија, САД и европските сили за да помогне да се воспостават мир и стабилност во Европа и светот“, доаде Џонсон.
Американскиот сенатрор вчера во Белград се состана со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ и шефот на дипломатијата, Ивица Дачиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Вучиќ: Следната година е многу важна, ќе ја одреди судбината на Србија
Српскиот претседател Александар Вучиќ ја оцени 2026 година како исклучително важна година поради изборите што ќе „ја одредат судбината на Србија“ и големите инвестиции планирани како дел од подготовките за изложбата ЕКСПО 2027, пишува „n1info.rs“.
Вучиќ изрази надеж дека граѓаните ќе „судат според постапките“ кога гласаат и ќе дадат поддршка на Српската напредна партија.
„Донесете ја одлуката со ладна глава и рационално. Погледнете што е направено, разгледајте ги плановите, програмите и луѓето кои се способни да спроведат нешто или не се способни“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека за него е важно што знае колку народот дал за да ја спаси земјата.
„Знам колку разбравте дека вашата земја е загрозена и колку сакавте да помогнете, и затоа сум ви бескрајно благодарен. Благодарение на вас и вашата сила, успеавме да се бориме, успеавме да ја одбраниме и зачуваме Србија и сега само гледаме како Србија може да продолжи напред. Ви благодарам за вашата поддршка“, рече тој.
Фото: депозитфотос
Регион
Рама објави укинување на забраната за „Тик-ток“ во Албанија
Албанскиот премиер Еди Рама објави дека социјалната мрежа „Тик-ток“ повторно ќе биде достапна во Албанија.
Рама во интервју за „Политико“ истакна дека албанската влада постигнала партнерство со претставници на социјалната мрежа и дека набргу ќе претстави нови мерки за заштита на јавноста во оваа земја.
„Задоволни сме од резултатот. Постигнавме партнерство и се надевам дека во наредните недели или месеци ќе го презентираме планот пред албанските граѓани, како што ветивме“, рече Рама.
Албанската влада го забрани „Тик-ток“ пред една година кога објавите на платформата предизвикаа тепачка меѓу млади, во која 14-годишно момче беше избодено до смрт.
Регион
Србија меѓу првите во регионот што воведува тестирање на алкохол кај летачкиот и кај кабинскиот персонал
Од 1 јануари 2026 година во Србија ќе почне систематско тестирање на летачкиот и на кабинскиот екипаж за присуство на алкохол.
Со тоа Србија станува една од првите земји во регионот што ја воведува оваа постапка во целост, објави Дирекцијата за цивилно воздухопловство на Србија.
Тестирањето ќе се спроведува на летачкиот и на кабинскиот екипаж на домашни и странски авиони што ги користат аеродромите во Србија.
Проверките ќе ги вршат специјално обучени и овластени воздухопловни инспектори на Дирекцијата.
Постои нулта толеранција за присуство на алкохол кај членовите на екипажот на авионите.
За мерење на количината алкохол ќе се користат сертифицирани и калибрирани уреди за мерење алкохол во здивот, кои имаат доказна вредност во судските постапки.
Во случај член на летачкиот или кабинскиот екипаж да го одбие тестот или тестот утврди присуство на алкохол, воздухопловниот инспектор привремено ќе му забрани да ги извршува должностите на член на екипажот и ќе го пријави тоа кај надлежните органи.
По правило тестирањето ќе се врши во кабината на авионот, а податоците за спроведените тестови ќе се внесуваат во централизирана база на податоци управувана од Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската Унија (EASA).
За почетокот на примената на оваа постапка Дирекцијата навремено ги информира сите воздухопловни субјекти во Србија и EASA, која има улога да обезбеди поддршка во дефинирањето на приоритетите за тестирање и управувањето со релевантните податоци.
Фото: depositphotos

