Македонија
Заев во МАНУ: Договорот со Грција овозможува Европа да ја донесеме во нашата земја
Премиерот Зоран Заев по покана на Македонската академија на науките и уметностите со свое обраќање учествуваше на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликации врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“.
Притоа Заев истакна дека договорот од Преспа е добар и достоинствен договор што го потврдува идентитетот и ја гарантира нашата иднина.
„Нашите аргументи се кристална и недвосмислена потврда за македонскиот јазик и за македонскиот идентитет. Грција го признава нашиот идентитет. Јазикот ќе се користи слободно секаде, во ОН, НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Македонскиот јазик и кирилското писмо ќе бидат официјални во заедница од 500 милиони луѓе. Подобра заштита на македонскиот јазик и кирилското писмо не може да се замисли од оваа меѓународна верификација. Еднаш засекогаш!“, порача Заев пред аудиториумот во МАНУ.

Премиерот додаде дека прифаќањето на договорот е од суштинска важност за економијата и овозможува Европа да ја донесеме на нашите простори.
„Избравме да чекориме храбро и одлучно кон иднината. Знаеме кои сме и што сакаме“, рече Заев.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во својот говор во МАНУ се задржа на континуитетот на евро-атлантските процеси со посебен акцент на активностите што ги презеде актуелниот владин состав.

„За да ја извлечеме земјата од закана на изолација, Владата на РМ направи мастер-план, кој ги вклучуваше договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија, договор за надминување на спорот за името со Република Грција, завршница на Охридскиот рамковен договор со донесување закон за употреба на јазиците и итните реформски мерки содржани во планот 3-6-9. Реализацијата на овие точки од мастер-планот ни ги донесоа датумот за преговори со ЕУ и поканата за НАТО“, нагласи Османи.
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, потенцира дека акронимот ФИРОМ бил сигнал за незавршена државност и со прифаќање на договорот од Преспа граѓаните на Република Македонија ќе го исполнат заветот од исходот на референдумот од 1991 и ќе ја заокружат државноста со референдумот на 30 септември.

„Кога судиме за овој договор, мора да го имаме предвид контекстот. Додека седевме во чекалницата, ги испуштавме возовите кога постоеше силен ентузијазам за ЕУ-проширување. По долго време ЕУ погледна кон Балканот. И тоа внимание мора да се зграпчи и еднаш засекогаш Македонија да се извлече од процепите на несигурност кои сè уште се негуваат во нашиот регион. Наместо да наоѓаме забелешки за тоа дали кваката е доволно блескава, верувам дека ќе надвладее традиционалната мудрост на нашите граѓани“, истакна министерот за надворешни работи на конференцијата „Спогодбата од Преспа: Меѓународно значење и импликациите врз евро-атлантските интеграции на Република Македонија“ во организација на академијата и на Центарот за стратегиски истражувања, кој работи во составот на МАНУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски објави видео: Скопското Кале целосно исчистено и уредено
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео на своите официјални профили на социјалните мрежи, со порака дека скопското Кале е целосно исчистено и уредено.
Преку својата изјава, градоначалникот Ѓорѓиевски истакнува дека грижата за културното наследство и јавните простори останува еден од приоритетите на Град Скопје.
Тој потенцира дека Скопското Кале, како симбол и гордост на градот, заслужува континуирано внимание, одржување и заштита, со цел да се зачува неговата историска вредност и да се обезбеди пријатна и безбедна средина за сите посетители.
Од Град Скопје велат дека и во иднина ќе продолжат со активности насочени кон унапредување, одржување и промоција на културно-историските знаменитости во главниот град.
Македонија
Облачно со дожд и снег, магла по котлините – врнежливо и во наредните денови
Времето утре облачно со повремени локални врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Ќе има појава на магла по одредени котлини. Ќе дува слаб ветер претежно од северозападен прaвец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 5 до 10 степени.
Во Скопје, облачно и магловито, а попладне со повремен дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 6 степени.
До почетокот на следната седмица следува период на претежно облачно време со локални врнежи од дожд на пониските и дожд и снег на повисоките места.
Македонија
Средба Сали – Кочиу: Забрзување на ONE STOP SHOP и нов импулс за институционалната соработка меѓу Македонија и Албанија
Првиот заменик-претседател на Владата, Беким Сали, оствари средба со министерката за внатрешни работи на Република Албанија, Албана Кочиу
За време на средбата беа разгледани билатералните односи меѓу двете држави, проектот ONE STOP SHOP, за кој се очекува во блиска иднина да започнат подготовките за имплементација, додека самата имплементација на системот се очекува да започне во летната сезона, како и можностите за продлабочување на меѓуинституционалната соработка и развојот на економските инвестиции.
Во овој контекст беше нагласена важноста на политичката и институционалната координација за реализација на стратешките проекти. Двете страни се согласија за интензивирање на дијалогот и секојдневната соработка меѓу надлежните институции, со цел унапредување на конкретните проекти кои го зајакнуваат партнерството меѓу двете земји и придонесуваат за стабилноста, економскиот развој и европската перспектива на регионот.

