Свет
Матео Салвини: „Брисел го разбира само јазикот на парите, не на вредностите”
Бирократите на ЕУ не се заинтересирани за вредности и за принципи, изјави за „Раша тудеј“ вицепремиерот на Италија, Матео Салвини. Тој исто така рече дека нациите како Франција имаат хипокритички став кога ја критикуваат миграциската политика на Италија. Италија нема да гласа за следниот седумгодишен буџет на ЕУ ако нема договор за другите клучни прашања, како што е миграцијата.
„За жал, во Брисел и во Европа го разбираат само јазикот на парите. Затоа, не зборуваат за принципи, вредности, солидарност – туку за економски прашања“.
Италијанската влада добила остри критики поради залагањето за посилна контрола на границата и за спречувањето мигрантските бродови да влезат во нејзините пристаништа. Минатиот месец Италија го одби хуманитарниот брод „Аквариус“ со повеќе од 600 мигранти од Африка, кој потоа мораше да се закотви во Шпанија. Одлуката на Италија беше жестоко осудена од францускиот претседател Емануел Макрон, кој рече дека Италија не е под ист миграциски притисок како минатата година. Салвини ги отфрли критиките обвинувајќи го за хипокризија.
„Другите европски земји – како Франција – ги затвораат границите и враќат 50.000 луѓе, а потоа се обидуваат да ни држат предавања“, рече Салвини додавајќи дека спасувачките бродови на невладините организации ја влошуваат кризата. „Постојат некои меѓународни мисии кои само во Италија доведоа десетици илјади мигранти“.
Ставот на Рим ги поттикна некои официјални претставници и политичари на ЕУ да ја означат Италија како опасна. Комесарот за буџет на ЕУ, Гинтер Отингер, минатата недела рече дека владите како онаа во Италија сакаат да го ослабат или дури и да го уништат европскиот проект. Салвини ги отфрли таквите тврдења и вели дека и покрај жестоката критика на миграциската политика на ЕУ, тој не се согласува дека неговата земја е управувана од анти-ЕУ влада.
„Јас не сум против Европа. Јас сум за Европа која прави малку работи, но ги прави добро – оставајќи слобода на избор на други фронтови за одделни држави.
Италија беше една од земјите што беа најтешко погодени кога избувна миграциската криза во 2014 година. Илјадници Африканци пристигнаа во земјата кога го преминаа Медитеранот, а Рим се чувствуваше напуштен од своите европски партнери.
„Оваа Европа не покажува солидарност, а Италија останува сама да се справи со миграциските бранови“, премиерот Џузепе Конте се жалеше во јуни.
Како одговор на тоа Европската комисија понуди да ѝ плати Италија по 6.000 евра за секој примен мигрант – идеја што Рим категорично ја отфрли.
„На Италија не ѝ е потребна милостина,“ рече Салвини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп ќе го пречека претседателот на Колумбија во Белата куќа на почетокот на февруари
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денеска објави дека во првата недела од февруари ќе го пречека колумбискиот претседател Густаво Петро на разговори во Белата куќа.
„Сигурен сум дека ќе биде многу добро и за Колумбија и за САД, но кокаинот и другите дроги мора да бидат запрени пред да влезат во Соединетите Држави“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social.
Зборовите на Трамп претставуваат промена во тонот по месеците остри критики кон Петро и неговата влада, обвинувајќи го колумбискиот претседател дека управува со „фабрики за кокаин“.
Трамп објави дека тој и Петро разговарале по телефон во средата и се согласиле да се сретнат во Белата куќа, но не го прецизираше точниот датум на средбата.
Во изјавите објавени денеска, Петро рече дека Трамп му рекол во телефонски разговор дека размислува за воени операции во Колумбија, што е поврзано со регионалните тензии по американската воена операција во Венецуела.
„Трамп ми рече во телефонски разговор дека размислува за лоши работи во Колумбија. Пораката беше дека тие веќе се подготвуваат, планираат воена операција“, изјави Петро за шпанскиот весник „Ел Паис“, додавајќи дека верува оти заканата е замрзната по разговорот, но призна: „Можеби грешам“.
Петро рече дека Колумбија нема капацитети за воздушна одбрана, но повика на народен отпор во случај на таква воена операција во неговата земја.
Средбата треба да се одржи во време кога односите меѓу САД и Колумбија се обидуваат да се стабилизираат и да се префрлат кон дијалог, и покрај широко распространетите разлики околу политиката за дрога и регионалната безбедност.
фото/депозитфотос
Свет
Венецуела сака да ги обнови дипломатските односи со САД
Венецуелската влада започна да истражува опции за проширување на дипломатските односи со САД, а се очекува претставници на американскиот Стејт департмент да отпатуваат во Каракас за технички и логистички проценки, соопштија двете земји. Стејт департментот соопшти дека американските претставници го проценуваат „потенцијалното продолжување“ на работењето на амбасадата во јужноамериканската земја.
Вашингтон и Каракас сигнализираа подготвеност за соработка по американската воена операција од минатата недела што резултираше со апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро. Неговата потпретседателка Делси Родригез ја презеде функцијата привремен шеф на државата.
„Венецуелската влада одлучи да започне прелиминарен дипломатски процес со американската влада, со цел повторно воспоставување дипломатски мисии во двете земји“, соопшти венецуелската влада.
Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ослободувањето на политичките затвореници во Венецуела е знак за „барање мир“ и дека како резултат на тоа го откажал планираниот втор бран напади.
Во среда, Трамп рече дека САД „се сложуваат многу добро“ со венецуелската влада предводена од Родригез, особено кога станува збор за обнова на нафтената и гасната инфраструктура.
фото/епа
Свет
Трамп му посака среќа на Орбан во изборната кампања
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, му посака среќа на унгарскиот премиер Виктор Орбан, долгогодишен сојузник, во неговата изборна кампања, според писмото што Орбан го објави на својата Фејсбук страница.
Во писмото, Трамп наведува дека „смелото лидерство“ на Орбан служи како пример за остатокот од светот. Тој додаде дека со нетрпение очекува „продлабочување на соработката“ во областите на одбраната, енергетиката и нелегалната миграција, пишува агенцијата „Ројтерс“.
„Секогаш цврсто сте стоеле во одбрана на принципите што ја прават Унгарија толку исклучително место – религијата, семејството и суверенитетот“, напиша Трамп во писмото.
Националистот Орбан се соочува можеби со најтешкиот предизвик во неговите 16 години на власт, со комбинација од економска стагнација во Унгарија, зголемување на трошоците за живот и скандал со малолетнички притворен центар што го зајакнува опозицискиот ривал чија партија води во повеќето анкети.
Изборите се очекуваат во април.
Во писмото, Трамп му се заблагодари и на Орбан за поканата да ја посети Унгарија, наведувајќи дека неговиот тим „ќе биде во контакт“ во врска со распоредот. Во понеделник, Орбан рече дека посетата на „високо рангиран“ американски политичар е веројатно да се случи пред изборите.
фото/епа

