Македонија
Црвенковски: Ќе гласам „за“ на референдумот и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми
На 30 септември ќе излезам на референдумското изјаснување и ќе гласам „за“. Ќе гласам „за“ не затоа што мислам дека преспанскиот договор е голема победа и успех, туку затоа што сметам дека е нужност од која во дадената ситуација нема бегање, порача поранешниот претседател на Република Македонија, Бранко Црвенковски.
„Ќе гласам ‘за’ не затоа што мислам дека неговото спроведување нема да предизвика негативни последици, туку затоа што негативните последици од неговото пропаѓање ќе бидат несразмерно поголеми. Нормално е дека кај секој разумен и одговорен човек кога се работи за толку важно прашање постојат дилеми. Деновиве многумина ме прашуваа дали јас би потпишал таков договор. Мојот одговор е дека во овој момент тоа е апсолутно небитно“, вели Црвенковски во својата писмена изјава.
Потписот е ставен и, како што вели Црвенковски, по тој чин враќање назад нема. Тој смета дека ниту во иднина оваа или некоја друга грчка влада ќе се откаже од стекнатите позиции со овој договор ниту меѓународната заедница (барем оној дел кон чие друштво се стремиме) ќе има разбирање за таквата наша несериозност и неспроведување на преземените обврски.
„Постојат многу причини зошто сум длабоко убеден дека евро-атлантските интеграции се единствената добра опција за нашата иднина. Повеќето од нив се безброј пати повторени и објаснети во јавноста. Во оваа пригода ќе споменам само две, кои, според мене, не се доволно елаборирани:
– За жал, во овие 27 години ние покажавме дека немаме сопствен капацитет да спроведеме квалитетни реформи во општеството, без сериозен притисок и мониторинг од надвор. И за тоа чувствувам и голема лична одговорност. Со други зборови, ако сакаме средена и уредена држава, процесот на наше интегрирање во НАТО и, пред сè, во ЕУ и исполнувањето на зададените норми и стандарди низ тој процес е, ако не целосна гаранција, тогаш сигурно нашата најдобра шанса и можност за остварување на таа цел.
– Добрите меѓуетнички односи се клуч за стабилноста и предуслов за сè друго во Република Македонија. Евентуалната подолготрајна наша бесперспективност на планот на eвро-атлантските интеграции наспроти успесите на овој план што ги прават и ќе ги прават нашите соседи, порано или подоцна ќе претставува потенцијален ризик за нашата внатрешна стабилност. Тој ризик мора благовремено да го елиминираме.
Знам дека имате многу причини за незадоволство од функционирањето на актуелната власт, вели експретседателот Црвенковски.
„Знам дека имате уште повеќе причини за незадоволство од функционирањето на сите досегашни власти. Но, односот кон политичарите и политичките партии се искажува на избори. На 30 септември е нешто сосема друго. На овој референдум ќе се одлучува не кој ќе владее, туку кој пат кон иднината како држава ќе го избереме. На 30 септември, и покрај сите мои тешки внатрешни дилеми, ќе го послушам сопствениот разум и ќе гласам “за’“!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.

