Македонија
Сведоштво на посетител на „Вардариште“: Вакво какво што е, итно да се затвори!
Здружение за заштита на животните „Анима мунди“ пренесува сведоштво на еден посетител на „Вардариште“ и серија фотографии објавени на „Фејсбук“, со кои се повикуваат граѓаните да удомат милениче и да го спасат од агонијата со која секојдневно се соочуваат изгладнетите и болни кучиња.
„’Вардариште’, 8 септември 2018 ( 21 век). Наближуваш и слушаш пискотници. Гледаш огромна депонија и кутренца си роварат низ неа гладни, болни. Колку да се припремаш за внатре. Влегуваш (ако те пуштат!). Неизбежен контакт со вработените. Прво одиш на распит зошто си дошол. Имаш впечаток дека се со посебни потреби. Прости ми, боже.
Внатре?! Секој бокс со куче или мајка со мали. Шарковци, хаски, ретривери… Сите биле мали и слатки некогаш. Некои биле поклон за роденден, Божик, други па за децата да си играат. Завршила таа епизода, не им е тој филмот веќе, ајт на улица. И еден куп други недефинирани раси, од сите бои и големини, ама сите носат душа. Само не ситна колку вашата! Да се разбереме!

Некои рипаат параноично, се бесат на кафезите, цвичат, лаат, некои бесно гневно лаење, други плачат, трето од таму завива. Цел еден оркестар од убитачно болни крици. Ги вкопале ноктите меѓу решетките, да можат ќе ги откорнат вратичките. И со поглед те пратат дур ги одминуваш покрај кафезите. А шинтерот ти дише во врат да се фокусираш на тоа што го бараш и да фаќаш магла.

Смрди на мочки и гомна, ги слушаш мувите и ги гледаш како се навртеле на изметот расфрлан насекаде низ кафезите. Мокро внатре, ѕидовите жолти испосрани. Лежат на ладно и мокро.

Ај овие цвичат, ама има такви што не се борат повеќе. Се откажале, им згаснала и последната надеж или па немаат веќе сила! Дремат во агонија, се потпреле со главата на ѕидот и залутале со погледот…

Ти од слобода на улица да ги ставиш во рамки, во тие мочани кафези е убиство на душата. Прво твојата ја убиваш, па нивната. И да се нема ни малку осет за нивното страдање. Ладни, сеедно им е, ни слушаат ни гледаат. Според мене, емотивно се хендикепирани 100 посто и немаат контакт со реалноста. Е, такви луѓе работат и управуваат со стационарот.
Напикани мајки со мали. Едно малечко ја стиснало со двете рачиња решетката, а не е свесно дека никогаш од таму нема да излезе.

Ако вас ви паѓа тешко ова што го читате, мене ми се лоши и ми се враќа сликата и мирисот на фекалиите го осеќам. Тогаш како им е на нив внатре во кафезите. Јас си отидов, они останаа. И сè уште секој миг ја живеат таа реалност. Луѓе тие животни таму се осудени на смрт. Не знам дали сте свесни за тоа??? Зошто не одете да удомите некое? Особено тие што се спремни да платат за миленик! Алоо, какви пари, бре? Може ли ова со пари да се плати? Знаете ли која е цената животните што ја плаќаат лутајќи по цели денови гладни и болни по улиците, зима и лето?
Од сето ова ќе се понуди ли некој за дом за некое од сликите и видеата, да одам да го извадам од таму? За едно веќе имам привремен дом. Разгледајте ги убаво сликите, знам дека се многу, ама вреди. Одберете си, има прекрасни кутриња“, се веи во сведоштвото објавено на социјалната мрежа „Фејсбук“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана: Одлична прилика за зајакнување на напорите за приближување кон ЕУ
Премиерот, Христијан Мицкоски, денеска во Тирана, Албанија, присуствува на Самитот на лидерите „Нашиот пат кон ЕУ“.
„Овој значаен собир претставува одлична прилика за продлабочување на дијалогот и зајакнување на заедничките напори на земјите од Западен Балкан во процесот на приближување кон Европската Унија“, вели Мицкоски.

Тој додава дека нашата земја останува решително ориентирана кон европските интеграции и регионалната соработка, како клучни столбови на нашата заедничка визија за просперитетен Западен Балкан.
Македонија
Студентските ваучери стартуваа, процесот се одвива брзо и без проблеми, трговците спремни но и залихите се трошат брзо
По повеќемесечни очекувања стартуваше програмата за студентските ваучери за 2025 година, а скоро 10.000 студенти веќе го подигнале својот одбран уред од економските оператори, што значи дека првите денови од програмата се со неочекувано голема реализација.
Според информациите од терен, интересот кај студентите е огромен и процесот на избор, резервација и подигнување на уредите засега функционира без застој.
Од ИТ-секторот велат дека се соочуваат со најголемиот прилив на млади купувачи во последните години, но додаваат и дека се подготвени многу подобро отколку кога било. Некои од поголемите трговци во технолошкиот сегмент веќе имаат имплементирано дополнителни системи за организација и оптимизирање на процесот.
Подготовките започнале уште пред три месеци
Од компанијата Анхоч која моментално има најголем број на искористени ваучери истакнуваат дека веќе неколку месеци работеле интензивно да создадат беспрекорен процес за реализација на студентските ваучери се со цел да може да одговорат брзо и ефикасно на барањата на студентите.
Во разговор за нашата редакција, од тимот на Анхоч велат:
„Целата кампања ја подготвувавме уште од летото, повеќе од три месеци. Почнавме со голема студентска анкета преку која го слушнавме мислењето на студентите. Не интересираше што им е потребно, што им недостига и што очекуваат од ваучерите. Врз база на таа анкета ја креиравме понудата за најпотребните уреди.“
Од таму дополнуваат дека уште пред официјалниот старт на ваучерите, бил лансиран системот за предрезервации, со цел студентите да можат со сигурност да го обезбедат точниот модел што го сакаат.
„Со предрезервациите им обезбедивме сигурност и ред. Илјадници уреди беа резервирани однапред, со што студентите обезбедија сигурна залиха, а избегнаа стрес и чекање. Со активирањето на ваучерите, за најбараните уреди, за во Скопје го активиравме и автоматизираниот систем за закажување термини каде секој студент добива сопствен линк, го бира датумот, времето и локацијата за подигнување.
Така сите се услужени навремено и без гужви“, појаснуваат од Анхоч.
Студентите задоволни
Првите реакции на студентите се позитивни. Голем број од нив веќе го подигнале и го искористиле својот ваучер и велат дека процесот за аплицирање и реализација е лесен и брз со исклучок на првиот ден кога имало спор одзив на веб страната за аплицирање.
Висока побарувачка
Со официјално најавени над 55.000 ваучери, ИТ секторот е под висок притисок, но компаниите уверуваат дека се подготвени за динамиката. Дел од моделите веќе се продадени но нови залихи пристигнуваат во следниот период.
Македонија
Изминатите четири дена уапсени седум лица за безобзирно управување на возило
Во периодот од (17/20.11.2025) како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ земјава, од вкупно 2415 издадени платни налози, 435 прекршоци се однесува на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобзирно управување на возило согласно член 297-а од Кривичниот законик биле седум лица, од кои шест за возење под дејство на алкохол, а едно лице за возење со брзина поголема од дозволената надвор од населено место.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, евидентирани се 824 прекршоци за неправилно паркирање, 270 мерки се изречени за возачи кои управувале возило без возачка дозвола, 16 санкции за минување на црвено светло, изречени се 175 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 23 санкции за возење под дејство на алкохол.
Санкционирани се и 115 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, како и 79 мерки за возачи поради користење мобилен телефон при возење. Согласно Законот за возила, 74 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а 25 заради техничка неисправност. Изречени се и соодветни мерки за седум возачи на моторни возила поради затемнети стакла односно непрописно вградени фолии“, соопшти МВР.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредниот период.

