Македонија
Македонија првпат ќе тестира дали има храна третирана со јонизирачко зрачење
Агенцијата за храна и ветеринарство првпат ќе врши испитувања дали на македонскиот пазар има храна третирана со јонизирачко зрачење во согласност со мониторинг-програма за безбедност на храна.
Испитувањата ќе се вршат во интегрираната лабораторија за примена на јонизирачки зрачења при Факултетот за електротехника и информациски технологии. Агенцијата ќе зема мостри од храната, а во лабораторија на ФЕИТ ќе се вршат испитувањата на храната што се увезува во Македонија.
„Почнувајќи од оваа година, во согласност со мониторинг-програмата за контрола и безбедност на храната, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе испитувања дали храната што се продава на македонскиот пазар е третирана со јонизирачко зрачење. Станува збор за употреба на една од поновите технологии со кои се продолжува рокот на траење на производите и се подобрува нивниот квалитет и безбедност, но, чија употреба, според законските прописи, треба да биде означена на производот. Во согласност со Правилникот за посебните барања за безбедност на храната третирана со јонизирачко зрачење, дозволено е да се врши третман на суви билки, зачини, суво овошје и зеленчуци затоа што тој е усогласен со европската легислатива“, вели Зоран Атанасов, директор на Агенција за храна и ветеринарство на Република Македонија.
Според него, во Македонија засега нема одобрени објекти за третман на храната со јонизирачко зрачење.
„Објектите во кои храната може да се третира со јонизирачки зраци треба да бидат одобрени од Дирекцијата за радијациона сигурност и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се работи за прашање за заштита на правата на потрошувачите кои треба да знаат каква храна консумираат. Никако не станува збор за штетна, за небезбедна храна. Со увозот, веројатно, влегува таква храна. Сега ќе се вршат контроли дали увезената храна која е третирана со јонизирачки зраци е означена, но и дали навистина таквата храна е третирана со јонизирачки зраци “, дообјасни Атанасов.

Според професор д-р Христина Спасевска, национален координатор на проектот, интегрираната лабораторија за примена на јонизирачки зрачење при ФЕИТ засега има две методи со кои може да се вклучи во реализација на мониторинг-програмата на Агенцијата за тестирање на производи според правилникот, како што се зачини, чаеви, суво овошје и зеленчук.
На Факултетот изминативе неколку дена се случуваат настани поддржани од Меѓународната агенција за атомска енергија, меѓу кои обука и работилница од странски експерти за тоа што значи третирање на храната со јонизирачко зрачење и колку таа е безбедна за консумирање. Националната работилница се организира под покровителство на Меѓународната агенција за атомска енергија во рамките на регионалниот проект „Користење напредни технологии за третирање материјали со јонизирачко зрачење“.
„МААЕ промовира безбедна и мирољубива примена на нуклеарните технологии. Преку проектите за техничка поддршка ги зајакнуваме капацитетите за примена на технологиите со јонизирачко зрачење. Се надевам дека Македонија ќе има голем бенефит од примената на нуклеарните технологиите и информациите и знаењето во оваа област ќе придонесе за подобар социо-економски развој на земјата“, вели програмскиот офицер на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Томако Фурусава, задолжена за сите проектни активности за Република Македонија.
Професор д-р Маргарита Гиновска од Факултетот за електротехника и информациски технологии ги презентира активностите на интегрираната лабораторија.
„Целта на оваа лабораторија е да дејствува како центар за испитување на разни материјали со примена на напредни технологии, пренесување знаења и искуства во таа област, со посебен акцент кон соработката и иновативните услуги што ги нуди лабораторијата на индустријата, националните центри и агенции, владините институции, истражувачките центри, научните институти и други. Планираме лабораторијата да прерасне во национален центар за примена на напредните технологии за третирање и испитување материјали со јонизирачко зрачење градејќи широка мрежа за национална и регионална соработка во таа област“, рече Гиновска.
Агенцијата за храна и ветеринарство, во партнерство со Факултетот за елетротехника и инфомациски технологии во Скопје и Биотехничкиот факултет од Битола, ќе спроведат нов двегодишен проект „Зголемување на капацитетите во Република Македонија за користење нуклеарни техники за безбедност и детекција на храна третирана со јонизирачко зрачење“, кој комплетно е финансиран од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ). Со овој проект ќе се обезбеди и опрема за детектирање храна од месо и млечни производи. Исто така, ќе се обучат и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство за земање мостри што лабораториски ќе бидат тестирани на ФЕИТ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

