Свет
Објавено контроверзно видео од Вајнштајн, жртвата тврди дека е снимено пред да ја силува
Американка која тврди дека е една од жртвите на холивудскиот продуцент Харви Вајнштајн, Мелиса Томпсон, сподели видео на кое се гледа како тој ѝ се додворува и ја допира за време на деловен состанок. Видеото е направено, како што вели таа, неколку часа пред да ја силува во хотелска соба.
Мелиса се сретнала со Вајнштајн во неговата канцеларија. На видеото се гледа како познатиот продуцент постојано ѝ се додворува, а таа се обидува да го избегне неговото флертување. Мелиса во интервју за „Скај њуз“ раскажа дека не знаела како да се справи со ситуацијата.
На самиот почеток на состанокот се гледа дека Мелиса му пружа рака да се поздрави, но тој ја прегрнува и ја гали по грбот.
„Си помислив ‘Добро, ме прегрнува, сега што да правам’?“, вели Мелиса. На прашање на новинарката дали му дала причина на Вајнштајн да се однесува така кон неа, Мелиса вели: „Првин се обидував да одговорам на неговите коментари. Сега гледам дека тој се обидува на секој начин да ме тргне од сигурната зона за да се почувствувам ранливо и да препознаам дека тој ја има моќта, а не јас“.
Таа во интервјуто вели дека на состанокот ѝ ја ставил раката под фустанот и дека во еден момент му рекла дека претерува и дека ја галел по рамото. „Како стигнав до таму? Тоа ми се вртеше во главата и само мислев како да се извадам од таа ситуација. Во одреден момент неговото однесување се менуваше, очите му стануваа мрачни“, вели Мелиса.

Мелиса Томпсон
На прашањето дали оние што ќе ја гледаат снимката ќе си помислат дека таа сакала да флертува со него, Мелиса вели:
„Тоа е многу покомпликувано од што изгледа. Мислев дека можам да се справам со ситуацијата, да ја контролирам“.
На снимката се гледа како Вајнштајн ја кани на пијалак во 17 часот, а Мелиса прифаќа. Таа вели дека мислела оти е на сигурно и дека ќе се сретнат на јавно место. „Во лобито од хотелот само ми рече: ‘Дојди со мене’, раскажува Мелиса. Таа вели дека мислела оти ќе одат во конфернециска сала на состанок за да склучат договор и дека не ни сонувала оти ќе се најде во неговата соба, во која, како што тврди, ја силувал.

Фото: ЕПА
Вајнштајн е соочен со тешки обвиненија за силувања, а истрагата сè уште трае. Доколку биде прогласен за виновен, може да биде осуден на 25 години затвор. Тој ги негира обвиненијата. Мелиса е една од трите жени што поведоа судска постапка против него оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија успешно го тестираше нуклеарниот подводен дрон „Посејдон“
Русија спроведе успешен тест на подводниот дрон (торпедо) „Посејдон“ со нуклеарен погон, чија моќност ја надминува моќноста на интерконтиненталната ракета „Сармат“, објави денес претседателот на Руската Федерација Владимир Путин.
„Вчера спроведовме уште еден тест на нов перспективен комплекс, подводното беспилотно возило „Посејдон“, исто така со нуклеарна енергетска единица. За прв пат успеавме не само да го лансираме од подморница-носач со помош на стартер мотор, туку и да активираме нуклеарен реактор кој работеше одредено време“, рече Путин за време на посетата на Централната воена болница во Москва, пренесува РИА Новости.
Тој го оцени тестирањето како „огромен успех“, нагласувајќи дека „Посејдон“ нема пандан во светот ниту по длабочина ниту по брзина на движење.
„Моќта на „Посејдон“ значително го надминува „Сармат“. Нема начин да се пресретне, а веројатно нема ни да има во блиска иднина. Покрај сите предности, неговиот реактор е сто пати помал од оној на нуклеарна подморница, додека неговата моќ е поголема од моќта дури и на нашата најнапредна интерконтинентална ракета, „Сарма“. Такво оружје не постои во светот“, рече рускиот претседател.
„Посејдон“ е нуклеарно беспилотно возило развиено како дел од платформата за повеќенаменска одбрана на подморницата на Руската морнарица.
За прв пат беше претставено во 2018 година, кога тогашниот командант на Руската морнарица, Владимир Королев, изјави дека системот ќе овозможи извршување на широк спектар на задачи во оддалечени морски зони.
За време на посетата на болницата, Путин разговараше и со ранетите учесници во „Специјалната воена операција (СВО)“ и извести за напредокот на руската армија во регионите Купјанск и Красноармејск.
„Ситуацијата во зоната на „специјални операции“ се развива поволно во целина. „Противникот“ е блокиран во Купјанск и Красноармејск и е во близина“, рече Путин, додавајќи дека Украина треба да одлучи за судбината на своите војници во тие области.
Тој изјави дека руските вооружени сили се подготвени да обезбедат пристап на медиумите, вклучително и на украинските и странските новинари, до зоните на опколување, и дека борбените операции би можеле привремено да бидат прекинати во тој период.
Фото:
Свет
Сијарто: Европа е зафатена од воена треска, се подготвува за конфликт со Русија
Европа е зафатена од воена треска и сè поотворено се подготвува за војна, предупреди унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, коментирајќи ја намерата на Европската Унија да му испрати на Киев речиси 200 милијарди евра за оружје и функционирање на државата.
„Кога зборуваме за мобилизација на 60 милијарди евра европски пари за вооружување на украинската армија или за испраќање 130 милијарди евра во Украина, тешко е да се нарече тоа поинаку, освен подготовка за војна“, рече Сијарто во емисијата „Борбен час“.
Според него, наместо да придонесува за мирот, Европската Унија сè подлабоко тоне во политиката на конфронтација, што може да има далекосежни последици за безбедноста на континентот.
Сијарто истакна дека единствениот пат до стабилност е евроазискиот дијалог бидејќи без Русија, како што рече, не е можно да се создаде реална и одржлива безбедносна архитектура во Европа.
„Нереално е да се мисли дека Европа ќе биде безбедна ако Русија остане изолирана. Безбедноста е можна само преку соработка, а не преку санкции и конфронтација“, рече шефот на унгарската дипломатија.
Фото: принтскрин
Свет
Порака од Првата светска војна пронајдена на австралиска плажа
Пораки во шише напишани од двајца австралиски војници неколку дена по заминувањето со брод на фронтот во Франција за време на Првата светска војна се пронајдени повеќе од еден век подоцна на брегот на Австралија.
Шишето од брендот „Швепс“ е пронајдено веднаш над линијата на водата на плажата Вартон во близина на Есперанс во државата Западна Австралија од страна на Питер Браун, кој со ќерка си Фелисити бил на една од редовните семејни експедиции со квадбајк за чистење на плажата од ѓубре, потврди неговата сопруга Деб Браун, пренесува АП.
„Многу чистиме на нашите плажи за никогаш да не поминеме покрај парче ѓубре. Значи, ова мало шише само стоеше таму чекајќи нè да го собереме“, рече Деб Браун.
Внатре во проѕирното дебело стакло се наоѓале весели писма напишани со молив од војниците Малколм Невил (27) и Вилијам Харли (37), датирани на 15 август 1916 година. Нивниот воен брод тргнал од Аделаида, главниот град на Јужна Австралија, на 12 август истата година, на долго патување до другата страна на светот, каде што австралиските војници требало да го зајакнат 48. австралиски пешадиски баталјон на Западниот фронт во Европа. Невил бил убиен во акција една година подоцна, а Харли бил ранет двапати, но ја преживеал војната, за да умре во Аделаида во 1934 година.
Војникот Невил го замолил оној што ќе го најде шишето да го достави писмото до мајка му Робертина Невил во Вилкават, сега практично град на духови во Јужна Австралија, а Харли, чија мајка починала до 1916 година, напишал дека ќе биде среќен ако оној што ќе го најде шишето ја зачува неговата порака.
Внуката на Харли, Ен Тарнер, рекла дека нејзиното семејство било апсолутно вџашено кога ја пронашле пораката на дедо ѝ во шише. „Едноставно, не можеме да веруваме. Навистина изгледа како чудо и навистина се чувствуваме како дедо да ни се обратил од гробот“, изјави Тарнер за Австралиската радиодифузна корпорација.
Праправкукот на Невил, Херби Невил, рече дека неговото семејство било обединето од неверојатното откритие. „Звучи како да бил доста среќен што отишол во војна. Толку е тажно што се случило. Толку е тажно што го загуби животот. Каков човек беше“, рече Невил.
Фото: принтскрин

