Македонија
(Видео) Заев-Мичел: Референдумот е шанса за остварување на нашите стратешки цели и затоа поддршката на САД е клучна

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и своите соработници, оствари средба со помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел, кој беше придружуван од амбасадорот на САД во Земјава, Џес Бејли.
На средбата премиерот Заев уште еднаш се заблагодари за континуираната поддршка којашто Република Македонија низ годините ја добива од Соединетите Американски Држави. Премиерот Заев истакна дека денешната посета на помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел е силно охрабрување за Владата, но и за граѓаните на оваа земја пред историскиот предизвик со којшто сме соочени, а тоа е спроведување на успешен референдум.
„Секоја голема одлука е резултат на компромис. Но, во нашиот случај, компромисот е исчекор напред. Исчекор што ќе ни овозможи членство во ЕУ и НАТО со сите придобивки кои доаѓаат со тоа. Референдумот е шанса за остварување на нашите стратешки цели. Тоа се цели на сите претходни генерации, донесени како наша суверена одлука, со сеопшт политички и меѓуетнички консензус. И затоа и натаму ќе продолжиме да ги охрабруваме граѓаните да гласаат на референдумот“, посочи премиерот Заев на средбата.
Мичел истакна дека Соединетите Американски Држави се импресионирани од резултатите коишто ги постигна земјава во изминатава година и пол и најде решение за проблем стар 27 години.
Помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Мичел исто така потенцираше дека Република Македонија и натаму ќе добива силна поддршка од Америка бидејќи, како што рече, очигледно е дека граѓаните посакуваат иднина во евро-атлантското семејство на народи.
Премиерот Заев повторно ја повика опозицијата јасно да го каже својот став. Бидејќи, како што рече, неодговорноста и непрепознавањето на историската шанса не се патриотски постапки. Не се постапки на лидери.
Повик до граѓаните да излезат и да гласаат на претстојниот референдум на 30 септември, преку медиумите, испрати и помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд

Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.
На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.
АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Борова шума гори во Берово, депонии во Прилеп и во Долнени во пламен, чади и во Вардариште

Македонија денеска се соочува со сериозна слика на теренот – до 12 часот регистрирани се вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најсериозната состојба е во Берово, каде над туристичката населба Абланица огнот зафатил висококвалитетна борова шума. Силниот пламен и густата вегетација го отежнуваат гаснењето, а екипите се на терен и се борат за да го спречат огнот да се прошири кон населбата.
Во општина Долнени, депонијата во селото Дебреште е зафатена од пламен, што предизвикува дополнителни проблеми со густ чад и непријатен мирис кој се шири кон околните села. Слична е ситуацијата и во Прилеп, каде пожар избувна во фабриката „Изофас“, каде што огнот се проширил на ниска вегетација. Таму пожарникарите дејствуваат за да спречат ширење кон индустрискиот дел.
Во Скопје, на територија на општина Гази Баба, огнот зафати ѓубриште во Вардариште. Благодарение на брзата реакција, овој пожар е ставен под контрола и не претставува закана за пошироката околина.
Добра вест е што три пожари веќе се изгаснати. Во Гевгелија, кај селото Конско, пламенот кој зафатил ниска вегетација и дива депонија е локализиран. Исто така, изгаснат е и пожарот на депонијата во селото Банско кај Струмица, како и оној во Дебар, каде што огнот се проширил на плевна во близина на градските гробишта.
Од ЦУК апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се предупредуваат да бидат претпазливи и веднаш да пријават секое забележано жариште.
Македонија
Трка во чест на херојот од Кочани кој 11 пати возеше до Скопје за да спаси животи и го загуби својот

Делчево е домаќин на првото издание на „Голак Треил“, спортски настан кој комбинира планинско трчање и брзо одење низ живописните предели на планината Голак. Настанот има хуманитарен карактер и е посветен на прерано починатиот Иле Гоцевски, возачот на Брза помош во Кочани, кој остана запаметен по својата пожртвуваност и хуманост.
Иле Гоцевски, во текот на трагичната ноќ кога животите беа во прашање, 11 пати возеше од Кочани до Скопје за да помогне во спасувањето на пациентите. Неговата посветеност и храброст станаа симбол на вистински хуман гест, но за жал тој го загуби сопствениот живот.
„Во негова чест, патеката на првото издание на ‘Голак Треил’ ќе биде долга 11 километри, симболично претставувајќи го патот на Иле и неговата борба за секој спасен живот,“ соопштија од Еколошкото друштво „Голак“, организатор на настанот.
Сите собрани средства од котизациите ќе бидат донирани на „Support Kocani“, а настанот, покрај хуманитарниот карактер, ќе има цел и да ја промовира планината Голак како природна дестинација за спорт, рекреација и туризам.
Организаторите нагласуваат дека преку вакви иницијативи сакаат да ја зголемат свеста за значењето на здравиот начин на живот, но и да го поттикнат развојот на туризмот во источниот дел на Македонија.