Регион
Од утре нови цени на патарините во Србија
ЈП „Путеви Србије“ ја информира јавноста дека со одлуката за измена и дополнување на одлуката за висината на посебната такса за користење на јавниот пат, неговиот дел и патниот објект – патарина, е извршено усогласување на девизниот ценовник за патарина со важечкиот курс на еврото.
Новиот ценовник почнува да важи од утре, 15 септември.
Врз основа на новата одлука тековниот девизен ценовник се пресметува според курсната листа бр. 173 од 10. 9. 2018 година и средниот курс на еврото од 118,2951 динари.
Новата одлука исто така го дефинира заокружувањето на цените во евра, така што вредноста од 0,01 до 0,49 е заокружена на 0,50 евра и од 0,51 до 0,99 на 1,00 евро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Драма во Зеница: маж осуден за воени злосторства дошол во полициска станица и се заканувал со бомба
Голема драма се одвивала утрово во Зеница кога маж извадил рачна бомба откога се дознало дека е осуден за воени злосторства.
Според медиумите, Д. Х. (56) од Зеница престојувал околу осум часа во просториите на полициската станица за да ги оствари своите права.
„Од извршените проверки е утврдено дека тој се бара од страна на Општинскиот суд Зеница за издржување затворска казна бидејќи е осуден за воено злосторство“, изјави Самир Валентиќ, портпарол на МВР.
При обидот за апсење извадил рачна бомба и им се заканувал на полицајците.
„Потоа се оддалечил од просториите на полициската станица. Со брза интервенција на полициски службеници бил лоциран, лишен од слобода и спроведен во службени простории. За ова била известена и судската полиција. Лицето ќе биде предадено во полиција, која ќе го одведе на издржување на казната. Делата што ги извршил утрово ќе бидат документирани од полициските службеници од Одделот за криминалистичка полиција“, додаде Валентиќ.
Регион
„Беше полн со живот, штотуку почна да живееш, толку се мачеше“: врсниците се простија од тинејџерот претепан до смрт во Лесковац
„Почивај во мир, наш Шики, ангелите да те чуваат, засекогаш ќе останеш во нашите срца!“, пишува во една од потресните објави на пријателот на 17-годишникот од Лесковац, кој до смрт бил претепан од 18-годишен тинејџер, пишуваат српските медиуми.
Социјалните мрежи се преплавени со објави на врсници на А. И., кој вчера беше претепан до смрт. Пријателите се збогуваат со него потсетувајќи дека А. И. бил добро момче и уште подобар пријател.
„Каква тага. Засекогаш наш Шики“, „Сочуство до семејството, срцето ми се кине“, „Почивај во мир, добро момче“, „Беше полн со живот, штотуку почна да живееш, толку многу се мачешe “, се дел од објавите.
Медиумите потсетуваат дека денеска во 17 часот е планиран собир на местото на кое до смрт беше претепан тинејџерот и на кое граѓаните ќе запалат свеќа.
Според написите, 17-годишниот А. И., кој вчера беше брутално претепан, им подлегнал на повредите на Ургентниот центар во Лесковац. Соопштено е дека лекарите и покрај големата борба, не успеале да го реанимираат. Неколку часа по нападот на момчето, кое им подлегна на повредите, полицијата уапси неколку малолетници.
Регион
17-годишен тинејџер почина по тепачка во Лесковац: лекарите еден час се обидувале да го ожевеат
17-годишнoто младo момче кое околу 14 часот беше брутално претепано пред средното хемиско училиште во Лесковац, им подлегнало на повредите во болница, потврдиле од здравствената установа, пренесуваат тамошните медиуми.
Лекарите од итната служба се обидувале да го оживеат речиси цел час, но, според написите, момчето веќе бил донесено со возило на брза помош без знаци на живот.
„Донесен е во бесознание, со широки зеници, бледа кожа и мукозни мембрани, без пулс и немерлив притисок. Лекарите во Итната медицинска помош веднаш започнале со интензивна реанимација. За жал, смртта настапила во 15 часот и 45 минути. Причината за смртта ќе биде утврдена со обдукција“, изјавил директорот на Општата болница Лесковац.
Според неофицијални информации, како што пишуваат српските медиуми, младиот човек бил нападнат пред училиштето од двајца момци на жолт скутер кои побегнале од местото.
„Пулсот на момчето уште додека лежеше на асфалтот се губеше“, според лекарите од итната помош.
Според очевидци, пријателот на момчето бил приведен во полициска станица за да даде исказ како сведок.
Порталите во соседството пренесуваат дека момчето било ученик на Текстилното училиште и дека живеело во згрижувачко семејство. Полицијата и инспекторите се излезени на местото на настанот а по напаѓачите интензивно се трага.