Економија
„Стандард енд пурс“: Ако референдумот не успее, може да дојде до нова политичка криза

Агенцијата „Стандард енд пурс“ во најновиот извештај за Македонија наведува дека евентуалниот неуспех на референдумот би можел да резултира со нова политичка криза во Македонија. Од друга страна, успешното разрешување на проблемот со името би го отворил патот за преговори за членство во ЕУ и НАТО.
„Притоа, ‘Стандард енд пурс’ нотира дека постои неизвесност околу референдумот и понатамошната собраниска постапка, и дека евентуалниот неуспех би можел да резултира со нова политичка криза во Македонија. Од друга страна, успешното разрешување на проблемот со името би го отворил патот за преговори за членство во ЕУ и НАТО. Ова би имало долгорочни економски придобивки како резултат на имплементирањето на реформите во текот на преговорите, како и придобивки од подобрената доверба на инвеститорите и приливите на странски инвестиции“, пишува во соопштението на Министерството за финансии.
Агенцијата во извештајот наведува и дека го потврдува кредитниот рејтинг на Македонија ББ-/Б, со стабилен изглед.
Според извештајот, после стагнацијата во 2017 година, забележан е засилен економски раст од 3,1% во вториот квартал, и покрај падот на инвестициите, што укажува на силни перформанси во останатиот дел на економијата. Се очекува дека растот на среден рок ќе изнесува околу 3%, при позитивен придонес на јавните и приватните инвестиции како одраз на подобрената политичка стабилизација, а се очекува и позитивен придонес од нето-извозот. Понатаму, се очекува дека буџетскиот дефицит во 2018 година ќе биде во линија со таргетот на Владата од 2,7%. Агенцијата го оценува јавниот долг на Македонија како умерен во глобален контекст. Притоа, после подолг период на раст во минатото, се оценува дека во наредниот период долгот постепено ќе се стабилизира, и ќе изнесува 48,8% во 2021 година (државниот долг и долгот на ЈПДП). Притоа, оваа оценка го одразува очекуваниот буџетски дефицит, но и растечкиот долг на ЈПДП, како и подмирувањето на неплатените обврски.
Како што соопшти МФ, „Стандард енд пурс“ наведува дека може да дојде до подобрување на рејтингот доколку реформите се имплементираат навремено и се постигне понатамошен напредок во разрешувањето на проблемот со името, и ова води кон подобри економски перспективи и зголемување на веројатноста за членство во ЕУ. Наспроти ова, врз влошување на кредитниот рејтинг може да влијае враќањето на политичките тензии или забавувањето на темпото на реформи, што би имало негативен ефект врз растот и странските инвестиции, како и во случај на фискална недисциплина или вон-буџетски активности кои би ја довеле во прашање оддржливоста на јавниот долг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Славески со ИФЦ: соработка за унапредување на дигиталните финансии и финансиската вклученост

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, ја оствари својата прва средба со претставникот на Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) во земјава, Висар Перани. На средбата се разговараше за можностите за соработка меѓу Народната банка и ИФЦ во повеќе области, вклучително и во рамките на проектот на ИФЦ насочен кон унапредување на дигиталните финансиски услуги и поттикнување на финансиската вклученост во регионот.
Проектот се спроведува во контекст на стратегиските определби на ИФЦ за создавање напреден и одржлив дигитален финансиски екосистем, заради поддршка на иновациите, градење капацитети кај давателите на финансиските услуги и за развој на конкурентна и сеопфатна околина.
Во текот на разговорот, беше истакната важната улога на Народната банка во дигиталната трансформација на финансискиот систем преку современа регулатива и активности што ја поттикнуваат иновацијата. Посебен акцент беше ставен на новата правна рамка во платежната сфера, којашто овозможи отворање на пазарот за нови даватели на услуги и поттикнување на финтек-иновациите.
Гувернерот Славески ја нагласи подготвеноста на Народната банка за унапредување на соработката со ИФЦ, особено во делот на поддршката за давателите на платежните услуги во натамошната интеграција со платните системи на Европската Унија, по членството во СЕПА, како и во развојот на инстант плаќањата и подготовката на новата среднорочна стратегија за развој на платниот систем.
Претставниците на ИФЦ го нагласија значењето на усогласувањето на регулативните рамки со меѓународните стандарди и поттикнувањето партнерства помеѓу банките, финтек-фирмите и приватниот сектор.
Средбата претставува важен чекор кон унапредувањето на партнерските односи меѓу Народната банка и ИФЦ, заради зајакнување на финансискиот екосистем и промовирање на финансиската вклученост, велат од НБРМ.
Економија
Дурмиши за новата потрошувачка кошничка: ќе служи за градење политики поврзани со минималната плата и ќе се усогласи со европските стандарди

На четвртата седница на Економско-социјалниот совет, министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши ја истакна важноста од повторното активирање на трипартитниот дијалог меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, кој претставува суштински механизам за социјална кохезија и економски напредок. Тој ги поздрави новите претставници на Конфедерацијата на слободни синдикати, со што, како што рече, се враќа легитимитетот на Советот.
Министерот информираше дека е успешно завршена постапката за утврдување на репрезентативноста на синдикатите – прашање што подолг период го блокираше нормалното функционирање на ЕСС. Воедно, се предложени измени на Законот за работни односи, со кои прагот за репрезентативност се намалува од 10 на 5 проценти, со цел да се поттикне поинклузивен и плуралистички социјален дијалог.
Дурмиши го претстави и процесот за изработка на нова, официјална методологија за пресметка на потрошувачката кошничка, заснована на проверливи и релевантни податоци од Анкетата за потрошувачка на домаќинства, спроведена од Државниот завод за статистика. Новата кошничка ќе служи како основа за градење политики поврзани со минималната плата и социјалните трансфери и ќе биде усогласена со европските стандарди.
Економија
Трипуновски: Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм

Откупните цени за пиперката се зголемени – прва класа ќе се откупува по 45 денари за килограм, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„На состанокот се договорија откупните цени по класи за пиперката. За прва класа откупната цена на пиперката изнесува 45 денари, за прва-втора класа е 35 денари, за втора класа откупната цена изнесува 20 денари, а за трета класа откупната цена ќе биде 15 денари”, појасни министерот.
Тој посочи дека тоа се почетните цени со кои што ќе започне откупот на пиперката за реколтата 2025 година.
„Пиперката во Македонија се одгледува во два региони – струмичкиот и прилепскиот регион. Бербата треба да биде во договорен период за да не се соочиме со зголемена количина на берба на пиперка во текот на денот и да имаме застој во откупот”, додаде министерот Трипуновски.
Министерот истакна дека оваа година откупните цени за пиперката се зголемени во однос на минатата година.
„Текот на откупот ќе го следиме преку Државниот инспекторат за земјоделство. Како Министерство стоиме на располагање, а трендот на зголемување на земјоделското производство треба да продолжи и понатаму”, посочи тој.