Македонија
Центар се вклучува во проектот на ЕУ „Social biking Challenge“

Центар е прва и единствена општина во Република Македонија која се вклучува во проектот на Европската Унија „Social biking Challenge“, во рамките на Европската недела на мобилност што традиционално се одржува во периодот од 16 до 22 септември.
Годинешното мото „Комбинирај и движи се“ за чиста животна средина и стимулирање на возењето велосипед како секојдневна навика, претставуваше поттик општината да се пријави како локален координатор и да го спроведе тринеделниот предизвик што почнува на 16 септември, а завршува на 6 октомври.
Ова е еден вид натпревар, поделен во три фази, во кој заинтересираните лица може да учествуваат преку регистрација и бесплатно преземање на мобилната апликација BikePrints што е достапна на Google Play и Apple app store.
Апликацијата им овозможува на учесниците да ги регистрираат своите маршрути и поминатите километри, при што се натпреваруваат со другите учесници од градовите во Македонија, како и со тие од европските градови.
Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, ги повикува сите граѓани да се пријават на предизвикот и на тој начин директно да учествуваат во Европската недела на мобилност, со што заедно ќе придонесеме во имплементацијата на новите начини на зелен превоз и во намалувањето на загадувањето што го предизвикува транспортот.
Општина Центар ќе ги награди најуспешните учесници со велосипед со кациги и со други велосипедски реквизити, а оние што ќе постигнат најдобри резултати на европско ниво ќе бидат и дополнително наградени и од партнерите на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Петрушевски: Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски кого го спасија и држат на функција

Кога СДС повторно лажно ќе прашаат за истрагата за Кочани, нека погледнат накај главниот обвинител Коцевски, кого го спасија и го држат на функција, кажа денеска на прес-конференција, Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС и главниот обвинител Коцевски, играа пинг-понг во јавноста, се до моментот кога тој требаше да си замине од позицијата, па СДС мораше јавно да истапи и да го брани, за да се спасат себе си. Кога граѓаните се прашуваат до каде е случајот, треба да знаат дека е на линија помеѓу главниот обвинител Коцевски и СДС. Вторите лажно го напаѓаа првиот, за да создадат привид во јавноста, операција која не им успеа затоа што мораа да го бранат во Собрание, да не останат без него“, вели Петрушевски.
Тој додава дека „на фолирањето на СДС му дојде крај. Не додржаа ниту еден месец, па СДС мораше да се соголи, и да покаже дека ќе направат се само главниот обвинител, Љупчо Коцевски, да остане на позиција“.
„Сега е многу очигледно и зошто СДС држеше пресови за Кочани, каде со лажно душегрижништво го напаѓаше ВМРО-ДПМНЕ, а всушност договорени со нивниот обвинител Коцевски, сакаа да креираат хаос. Сите обиди за хаос и сценарија на СДС се изјаловија. Секој може да види каде е вистината, а таа е дека СДС го спаси главниот обвинител Коцевски, кој има задача да ги спасува нив од одговорност, но и да им креира наративи за политички прес-конференции, како во случајот со Кочани“, истакна пратеникот Петрушевски.
Македонија
АМСМ: На Табановце се чека 40 минути, на Богородица и Дојран околу еден час

АМСМ информира дека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
„Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце околу 40 минути и ГП Богородица и ГП Дојран времето на чекање за влез е околу 1 час“, велат од АМСМ и додаваат дека на останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Поради изведување на градежни активности на Вијадукт на Сарички дол кој се наоѓа на државниот пат А1 Градско – Прилеп, обиколница на градот Прилеп, државниот пат (од раскрсница кај бензинска станица “ Лукоил” до клучка кај бензинска станица “ Салида “), ќе биде целосно затворен за сообраќај од 03 август (недела) од 07.00 часот до 06 август (среда). Сообраќајот ќе биде пренасочен низ градот Прилеп.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони.
Македонија
Ангелов: Словенечкиот тим и чешкиот хеликоптер си заминуваат, нема активни пожари

Денеска заминува словенечкиот тим од 61 пожарникар специјализирани за гаснење на шумски пожари, со 18 возила, информира директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
„Во завршниот збор им се заблагодарив од име на македонската влада и македонските граѓани а од име на Дирекцијата за заштита и спасување им доделив пригодни благодарници. Утре заминува и чешкиот Блек Хок со седумчлената посада. За гаснење на пожарот на територијата на општина Долнени во атарот на с. Стровија на местото викано Гајдарец – Клепало, рано утрово со полициски хеликоптер беа исфрлени екипи на Национални Шуми со неколку доброволци ловци кои за неколку часа целосно го изгаснаа овој пожар на отворен простор кој имаше зафатено поголема површина со сува и висока трева по гребенот на планината“, вели Ангелов.
Тој додава дека пожарот на планината Готен е целосно изгаснат и од радовишката и од беровската страна.
Во овој момент нема активни пожари.