Македонија
Отворен првиот мобилен сервис за здравствени и социјални услуги во Кочани

Под слоганот #СеГрижимеЗаедно и #ДомашнаПосета денеска во Кочани беше отворен првиот мобилен сервис за здравствени и социјални услуги, пилот услуга на Министерството за здравство и Министерството за труд и социјална политика, а поддржан од Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП).
Сервисот го најавија министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон и градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев.
Новата услуга ќе биде реализирана од страна на двата тима составени од медицински сестри и социјални работници кои ќе работат на терен. Тие секојдневно ќе посетуваат домаќинства во Кочани и руралните заедници со цел превенција, основна социјална и здравствена грижа во домашни услови.
„Денеска го воведуваме Мобилниот сервис, пилот услуга за домашна посета, за да ги приближиме здравствените услуги поблиску до граѓаните. Министерството за здравство препознава дека живеењето во социјален ризик води до нееднаков пристап до здравствени услуги, а тоа директно влијае врз здравјето на нашите граѓани. Очекуваме дека оваа услуга ќе придонесе за намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации и ќе се придонесе кон подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска изјави дека во најголем број на случаи здравствените и социјалните ризици се испреплетуваат. Таа рече дека досега не постоеше заеднички сервис во кои ќе се спојат овие две услуги и дека сега прв пат во медицинскиот тим ќе се вклучи и социјален работник чија задача ќе биде да препознае евентуални социјални ризици во семејствата.
По Кочани се планира ваков мобилен сервис да се постави во Битола и Ресен, а интенцијата е истиот систем да профункционира и на национално ниво.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.