Македонија
Новиот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, стапи на должност

Амбасадорот Клеменс Која од Австрија, назначен од италијанското претседателство со ОБСЕ за шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, стапи на должност денес. Тој ја наследува Нина Суомалаинен, којашто го заврши својот мандат како шеф на Мисијата во април.
„Задоволство ми е што ја преземам оваа важна позиција среде тековниот реформски процес во земјата во многу клучни области, како владеењето на правото, медиумите, јавната администрација и полицијата“, рече Која. „Се радувам што ќе работам со претставници на институциите и граѓанското општество, како и со сите чинители за понатамошно продлабочување на добро воспоставената соработка со Мисијата”.
Која има над 29-годишно професионално искуство во службата за надворешни работи. Претходно, служел како постојан претставник на Австрија во ОБСЕ во Виена, австриски амбасадор во Белград и Љубљана, заменик-шеф на Амбасадата на Австрија во Мадрид и директор на Одделот за Јужна Европа на австриското Министерство за надворешни работи. Студирал право на универзитетите во Салзбург и Виена и e магистер по католичка теологија.
Клучните приоритети на Мисијата на ОБСЕ во Скопје се унапредување на конструктивните меѓуетнички односи и поддршка на понатамошната имплементација на Охридскиот рамковен договор од 2001 година и неговите клучни столбови: анти-дискриминација, образование, децентрализација, правична застапеност, помалите заедници и употребата на јазиците. Мисијата работи со властите на спроведување реформи во областите како избори, демократско полициско работење, локално владеење, медиуми и судството
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Карпош и Сарај денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците од ул. Пелистерска 4-1/8. (општина Карпош)
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од улиците бр. 3 и бр. 5 како и околните објекти во нивна близина во Сарај.(општина Сарај)
Македонија
Без вода дел од Центар

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на улицата Димитрие Чуповски бр.10 без вода ќе останат корисниците од улицата Никола Вапцаров лоцирани на потегот од Министерство за правда до Плоштад Македонија, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато во периодот од 08.00 часот па се до отстранување на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен северен ветер (локално над 60 km/h), а температурата ќе се задржи под просекот за овој период од годината. Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со пораст на дневната температура.