Македонија
(Видео) Шекеринска-Трента: Имаме заедничка иднина во евро-атлантската заедница, напредокот на Македонија е видлив

„Италија е убедена дека нашата заедничка иднина е во евро-атлантската заедница, а тоа значи припаѓање кон заедничките вредности, принципи на демократија, владеење на правото, солидарност кон заедничките предизвици што се пред нас. Напредокот на Македонија е голем, тоа е напредок кон ЕУ и НАТО и во областа на внатрешните реформи и добрососедските односи“, рече министерката за одбрана на Италија, Елизабета Трента, која престојува во официјална посета на Република Македонија.
Посетата на Македонија рече дека е сигнал оти земјата е во еден многу посебен сензитивен момент. Трента порача дека клучниот референдум ќе одлучи за најбитното нешто, т.е. иднината во евро-атлантската заедница, кон која македонскиот народ има позитивен став.
По средбата во Министерството за одбрана, министерката Шекеринска се заблагодари за континуираната, искрена и многу јасна италијанската поддршка, особено во важни моменти кои ја обликуваат иднината на Македонија, но и на Балканот.
„Македонија на самитот на НАТО почувствува што значи најмоќните земји на светот и со дело и со збор да покажат дека навистина ги ценат сите наши напори, посветеноста оваа земја не само да ја ослободиме од изолација, од страв, од бесперспективност, туку и да поставиме нови стандарди за тоа што значат добрососедство, соработка, владеење на правото, реформи, заеднички успех и напредок на целиот регион. Сега сме поблиску до алијансата од кога било порано, сега успеавме во напорите што во 2008 година не вродија со плод“, рече Шекеринска.
Министерката потенцира дека зборовите на поддршка од Италија за сè она што сите граѓани на Македонија здружено и сплотено успеаја да го направат за еден релативно кус период значат многу и дека она што беше направено за враќање на земјата на патот кон НАТО и ЕУ, сите внатрешни реформи, треба да се потврди на референдумот на 30 септември.
„Ги вративме демократијата и правната држава, ги ослободивме медиумите, отворивме и обезбедивме дебата во јавноста, а патот кон просперитетна држава треба да го потврдиме и запечатиме на 30 септември. Убедена сум дека граѓаните на Македонија на овој клучен датум за иднината на земјата ќе одлучат да бидеме безбедна, сигурна и просперитетна држава интегрирана во двата најмоќни сојуза на денешницата“, потенцира министерката Шекеринска.
Министерката Трента додаде дека Армијата на Република Македонија може да се потпре на италијанските вооружени сили како на партнер кој е секогаш расположен за поддршка во процесот на трансформација и модернизација во согласност со стратешкиот одбранбен преглед.
Двете министерки се согласија дека Македонија и Италија имаат одлична билатерална одбранбена соработка, која се гледа и преку фактот дека Македонија ќе испрати двајца штабни офицери во рамките на италијанскиот контингент во мисијата на ООН во Либан – УНИФИЛ. Со тоа се потврдува дека сојузниците ја гледаат Армијата на Република Македонија како армија која е целосно интероперабилна со другите земји членки на НАТО.
Во рамките на посетата на Македонија, министерката Трента заедно со министерката Шекеринска ја посети црквата „Св. Спас“, како и Старата скопска чаршија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Разрешен директорот на Клиниката за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски

Министерството за здравство информира дека министерот Азир Алиу денес донесе решение за разрешување на директорот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, проф. д-р Игор Кузмановски.
„Во најкраток рок ќе биде именуван нов директор согласно законските процедури. Работата на Клиниката продолжува непречено“, известува Министерството за здравство.
Македонија
Завршена регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи

Во рамки на проектот „Поддршка на националните власти на државата во намалувањето на ризикот од пролиферација и злоупотреба на мало и лесно оружје“, успешно беше завршен процесот на Регионалната програма за сертификација на службени кучиња за мириси на производи – значаен чекор во зајакнување на регионалната безбедност и борбата против транснационалниот криминал.
На свеченоста по повод завршувањето на обуката, директорот на Бирото за јавна безбедност при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев, им додели дипломи на учесниците, нагласувајќи дека оваа програма претставува симболично, но и суштинско градење на мостови помеѓу институциите од целиот регион.
„Со шест модуларни обуки и создавање тимови подготвени да бидат на првата линија во борбата против криминалот, Регионалниот К9 центар се етаблира како водечка точка за обука и сертификација. Заедно вложуваме во безбедноста, стабилноста и иднината на регионот,“ истакна директорот Јанев.
Проектот е реализиран со поддршка на ОБСЕ, ФРОНТЕКС и донаторите, чија соработка и ангажман беа клучни за успешната имплементација на програмата.
Со ваквите активности, Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност ја потврдуваат својата посветеност на континуираното унапредување на капацитетите за справување со организиран и транснационален криминал, како и зајакнување на регионалната безбедносна соработка.
Македонија
Времето утре: променливо облачно со сончеви периоди

Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а вдолж Повардарието и во источните делови засилен северен ветер. Во североисточните подрачја ќе има услови за локален слаб дожд. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 11 до 21 степен.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Времето во наредните денови
До вторник времето ќе биде претежно стабилно со дневни температури малку под просекот за овој период од годината. Кон средината на следната седмица под влијание на влажна и посвежа воздушна маса ќе има услови за локални врнежи од дожд и опаѓање на дневната температура за неколку степени.