Македонија
Спортските обложувалници „Моцарт“ донираа медицинска опрема за Клиниката за детски болести – Скопје
Денеска во просториите на ЈЗУ Клиниката за детски болести – Скопје беше предадена медицинската опрема што спортските обложувалници „Моцарт“ ја донираат на Клиниката. Медицинските апарати беа набавени од средствата собрани во текот на донаторската кампања која за време на Светското фудбалско првенство 2018 (14 јуни – 15 јули) се одвиваше на сите уплатни места на спортските обложувалници „Моцарт“.

Инаку, се работи за апрати за механичка вентилација во домашни услови наменети за пациенти на кои им треба долготрајна вентилаторна поддршка. Тоа се пациенти со церебрална парализа во поодминатта фаза, како и за пациенти со невромускулни заболувања. Благодарение на овие апарати пациентите ќе можат наместо во болница да престојуваат дома со своите најблиски. Донираните апарати веднаш ќе бидат ставени во функција и ќе може да им го олеснат животот и на децата и на нивните родители.
Цената на еден ваков апарат е околу 550 000 денари.
Од името на спортските обложувалници „Моцарт“ донацијата ја предаде маркетинг-директорот Васко Илијевски, кој особено им се заблагодари на играчите кои ја препознаа важноста на кампањата и во голем број се вклучија во собирањето на средствата.
„Децата се нашето најголемо богатство и секако тие се нашата иднина, а сите ние сакаме таа иднина да биде што посветла. Токму затоа одлучивме и средствата собрани од оваа акција да ги донираме на Детската клиника во Скопје каде се лекуваат нашите мали ангели. За времетраење на акцијата во обложувалниците на ‘Моцарт’ беа собрани вкупно 1.023.596 денари, кои беа искористени за купување медицинска опрема која заедно со Детската клиника беше договорена. Вкупната вредност на медицинската опрема изнесува 1.085.600 денари. Разликата од околу 1 000 евра ‘Моцарт’ ја надополни за да се набави опремата што беше и повеќе од потребна. Би сакал да им се заблагодарам на сите вработени во ‘Моцарт’ , а особено на сите наши играчи без кои акцијата немаше да биде возможно да се спроведе. Тие се ‘највиновни“ што сме денес овде“ – изјави Илијевски.
За важноста на овие медицински апарати и начинот на кој ќе придонесат во работење на Клиниката, зборуваше директорката на Детската клиника, д-р Катерина Ставриќ.
„Еден од основните приоритети на Клиниката е да им се подобри квалитетот на живот на децата кои имаат потреба од долготрајна механичка вентилација и долготрајни престои на одделот за интензивна нега и терапија. Со оваа донација ќе се овозможи, со соодветна обука на родителите, респираторната поддршка да се спроведува во домашни услови каде децата ќе бидат опкружени со своите најблиски. Се надеваме дека децата со церебрална парализа во поодмината фаза и со невромускуларни заболувања ќе имаат најголем бенефит од оваа апаратура, со што ќе се скрати престојот на одделот за интензивна нега и терапија и одделеноста на детето од своите родители.”
Донацијата, која има особено значење за оваа група пациенти, ја поздрави и министерот за здравство, д-р Венко Филипче.
„Клиниката за детски болести доби опрема што е од голема важност во третманот на одредени дијагнози кај децата. Ќе може да бидат лекувани во домашни услови. Благодарност до донаторот и охрабрување за сите со намера и желба за добар гест!“
Донацијата на медицинска опрема за Клиниката за детски болести е само еден сегмент од стратегијата за општествена одговорност на спортските обложувалници „Моцарт“. Со ваквите кампањи обложувалниците „Моцарт“ докажуваат дека освен што се лидер во својата дејност, исто така се стремат да предводат и во доменот на грижа за заедницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски се фотографираше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев
Со полагање цвеќе и пригодна комеморација, денес во беровското село Русиново беше одбележана 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Даме Груев, еден од клучните идеолози на борбата за слободна Македонија.

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денес присуствуваше на одбележувањето посветено на ликот и делото на Даме Груев, кој на 23 декември 1906 година загина во борба со османлиските сили на планината Петлец, во близина на Русиново.
Во рамки на настанот, на селските гробишта беше одржана панихида, по што Мицкоски и останатите присутни положија цвеќе пред спомен-обележјето на револуционерот.
Одбележувањето продолжи со традиционален марш кон месноста Петлец, местото каде што Груев го положи својот живот за идејата за слободна и независна Македонија.
Настанот се реализираше во организација на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ – Берово, со присуство на бројни граѓани, партиски претставници и почитувачи на македонската револуционерна историја.
Македонија
Ја претепал вонбрачната партнерка со трпезариска столица, па ја силувал откако тешко ја повредил
Основното јавно обвинителство Битола поведе постапка против 56-годишник осомничен за кривично дело – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и кривично дело – Полов напад и силување од член 186 став 7 во врска со став 3 од Кривичниот законик.
Како што соопшти ЈОРСМ, осомничениот, на 18 декември попладне, во заедничкиот дом на улицата „Васко Карангелевски“ во Битола, физички ја нападнал неговата вонбрачна партнерка.
-Ја удирал по телото, лицето и главата, па дури зел трпезариска столица и ја удрил и со неа. Потоа ја тргал и ја носел во правец кон терасата, заканувајќи и се дека ќе ја фрли. Од ударите жената се здобила со телесни повреди. И наредил да се соблече за да имаат сексуални односи, но оштетената не се согласила, па насилно ја соблекол и ја принудил на други полови дејствија, стои во соопштението на ЈОРСМ.
Јавниот обвинител, ценејќи ги сите околности, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Оттаму додаваат дека притоа особено се ценела опасноста од бегство и можноста осомничениот да продолжи да врши дела на семејно насилство кон жената со која живеат во ист дом.
Македонија
Почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас
Денес на 75 години, почина Драган Б. Костиќ, човекот кој важеше за најпрепознатливиот радио глас кај нас.
Откако неодамна Перо Камиказа откри дека тој ја бие животната битка, сега, неговиот син Бане Костиќ, откри дека познатиот новинар и радио-водител, не успеал да се избори со болеста.
„Со длабока тага ги известуваме роднините, пријателите и познаниците дека утринава почина Драган Костиќ, сопруг, татко и дедо, на 75-годишна возраст.
Последна почит ќе се одржи утре, недела, 21 декември од 12:30 – 13:30 во капелата на гробиштата Бутел.
Семејството изразува искрена и длабока благодарност до целиот тим и раководство на Државната неврохируршка клиника во Скопје, особено до д-р Благоја Шунтов, за грижата, посветеноста и хуманоста. Нека му е вечна слава и спомен. Патувај мирно Диско Селекторе“, напиша тој на Фејсбук.

