Македонија
По вчерашната фатална незгода, градските власти ќе ја разгледаат иницијативата за булеварот Србија

Стручните служби на Град Скопје ќе ја разгледаат иницијативата поднесена од Општина Аеродром за ново сообраќајно решение на булеварот Србија и во соработка со Министерството за внатрешни работи, во рамките на законските можности, ќе биде понудено најдобро и најбезбедно решение за овој долгогодишен проблем.
Ова го соопшти Град Скопје по реакцијата на жителите на Аеродром, каде што синоќа на пешачки премин на булеварот Србија тешко беа повредени тројца пешаци – баба, дедо и нивната внука, а жената подоцна им подлегна на повредите.
Град Скопје наведува дека интензивно работи на зголемување на безбедноста во сообраќајот во градот со цел да се избегнат и намалат вакви и слични инциденти.
„Град Скопје изразува длабоко жалење за сообраќајната несреќа со смртни последици што вчеравечер се случи на булеварот Србија и воедно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и поставената сообраќајна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Директорот на геријатрија зел 20.000 евра поткуп за да смести неподвижно лице

Заедно со посредник, директорот на болницата за геријатрија, Мухсин Арифи, барал и примил поткуп за сместување на болно и неподвижно лице во геријтриската установа.
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, откривајќи детали за акцијата на МВР со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, соопшти дека поткупот бил во износ од 20.000 евра.
За жал, кога сѐ уште владее национална тага, вели Јанев, некои поединци се осмелуваат нелегално да профитираат.
Тој уверува дека нема да се дозволи ваквите случаи да останат неказнети.
Мухсин Арифи беше приведен денес заедно со уште едно лице во координирана акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Министерството за внатрешни работи под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.
Македонија
Предложено е спојување на Фондот за иновации со Агенцијата за поддршка на претприемништво

На денешната седница, Владата ја разгледа и усвои информацијата за потребата од реорганизација на Фондот за иновации и технолошки развој и предлог за спојување со Агенцијата за поддршка на претприемништво.
Владата го задолжи Министерството за образование и наука во рок од 10 дена да формира работна група со претставници на Канцеларијата на Претседателот на Владата, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Фондот за иновации и технолошки развој која ќе има за цел да изработи нов или измена и дополнување на Закон за иновациска дејност со кој ќе се регулира реорганизацијата на Фондот за иновации и технолошки развој.
Македонија
Владата ќе набави 120 еколошки автобуси за градски превоз

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои информацијата за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка на 120 еколошки автобуси за градски превоз.
Министерството за транспорт е задолжено да ја отпочне постапката за јавна набавка.
Распределбата ќе се изврши согласно ургентноста, економската оправданост и реалните потреби на секоја од единиците на локалната самоуправа, се вели во информацијата од владината прес-служба.