Свет
Шведски обвинител одобрил изградба на џамија во замена за 3 000 гласа
Еден случај на „градежна дозвола за гласови“ предизвика сериозна дебата за правичноста на шведските избори, што резултираше со најмалку три полициски извештаи со обвинувања за неовластено мешање во изборите, па, сепак, обвинителството открило дека не е сторено кривично дело, објави таблоидниот дневен весник „Експресен“.
Џамијата Алби во шведскиот град Боткирка не ги прекршила законите кога понудила 3 000 гласа за Модератите во замена за дозвола за градба на нова џамија, пресуди главниот обвинител Алф Јохансон од шведската Канцеларија за корупција. Јохансон одлучи да ги отфрли двете истраги иницирани од полицијата и да не одобри трета бидејќи „немало кривично дело”. Според Јохансон, не е нелегално „заинтересираните страни” да постават политички барања во корист на сопствениот бизнис.
„Огромно мнозинство во оваа земја ги здружи силите во политички, религиски, еколошки, спортски, хуманитарни или други интересни групи. Претставниците на ваквите здруженија често ги искажуваат своите желби и барања до политичарите во корист на своите здруженија, почнувајќи од конкретни прашања, како што е изградбата на спортска сала или зачувување училиште до поапстрактни и нејасни барања, како што е подобрувањето на грижата за постарите лица,” објасни Јохансон.
Со повикување на своите членови да гласаат за одредена партија, под услов партијата да е подготвена да ги исполни интересите на групата, не значи дека групата бара незаконско влијание врз изборите ниту, пак, изразува намера да го стори тоа, тврди Јохансон. Тој објасни дека во овој случај било невозможно кривичното гонење зашто не е неговата работа да процени дали неуспешниот договор бил политички неетички или на некој начин несоодветен”.
„Тоа е како претседател на спортски клуб да го повика членството да гласа за Партијата на центарот бидејќи тие ветиле дека ќе изградат фудбалско игралиште за децата”, објасни Јохансон.
Бидејќи експертите, како што е политологот Бо Ротштајн, тврдеа дека случајот е еднаков на корупцијата, која се покажала како негативен ефект врз другите демократии, попустливоста на обвинителството предизвика вознемиреност кај шведските социјални медиуми. Додека некои тврдат дека обвинителот е „ретардиран или политички активист, или можеби и двете”, други тврдат дека случајот би довел до хаос ако станувало збор за други партии, како на пример десничарските Шведски демократи.
Непосредно пред парламентарните избори во Шведска на 9 септември, поранешниот лидер на Зелените во Боткирка, Али Калил, организирал таен состанок меѓу локалните лидери на џамијата и Модератите, при што на ривалите на неговата партија им биле понудени неколку илјади гласа од муслиманската заедница во замена за градежна дозвола за нова џамија. Ако договорот поминел, тоа ќе резултирало со промена на власта во општината. По скандалот, Али Калил ја напуштил функцијата во Зелената партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Кина се противи на конфискацијата на замрзнатиот руски имот
Кина е против какви било еднострани дејствија што го кршат меѓународното право и не се одобрени од Советот за безбедност на Обединетите нации, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, коментирајќи ја ситуацијата во врска со конфискацијата на замрзнатите руски средства.
Гуо изјави за „Спутник“ дека сите страни треба да создадат позитивна атмосфера и позитивни услови за решавање на украинската криза, а не обратно.
Тој истакна дека Кина води независна и мирна надворешна политика и дека нејзината позиција во врска со украинскиот конфликт е конзистентна и јасна, односно дека ги поддржува сите напори насочени кон постигнување фер, траен мировен договор што е можно поскоро преку дијалог и преговори.
На 12 декември, Советот на Европската Унија усвои одлука за трајно замрзнување на руските средства.
Европската комисија очекува дека на самитот на 18 и 19 декември ќе обезбеди одлука од земјите на ЕУ за експропријација на 210 милијарди евра замрзнати руски средства, од кои 185 милијарди евра се блокирани во „Euroclear“ во Белгија.
Белгија се спротивставува на конфискацијата и бара од земјите-членки на ЕУ гаранции дека земјите ќе го споделат ризикот во случај на последици од таков потег.
ЕУ ѝ понуди на Белгија три гаранции во врска со конфискацијата на руски средства со цел да ја поддржи Украина, но белгиските власти сметаат дека тоа не е доволно за земјата да се одлучи за таков чекор, објави „Политико“, пренесува Танјуг.
Во меѓувреме, Централната банка на Русија поднесе тужба против Euroclear за сума од околу 193 милијарди евра поради обидот на Европската Унија да заплени замрзнати руски средства.
Фото: депозитфотос
Регион
Храната за бебиња „Аптамил АР1“ повлечена од пазарот во Хрватска
Поради зголеменото присуство на бактеријата Bacillus cereus, хрватскиот Државен инспекторат го повлече од пазарот „Аптамил АР1“, формула за бебиња, произведена од Nutricia Export BV од Холандија, соопшти Хрватската агенција за земјоделство и храна (HAPIH).
Ова е исклучиво за производот од 400 g (храна за посебни медицински потреби) со рок на траење до 17.05.2026 година и ЛОТ: 111444865. Дистрибутер на производот на хрватскиот пазар е AWT International d.o.o.
Производот не е во согласност со Регулативата на Европскиот парламент и на Советот за утврдување на општите принципи и барања на законодавството за храна, основање на Европскиот орган за безбедност на храната и утврдување процедури во прашањата за безбедност на храната и Водичот за микробиолошки критериуми за храна, објави Индекс.хр.
Свет
Фон дер Лајен: Обврска на Европа е да биде одговорна за сопствената безбедност
Европа мора да биде одговорна за сопствената безбедност, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Ова повеќе не е опција. Тоа е обврска“, изјави Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент во Стразбур, објави Ројтерс.
Таа објави дека Европа „не може да си дозволи да им дозволи на другите да го дефинираат нејзиниот поглед на светот“.
Таа исто така додаде дека иако стратегијата за национална безбедност на САД е точна кога вели дека уделот на Европа во глобалниот БДП се намалува, САД се исто така, како што изјави таа, на „истиот пат“.
Во новата стратегија за безбедност на САД што неодамна беше објавена, европските земји се опишани како ослабени сили што го отстапиле својот суверенитет на Европската Унија.
Во документот, Европа е повикана и да преземе одговорност за сопствената одбрана, пренесува Танјуг.
Фото: депозитфотос

