Македонија
Томевски: Поради острата миризба, станарите мораше веднаш да се евакуираат на безбедно

Околу 18 часот добивме дојава од граѓани што почувствувале остар мирис во влезот по што беше испратена екипа. Поради остриот мирис, почната е евакуација на луѓето со помош на гас-маски, изјави командирот на Противпожарната единица на град Скопје, Ѕвонко Томевски.
Според него, самата миризба го иритира грлото и пречи на дишењето, па било неопходно да се евакуираат станарите на безбедно.
„Чекаме да дојде инспектор од Министерството за животна средина и од Институтот за јавно здравје за да се утврди дали е безбедно враќањето во зградата. Не се забележани остатоци од течност или што било. Не е забележано ништо оставено во влезот. Нема повредени, а екипа на брзата помош беше повикана поради превентива“, додава Томевски.
Жителите од зграда на улицата Кузман Јосифовски – Питу, број 15, во скопската населба Аеродром, кај „Мезе бар“, се евакуирани по пријава дека во влезот почувствувале силна миризба и печење на очите. Полицијата, Противпожарната екипа и брза помош се повикани на терен. Се проверува влезот на зградата, каде што неофицијално била фрлена некоја материја или пиротехничко средство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.