Македонија
(Видео) Кратовалиев: Во „Тортура“ презентирана снимка за случајот „Кампања“ што досега била криена

На денешното рочиште за „Тортура“, кое се одвиваше без присуство на јавноста како доказен материјал од специјалното јавно обвинителство, бил презентиран видеозапис што е поврзан и со случајот „Кампања“, за кој лидерот на ОМ, Љубе Бошкоски, одлежа 5 години затворска казна. Според адвокатот на Бошкоски, Константин Кратовалиев, постои можност овој видеозапис кој е пронајден од страна на СЈО намерно да бил чуван во тајност, што претставува кривично дело затајување докази.
,,Симптоматично е тоа што го видовме на видеоматеријалот, крим-техниката направила видеоматеријал што во времето кога се одвиваше предметот ‘Кампања’ требал да биде презентиран пред истражниот судија. МВР го поседувала материјалот, а истражниот судијата морал да го евидентира како таков. Не би сакал однапред да коментирам, но факт е дека сега обвинителството треба да се позанимава со ова без разлика што тој предмет е завршен. Треба да се види каде затаиле институциите, дали е тоа во рамките на МВР, кој овој видеоматеријал не го доставил до истражниот судија, дали истражниот судија не го проследил до обвинителството или, пак, самото обвинителство не го проследило до судот”, вели Кратовалиев.
Адвокатот на Бошкоски истакна дека овој видеозапис, кој воопшто го нема во ниту еден од записниците од рочиштата за случајот „Кампања“, можел да фрли поинаква светлина на целиот предмет.
,,Несфатливо е како е возможно институциите на системот да го стават во бункер тој дел од доказниот материјал кој сега го видовме факт е дека во самиот предмет во записниците никаде не постои видеозапис направен од страна на крим-техника на самото лице место”, повтори Кратовалиев по што додаде дека за понатамошната постапка поврзана со видеоматеријалот ќе се консултира со неговиот клиент Бошкоски.
Виктор Јованов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, од утре засилен северен ветер, пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од 11 до 19, а максималните од 26 до 38 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб со умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде 17, а максималната ќе достигне 38 степени.
УХМР информира дека од утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени. Во попладневните часови ќе има услови за локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
Земјотресот на Света Гора почувствуван и во Македонија

Силниот земјотрес на Света Гора почувствуван и во југоисточниот дел на Македонија.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, денес 7 јуни 2025 година регистрираа серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од соседна Република Грција.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, почувствуван е земјотресот во 14 часот и 46 минути чиј епицентар се наоѓа 290 km југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда M L 5.2.
Земјотресот беше почувствуван во југоисточниот дел на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала“, известија од Сеизмолошката опсерваторија.
Македонија
АХВ го одбележа 7 Јуни – Светски ден на безбедна храна

Aгенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се приклучи и ја поддржува глобалната иницијатива и го одбележа 7 јуни, Светски ден на безбедна храна. Со едукативен и спортско рекреативен настан наменет за граѓаните и децата, денес, во паркот Авионче во скопската населба Ново Лисиче на присутните им беа поделени едукативни флаери за безбедноста на храната, а за најмалите се одржаа спортско-рекреативни игри преку кои се афирмираше безбедноста на храната и нејзиното значење.
На 10 јуни, во вторник, со поддршка и во соработка со Европската агенција за безбедност на храната – ЕФСА, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе одржи настан за подигнување на јавната свест за безбедноста на храната на која ќе учествуваат реномирани претстставници од EFSA, од научните и други институции поврзани со прашпања кои се однесуваат на производството на храна и нејзината безбедност.
Годинашното мото на Светскиот ден на безбедна храна – 7 јуни е „Науката во акција“ и тоа денес не потсетува на важноста на науката како основна алка од синџирот на безбедна храна. Едноставно, тоа е дел без кој не се може и кој ги создава основите за креирање на политиките за безбедност на храната од страна на институциите, како што е и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Преку едукативниот спортско рекреативен настан кој се одржа денес и настанот кој во соработка со EFSA ќе се одржи во вторник, АХВ и годинава активно работи на подигнување на свеста на граѓаните за важноста на безбедноста на храната и за превенирање и управување со ризиците со цел унапредување на нивното здравје.