Македонија
Сончево време со температура до 32 степена

Времето денеска ќе биде релативно топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Утринската температура ќе се движи од 5 до 14, а дневната од 26 до 32 степена.
Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Температурата ќе се движи од 12 до 31 степен.
До понеделник ќе продолжи периодот на стабилно, суво и топло време за овој период од годината, соопшти УХМР. Од вторник поради продор на студена воздушна маса, ќе има зголемување на облачноста проследена со врнежи од дожд и повремено засилен северен ветер. Дневните температури значително ќе опаднат, во поголем дел од земјава повеќе од 10 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ахмети: Низ годините, Албанците го водеа Собранието и сите министерства, а се реализира и ветената позиција на првиот албански премиер

Низ годините, Албанците го водеа Собранието и сите министерства, а се реализира и ветената позиција на првиот албански премиер, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Нашиот придонес за државата, додаде тој, резултираше со добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, членство во НАТО и отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија.
„Од сите овие и многу други достигнувања победи нашата заедничка држава, а никој не загуби. Сите достигнувања во изминатите 24 години ги направивме заедно, како со ВМРО и со СДСМ, така и со нашите меѓународни пријатели. Овие достигнувања се самата држава, тие се темелот на стабилноста, безбедноста и иднината на нашата земја“, рече Ахмети.
Затоа, додаде тој, ревизија на заедничките достигнувања не ни е дозволена нам кои сме автори, потписници и спроведувачи на Охридскиот договор.
„Мора да предводиме со државничка одговорност, како државотворни партии, без краткорочни и опасни популистички и изборни калкулации. Во меѓувреме, на оние кои ја учеа историјата од телевизиските екрани, кои немаат никаков придонес за националните достигнувања и процеси и кои никогаш не ја добија довербата на народот, туку беа избрани од други да им служат, им велам: Храброста после војна и мудроста по говорот не вредат“, рече Ахмети.
Македонија
Партијата за движење на Турците: Неопходно е континуирано усовршување на Охридскиот рамковен договор

Денес одбележуваме значајна годишнина од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, документ кој претставува темел за градење на соживот, еднаквост и меѓуетничка хармонија во нашата држава. Овој договор е исклучително важен за унапредување на меѓуетничките односи и останува еден од клучните столбови на демократијата во Република Северна Македонија, велат од Партијата за движење на Турците – ТХП.
Од таму велат дека го поздравуваат, како што велат, историското значење на Охридскиот рамковен договор, кој поставил основа за инклузивно општество и за зајакнување на правата на сите заедници.
„Сепак, сметаме дека е неопходно континуирано усовршување на неговата имплементација, со цел целосно остварување на неговите принципи. Посебно внимание треба да се посвети на помалку бројните заедници, кои мора да бидат рамноправно вклучени во сите општествени процеси и да ги почувствуваат конкретните придобивки од овој договор.
Понатаму, нагласуваме дека за целосно остварување на демократските принципи на Охридскиот рамковен договор, постои потреба од воведување на подемократски изборен модел. Ваков модел би овозможил посилна и поправична застапеност на сите заедници, особено на помалку бројните, во демократските процеси, зајакнувајќи ја довербата во институциите и промовирајќи вистинска еднаквост.
Веруваме дека само преку заеднички напори, дијалог и посветеност на сите чинители во општеството можеме да изградиме држава во која секој граѓанин, без оглед на етничката припадност, ќе се чувствува рамноправен и вреднуван. ТХП останува посветена на промовирање на овие вредности и на поддршка на политиките што водат кон целосна реализација на духот на Охридскиот рамковен договор. Нека оваа годишнина биде потсетник за важноста на единството, солидарноста и заедничката работа за подобра иднина за сите“, велат од ТХП.
Македонија
Бесплатни униформи за сите основци и ранци со училишен прибор за сите првачиња во Општина Центар

Учениците во сите општински основни училишта на територија на Центар, учебната 2025-2026 година ќе ја почнат во училишни униформи коишто за првпат се воведуваат, а сите запишани првачиња ќе добијат и ранчиња со училишен прибор.
„Приближно 4.700 ученици, од прво до деветто одделение од центарските училишта годинава ја почнуваат со униформи кои ќе бидат бесплатни за децата. Со овој чекор ги подобруваме условите во училиштата и вложуваме во поквалитетно образование. Покрај воведувањето на униформи, но и бесплатни ранчиња со училишен прибор за првачињата, исто така ги подобруваме условите и преку реконструкција на училиштата. Во тек е реновирање на трите општински основни училишта „11 Октомври“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Миладинов“ за да им овозможиме на учениците подобра настава“, вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.