Македонија
Силен ветер ќе донесе нагло заладување
Во првата половина од денот времето ќе биде сончево и топло со умерен југозападен и западен ветер, информираат од управата за хидрометеоролошки работи, но додаваат дека попладне, особено кон крајот на денот, ќе има зголемување на облачноста со услови за краткотраен дожд на северот и западот од земјава.
Оттаму соопштуваат дека попладне, почнувајќи од север, ќе започне да дува силен северозападен ветер со брзина и од околу 90 километри на час, а тоа ќе услови нагло заладување.
Утринската температура ќе се движи од осум до 15, а дневната од 26 до 34 степени Целзиусови.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност, а попладне облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за краткотраен дожд. Ќе дува силен северозападен ветер. Температурата ќе се движи од 14 до 30 степени.
Од вторник времето ќе биде претежно сончево, но ветровито, со силен северен ветер, како и значително постудено. Дневната температура во поголем дел од земјава ќе се намали за околу 10, а на места и за 15 степени. Од среда наутро значајно опаѓање ќе има и кај утринската температура, која на места ќе се спушти и околу нулата.
Постепено затоплување ќе има кон крајот на неделата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.