Македонија
Поднесено обвинение против Васе Доневски за скандалот со „Секјуриком“
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата, Васе Доневски, за злоупотреба на службената положба и овластувањето при вршење јавни набавки. Исто така, до кривичниот суд е поднесен и предлог да му се продолжи куќниот притвор. Во скандалот со фирмата „Секјуриком“, тежок над 660 милиони денари, осомничен е и директорот на фирмата Волфганг Гампер, кој е во бегство и против кого е распишана потерница. И против него е поднесено обвинение за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Во периодот од јуни до август 2015 година првоосомничениот како директор на владина служба, потпомогнат од второосомничениот како сопственик на правно лице, свесно и со умисла, ги пречекориле границите на своето службено овластување со намера да прибават значителна имотна корист за сопственикот на правното лице и за правното лице. Осомничените договориле спроведување постапка за јавна набавка во која предмет на јавната набавка било одржување хигиена, тековно одржување, дактилографски услуги, противпожарна заштита и оперирање со телефонски централи“, велат од Обвинителството.
Постапувајќи спротивно на Законот за јавните набавки, осомничените имале цел да ја избегнат должноста за претходна согласност од Советот за јавните набавки. Во текот на постапката постапиле спротивно и на член 43, став 1 од Законот за јавните набавки, кој предвидува дека учесниците во подготвување на тендерската документација не смеат да бидат понудувачи или членови на група понудувачи во постапката за доделување договор за јавна набавка.
Доневски, и покрај направените пропусти, не постапил во согласност со член 169 од Законот за јавните набавки и не ја поништил постапката. Злоупотребувајќи ја службената должност, тој со преземените дејства го фаворизирал правното лице на второосомничениот овозможувајќи само една понуда во тендерската постапка, со што била оневозможена аукција за постигнување негативно наддавање за пониска цена, а на штета на буџетот на РМ во износ од 660.834.855 денари.
Јавен обвинител до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за продолжување на мерката куќен притвор за Доневски, а за второосомничениот, кој моментно е недостапен за органите на прогонот и по кого е распишана меѓународна потерница, со решение е определена мерка притвор сметано од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска делови од Центар и Сарај
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улицата Леринска лоцирани околу број 3, општина Карпош.
Македонија
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне
Времето денеска ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 14 до 18 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд, пообилни попладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 17 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник во претпладневните часови ќе има локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен, вдолж Повардарието засилен северен ветер. Потоа до крајот на неделата времето ќе биде стабилно и суво со пониски утрински температури.

