Култура
Три претстави утре на програмата на МОТ
Програмата на МОТ за утре се распределува на три сцени – во Македонска опера и балет, Младински културен центар и „Кино култура“, соопштија организаторите.
Со почеток од 20 часот, во Македонска опера и балет ќе можете да ја проследите претставата „Но(е)ва Македонија“ во продукција на Народен театар Битола.

Авторскиот проект „Но(е)ва Македонија“ претставува ангажирана општествена сатира, која има за цел да ги истражи механизмите на политичката грандоманија, манипулација, злоупотребата на историските документи и фалсификувањето на историските факти, што се во интерес на една одредена група луѓе, која во одреден историски момент се прогласува себеси не само за спасител туку и за основач на целокупната нација и нејзината традиција. Несомнено, реферирајќи на историската мегаломанија на поранешната македонска власт и нивните проекти, кои ја изопачија сликата на нацијата, „Но(е)ва Македонија“ ќе се обиде да отиде чекор понатаму во монтипајтоновски апсурд.

Поаѓајќи од претпоставката дека во моментот кога се завршува мегаломанската трансформација на главниот град во доцноантичка престолнина, пронајден е документ што покажува дека планината Арарат (позната од Стариот завет како крај на патувањето на Ноевата арка), не е за нас познатиот Арарат туку Шарарат, поточно Шар Планина во Македонија, почнува приказна што зборува за нов круг на историско лудило.
Втората претстава за вечерта која ќе почне во 21 часот во Денсинг сала е „Прва алтруистична претстава“ во продукција на словенската организација „Бункер“.

„Прва алтруистична претстава“ е соло-проект на Марко Булц и е создаден декада по неговиот прв соло-перформанс, насловен како „Последен егоистичен перформанс“. Тогашната тема е спротивна од екстремот алтруизам. Проектот има корени во фрустрацијата на Булц и незадоволството со повеќе авторски проекти (вклучувајќи ги и своите), што се некажани, неправедни и слични мизерни ситуации каде што другите се експлоатираат за себепромоција и си го јакнат уметничкото его и се главно доволни на себеси во границите на уметничкиот свет. Иако Булц решил да создаде идеја за алтруизам, сепак не поканил никој друг да учествува.
Сам во сè. Дали е тоа алтруистично?
Третата претстава – „Пасија по Биби“ почнува во 22:30 во „Кино култура“.

„Пасија по БИБИ” на премиерата на овогодишниот Camden Fringe Festival во Лондон беше селектирана во топ 10 претстави според Time Out London и London’s Evening Standard. Ова е БИБИ. Најновиот 1N5TA-5EX робот. Луѓето ја изгубија идејата за несебично да го понудат своето тело. Затоа ја измисливме иднината на сексот. БИБИ учи работи за вас. БИБИ се смее, намигнува и се мурти. Го памети вашиот роденден, што сакате да јадете и пиете, имињата на вашите родители. Може да одржи разговор за музика, филмови, книги, кажува шеги, ги цитира Шекспир и Чехов. И, се разбира, БИБИ ќе има секс со вас кога и да посакате. Без разлика на вашата сексуалност или пол, со БИБИ покрај вас, никогаш повеќе нема да се чувствувате неисполнети.
Во склоп на придружната програма по претставите следува Диџеј сет на Мирко Попов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.
Култура
(Фото) Одржан традиционален предновогодишен концерт на Воениот оркестар
Под мотото „Заедно посилни во хармонија на звуците“, вчеравечер во Македонската филхармонија во Скопје се одржа традиционалниот предновогодишен концерт на Воениот оркестар на Армијата, овој пат збогатен со настап на музичари од Централниот оркестар на Вооружените сили на Романија.

По пречекот на претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова и интонирањето на химната на Романија и македонската химна, здружениот оркестар, под диригентската палка на мајор Каталин Ион од Вооружените сили на Романија, концертот го започна со свечена фанфара, a продолжи со позната љубовна тема од Романија. Првиот дел беше заокружен со популарен сплет на светски хитови аранжирани за дувачки оркестар и композицијата „Концертна прослава”, со мотиви од романското поднебје.

По него, под раководство на диригентот на Воениот оркестар на Армијата, потполковник Горан Илијевски, следеа блок на нумери од македонското поднебје, во кој беа опфатени фолклорни теми, народни песни, но и незаборавни забавни македонски евергрини.

Во третиот и последен блок, кој беше посветен на армиските припадници кои се секогаш подготвени да ја одбранат татковнината и да им помогнат на нашите сограѓани, покрај светски познати нумери со новогодишна тематика, беше изведена и македонската композицијата „Нашата Армија“, која претставува силен музички омаж на посветеноста и службата кон татковината.

Овој традиционален музички спектакл, покрај претседателката и врховен командант на Вооружените сили Гордана Сиљановска-Давкова, го проследија и министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Сашко Лафчиски, министри во Владата, пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, претставници на дипломатскиот и воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Северна Македонија, активни и пензионирани генерали на Армијата, припадници на Министерството за одбрана, Генералштабот и командите на Армијата и други гости.

Мотото на традиционалниот предновогодишен концерт е уште еден доказ за сплотеност со сојузниците. Вчерашниот настан, преку хармонијата на звуците и универзалниот јазик на музиката, потенцира дека музиката продолжува да нè обединува и сплотува, ги поврзува луѓето кон заеднички вредности и стремежи и претставува мост помеѓу различни култури и традиции.



