Соопштенија
СДСМ: Граѓаните нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ја блокира иднината преку бојкотот што го организира

Наместо да шири лажни вести и создава конструкции, ВМРО-ДПМНЕ првин треба да каже дали ќе учествува на референдумот в недела, реагираа преку соопштение од СДСМ на изјавата на прес-конференцијата на Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јасна е намерата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која и самата не знае дали ќе учествува на референдумот, на денот на гласањето, да прати партиски војници на гласачките места што би ги забележувале и евидентирале луѓето што гласаат, како што тоа впрочем и го правеше во минатото. Македонија, граѓаните, нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ насилно да ја блокира македонската иднина преку бојкотот што активно го организира. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, предводено од Христијан Мицкоски, останува заробено во темното минато и работи против иднината на Македонија и нејзините граѓани“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Надлежните институциите, велат од партијата, се на висина на задачата и гарантираат организирање фер, слободен и демократски референдум. Референдумот ќе биде набљудуван од ОБСЕ, од домашни и странски набљудувачи, како и од невладини организации и граѓански здруженија.
Правото на глас е загарантирано и неприкосновено и секој вид притисок, уцена и закана врз избирачкото право ќе биде соодветно санкциониран, се додава во реакцијата на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Меџити од Куманово: ВЛЕН воспостави конкуренција, визија и решенија за граѓаните

За време на средбата на коалицијата ВЛЕН со граѓаните во Куманово, еден од лидерите на коалицијата и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити истакна дека изборната кампања треба да се фокусира на конкретните проблеми на граѓаните и на решенијата кои директно влијаат врз нивниот секојдневен живот.
„Изборната кампања се обидуваме да ја фокусираме на локалните решенија и локалните проблеми, затоа што граѓаните имаат само еден живот“, истакна тој, додавајќи дека иселувањето на Албанците е резултат на слабата инфраструктура, образованието, здравството и животниот стандард.
Споредувајќи го пристапот на актуелната влада со минатото, Меџити посочи неколку суштински разлики.
„Оваа влада за 15 месеци издвојува 1 милијарда евра за да се почитува целата земја во духот на Охридскиот договор. Претходните влади издвојуваа исто толку, но за менување на историјата и коруптивни проекти, воопшто не во интерес на Албанците, и тоа секако им пречи“.
Тој нагласи дека ВЛЕН донесе конкуренција во идеи и програми, рушејќи го долгогодишниот политички монопол.
„Во минатото имаше политички монопол, додека денес ВЛЕН донесе конкуренција во програмите и идеите, а не кој ќе критикува повеќе. Тие што немаат визија прибегнуваат кон навреди, критики и националистички карти“.
Понатаму, Меџити потсети на неуспесите на претходните влади во клучни национални прашања.
„20 години не го донесоа ниту Законот за борците од војната, ниту Законот за албанскиот јазик. За големите теми ќе зборуваме на парламентарните избори, Албанците сега го имаат ВЛЕН, кој може подобро да им застане зад албанските прашања од нив“.
Тој дополнително истакна дека ВЛЕН има докажан интегритет и политичка чистота.
„Немаме ниту една корупциска афера, а оној што имаше, му се придружи на ‘црните листи’. Албанците овојпат одлучија да му дадат шанса на ВЛЕН секаде каде што живеат, и по 4 години нека се направи споредба во работата“.
Меџити упати и повик на граѓаните да го изберат развојот, достоинството и одговорната промена.
„Време е Албанците да гласаат за тие што работат за нив, а не за тие што ги разочараа две децении“, порача тој на крај.
Соопштенија
Јорданов: Заокружете го бројот 9 на 19 октомври, за да продолжиме успешно да го градиме Штип

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Штип, Иван Јорданов, на вчерашниот митинг во рамките на изборната кампања под слоганот Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, истакна дека граѓаните се најголемата поддршка за реализација на многубројните проекти и идна мотивација за наредните 4 години за развој на Штип.
„Почитувани сограѓани вечерва оваа енергија е поинаква, се чувствува поддршката на локалната самоуправа. Вечерва нема да ги набројувам проектите кои ги реализиравме изминатите 4 години затоа што секој еден од вас имаше можност во транспарентна постапка секојдневно да ги констатира проектите, работењата. Во овие четири години вложивме многу посветеност, труд, љубов, доживеавме различни предизвици. Она кое сакам да го порачам вечерва, суштината на секој изборен процес е да бидеме подобри од минатото, со нашето искуство кое го стекнавме, ќе се трудиме да ја подобриме продуктивноста на локалната администрација, да бидеме слуга на вас, граѓаните, преку јавните претпријатија, само така ќе испорачаме подобрување на вашето и наше секојдневие, за помодерен и поубав Штип“, рече Јорданов.
Кандидатот за градоначалник на општина Штип упати благодарност и порака до граѓаните, масовно да излезат на 19 октомври и да го дадат својот глас за ВМРО-ДПМНЕ, за да продолжи општина Штип да се развива со уште по засилено темпо, со уште поголеми проекти за најмодерен и најразвиен град во Македонија.
„Секој еден глас одлучува, секој еден глас ја создава иднината на нашиот град, излезете и масовно заокружете го бројот 9 на 19 октомври. Колку е по масовна победата толку е поголема обврската и одговорноста која што ја имаме. На Штип му е потребно обединување, на Штип му е потребен развој, на Штип му е потребна масовна победа и поддршка за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија, само така ќе продолжи развојот, само така ќе продолжат проектите во нашиот град. Никогаш нема да ве изневериме, со уште поголемо срце и енергија ќе продолжиме да го градиме нашиот град, да го направиме најразвиениот, најмодерниот, најубавиот град во Македонија. Вечерва со чист образ ве гледам во очи, ајде заедно да продолжиме да го градиме нашиот Штип со којшто ќе се гордееме“, вели Јорданов.
Соопштенија
(Видео) Филипче од Струмица: Македонија не може да ја води Мицкоски, човек без компас и без човечност!

„Година и пол премиерот Мицкоски ја води владата и државата без компас и без човечност, Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција“, нагласи Претседателот на Социјалдемокртаскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на вчерашната граѓанска трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Струмица.
Филипче посочи дека Владата на Мицкоски за година и пол на власт и не направи ништо.
„Ја клекна економијата на колена, го заборави народот и го остави со уништен животен стандард. Го закочи патот напред кој СДСМ му го остави отворен“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче праша што очекува премиерот Мицкоски после ваквиот колапс на државата.
„Човек што не поднесува критика и затоа секојдневно понижува, напаѓа и навредува. Човек кој се жали дека сите го мразеле – а цела година ги нарекуваше луѓето глодари, лешинари, предавници. Се прашувам – што точно очекува Христијан Мицкоски? Дека народот ќе му аплаудира додека го понижува? Дека ќе го сакаат додека ги плаши и дели? Дека ќе го следат додека гледа само за себе, а ги игнорира барањата на граѓаните, на работниците, на земјоделците?“, рече Филипче.
При тоа, тој додаде дека единствената стратегија на премиерот Мицкоски е за секој свој неуспех да ги обвинува другите.
„Да каже дека сите други се криви – само тој не. Дека Македонија ја уништиле другите – а тој не можел сега ништо да направи. Кажува дека државата е заложник, а тој е жртва на хибридни напади, странски служби и стотици измислени приказни за да ја покрие својата неспособност. Но да зборуваме реално, што направи ВМРО-ДПМНЕ за една и пол години централна и четри години локална власт? Ниту една реформа, ниту една нова визија, ниту еден план за младите, ниту еден концепт за економијата“, рече Филипче и додаде дека состојбата во државата што се случува поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ не е само политички проблем, туку ова поведение на власта е државна закана.