Македонија
(Видео) Бошњаковски: Во деновите до референдумот Владата ќе ги штити граѓаните од лажни вести и дезинформации
Портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, денеска на прес-конференција информира за активностите што Владата ќе ги преземе во насока на заштита на граѓаните од лажни вести и дезинформации преку објави на социјалните мрежи за време на претстојниот период пред референдумски молк.
Секоја вест, како што најави портпаролот на прес-конференцијата, која ќе биде детектирана дека е лажна или дека е дезинформација или, пак, полувистина, ќе биде соодветно идентификувана и, како што појасни тој, ќе биде објавено дека е неточна на официјалните комуникациски канали на Владата.
„Вечерва завршуваат активностите на кампањата од јавен интерес со која Владата ги информира граѓаните на нашата земја за придобивките од договорот со Грција и за придобивките од членството во НАТО и ЕУ поврзани со референдумот што треба да се одржи в недела. На полноќ настапува законски предвидениот молк и период до 30 септември, денот што е одреден за изјаснување на граѓаните на референдумот. Врвен приоритет на оваа Влада е на граѓаните да им биде обезбеден сеопфатен и објективен пристап до релевантни и точни информации, врз основа на кои граѓаните самостојно ќе одлучат како ќе се изјаснат на референдумот в недела“, изјави Бошњаковски.
На крајот, владиниот портпарол ги повика граѓаните да ги примаат сите вести со внимание за време на молкот, да ги анализираат изворите од кои доаѓаат информациите и да прават двојна проверка на секоја вест што им изгледа невообичаена или сензационална.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

