Македонија
Министерот Бектеши им додели признанија на најуспешните туристички работници по повод Светскиот ден на туризмот

Честитајќи им го Светскиот ден на туризмот – 27 Септември на традиционалната манифестација што Министерството за економија ја организира секоја година, министерот за економија, Крешник Бектеши, додели над 50 признанија за најуспешните поединци, здруженија и деловни субјекти од туристичкиот сектор во повеќе различни категории, како: хотел, со поткатегориите: спа, градски, езерски, планински и нова инвестиција; ресторан; сместувачки капацитет од физичко лице; туристичка агенција, генерално, и агенција за дојдовен туризам; тур-оператори; манифестација; туристички водич, како и најдобар проект од областа на туризмот, информираа од Министерството за економија веднаш по завршувањето на манифестацијата.
Бектеши им се заблагодари на сите фактори од стопанскиот, научниот и културно-општествениот живот во Република Македонија, кои на директен или индиректен начин со своето професионално дејствување имаат влијание врз развојот на туризмот во земјата.
„Минатата година ја завршивме со бројка од 998.841 туристи и 2,8 милиона ноќевања. Во првото полугодие од оваа година бројот на туристите е зголемен 16,4 отсто, а само во јуни имаме зголемување на туристите од 20,7 отсто. Изразено во апсолутни бројки, во првото полугодие влегле 433.361 турист, односно имаме 923.855 остварени ноќевања. На прагот сме на своевиден рекорд од осамостојувањето до денес – до крајот на годината да ја надминеме бројката од 1 милион туристи и да оствариме 3 милиони ноќевања! Значи, наместо до 2020, ние предвреме ќе ја оствариме зацртаната цел“, изјави Бектеши.
Според него, статистичките податоци се уште еден сигнал дека политиките се одлично поставени, но ќе мора уште да се работи бидејќи целите се многу поамбициозни.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата е околу 1 час

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини Табановце и Богородица времето на чекање за влез во државата изнесува околу 1 час. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне сончево, попладне наместа нестабилно со локален дожд и грмежи

Претпладне сончево со умерена облачност. Попладне наместа ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, сончево со умерена облачност и со слаб до умерен југоисточен ветер. Попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Времето во наредните денови
Од среда на повеќе места ќе биде нестабилно со повремени врнежи од дожд, локално поројни, проследени со грмежи. Дневната температура ќе биде во постепено благо опаѓање.
Македонија
Карпош, Ѓорче Петров и Сопиште денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· Oд 08:00 до 16:00 часот, дел од корисниците во Стопански Двор. (Општина Ѓорче Петров);
· Oд 09:00 до 13:00 часот,ул.24 с.Сопиште КАЈ ИЦЕ МАК (Општина Сопиште);
· Oд 09:00 до 14:00 часот, дел од корисниците на ул.Ванчо Мицков,во Долно Нерези (Општина Карпош) ;
· Oд 10:00 до 14:30 часот, дел од потрошувачите на ул.Женевска (Општина Карпош).