Македонија
„Мост“: Член на избирачки одбор во Кисела Вода ги нарекувал гласачите предавници
Според податоците на граѓанската асоцијација „Мост“, до 18 часот одѕивот на гласачи на референдумот е 33 отсто. Набљудувачите на „Мост“ забележале повеќе нерегуларности во текот на гласачкиот процес.
На гласачкото место 2666 во општина Кисела Вода, член на избирачкиот одбор на глас ги читал имињата на гласачите што гласале, ги повикувал другите да не доаѓаат да гласаат и ги нарекувал предавници.
Набљудувачите и регионалните координатори на „Мост“ на гласачкото место 1961 во општина Тетово регистрирале 10 случаи на некористење на УВ-ламбата, при што избирачкиот одбор не реагирал на ваквата појава.
Потоа, на растојание помало од 100 метри, пред гласачкото место 2484 во општина Гази Баба, отворен бил промотивен штаб за „за“.
На гласачкото место 2457 во село Радуша, општина Сарај, набљудувач се мешал во работата на избирачкиот одбор, при што оттаму повикале полиција. Направен бил записник, а гласањето било прекинато во период од 40 минути.
На гласачкото место 1863/1 во село Мислешево, општина Струга, гласач во кутијата пуштил празен лист хартија, а гласачкото ливче успеал да го изнесе надвор од избирачкото место. Била повикана полиција, која го идентификувала лицето.
На гласачкото место 1883/1 во село Октиси, општина Струга, избирачкиот одбор ги отстранил сите набљудувачи од гласачкото место со изговор дека немале валидни акредитации од ДИК, иако до 17 часот непречено го следеле процесот на гласање.
Од „Мост“ информираат дека целосно ќе известат за резултатите и рапсределбата на гласовите веднаш по пребројувањето и сумирањето на гласовите на избирачките места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

