Македонија
Заев: Или Собранието ќе го прифати гласот на народот, кој се изјасни „за“, или предвремени избори веднаш
Ако ВМРО-ДПМНЕ не ја почитува волјата на народот, тогаш веднаш одиме на избори, порача премиерот Зоран Заев по затворање на гласачките места за референдумот во 19 часот. Тој рече дека гласањето поминало мирно. „Имавме мирен референдумски ден. Имавме успех за демократијата и успех за европска Македонија“, рече Заев и порача дека волјата на граѓаните мора да се почитува.
„Секој граѓанин донесе одлука по сопствено убедување, референдумот е алатка на која одлучуваат само тие што излегуваат на гласање. Без разлика на организираниот бојкот од страна на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, секако со чест на исклучоци, очекувам дека огромно мнозинство од граѓаните кои гласаа го избрале европскиот пат за Македонија, за неколку часа ќе почекаме и ќе видиме кој е резултатот од гласањето. Сега, гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум треба да се претвори во политичка активност во законодавниот дом. Ако навистина како што очекуваме сите имаме видливо, големо, огромно мнозинство ЗА, од тие што гласале, тогаш јасна е иднината. Гласот на пратениците во Собранието, треба да биде глас за одлучно и одговорно да ги забрзаме процесите за конечно членство во НАТО и ЕУ и за подобар живот на нашите деца и на сите граѓани на Македонија“, рече Заев.
Тој додаде дека очекува од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат, како што рече, демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале. Во спротивно, рече тој, нема друго туку ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина:
· од 06:00 – 10:00 часот, корисниците од ул. Пајак и ул. Наум Наумовски Борче. (Општина Центар)
· од 08:00 – 12:00 часот, дел од корисниците од ул.Пејо Јаворов (општина Кисела Вода)
· од 09:00-11:00 часот корисниците од улиците со бр. 406 и бр, 408 во с. Марино. (Општина Илинден)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улица со бр. 101 во нас. Волково. (Општина Ѓорче Петров)
· од 09:00-15:00 часот корисниците од улиците Индира Ганди, Брсјачка Буна, Овчеполска, Пелагонија, Демирхисарска, Сландол, Хаџи Јован Шишков,Злетовска, Тиквешка и ул.Нов Живот. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно облачно, попладне и кон крајот на денот повремен дожд
Променливо облачно, попладне и во текот на ноќта ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини врнежи од дожд и снег. Ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 1 до 6, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно, попладне и кон крајот на денот ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од југоисточен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 3, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува период на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер што ќе услови до недела релативно високи температури. Од недела попладне ќе започне да дува северен ветер и температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
Магла на неколку патни правци, слаб снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег на Попова Шапка без задржување на коловоз. Намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 100 метри, Стража до 80 метри и кај Крушево до 30 метри, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

