Македонија
„Гласачкото ливче си го ставил во џебот и се обидел да подметне други“, МВР со информации за нови инциденти
Министерството за внатрешни работи соопшти за неколку нови инциденти за време на гласањето на референдумот.
Во 17.25 часот на избирачкото место 2457 во основното училиште „Фаик Коница“ во село Радуша било прекинато гласањето поради забелешки од страна на претседателот на избирачкиот одбор дека Ј.Д., акредитиран набљудувач на невладина организација, ги вознемирува гласачите. Ј.Д. доброволно го напупштила гласачкото место. Во 18 часот гласањето продолжило.
Во 17.15 часот во СВР Охрид било пријавено дека на гласачкото место број 1863/1 во основното училиште „Јован Крежески“ во село Мислешево, А.М. (32) зел гласачко ливче и си го ставил во џебот, а се обидел други две ливчиња да стави во гласачката кутија, но не успеал. По тоа, тој го напуштил местото. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.
Во СВР Охрид било пријавено дека во село Лабуништа од страна на избирачкиот одбор била отстранета С.М., набљудувач од невладина организација.
Во Полициската станица Радовиш, Д.Р. (62) од Радовиш пријавил дека надвор од гласачките места 1580, 1580/1, 1581, 1581/1, 1582, 1582/1 во средното училиште „Коста Сусинов“ во Радовиш група граѓани агитирале за гласање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 30. 9. 2018 во 17.15 часот во Полициската станица Свети Николе, заменик-претседателот на Општинската изборна комисија од Лозово известил дека истиот ден околу 17 часот во просториите на Општинската изборна комисија во Лозово дошло лицето С.С. (44) од село Каратманово и пријавило дека во попладневните часови телефонски му се јавил А.В. и, како што кажал, инсистирал да излезе и да гласа и му се заканил дека доколку не излезе, ќе му била укината социјалната помош. За настанот бил известен јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

