Црна хроника
Пријави за поранешни градоначалници на Старо Нагоричане поради незаконски вработувања
Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривична пријава против М.Ј.(58) од село Никуљане, поранешен градоначалник на општина Старо Нагоричане, М.С.(58) од село Старо Нагоричане, поранешен градоначалник на општина Старо Нагоричане, и Г.Д.(40) од Куманово, раководител на одделение за општи и правни работи во општина Старо Нагоричане, поради постоење основи на сомнение за сторено продолжено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во текот на 2012 година и 2013 година првопријавениот ја злоупотребил својата службена положба на тој начин што, откако со одлука донесена од страна на Советот на општина Старо Нагоричане, формирал Територијална противпожарна единица на општина Старо Нагоричане, изготвил правилник за систематизација на работни места, систематизирал работни места и распишал јавен оглас за вработување на неопределено работно време на еден извршител – пожарникар возач, по што спротивно на одредбите од Законот за пожарникарство, вработил лице на работно место пожарникар возач кое имало завршено основно образование, иако работното место било утврдено со средно образование. Во периодот од 2014 година до 2015 година, второпријавениот ја злоупотребил својата службена положба на тој начин што го изменил веќе постоечкиот правилник за систематизација на работните места во Општина Старо Нагоричане и го проширил бројот на извршители и систематизирал нови работни места во Територијална противпожарна единица пожарникар возач (два извршители) и пожарникар (седум извршители), пропуштајќи за одредени работни места да внесе „да има положено возачки испит од Ц-категорија“ што е спротивно на член 11 став 2 точка 3.
По ова, најпрво распишал јавен оглас за вработување на неопределено работно време на девет извршители на работните места, а потоа распишал уште еден јавен оглас за вработување на еден извршител (пожарникар) и по двата распишани јавни огласи вработил: командир на Територијална противпожарна единица пожарникари и пожарникар возач.
Третопријавениот иако знаел дека така изготвените правилници се со содржина спротивна на Законот за пожарникарство, до Агенцијата за администрација испратил барања за писмена согласност, како и барања за објавување на јавниот оглас до редакции на два дневни весници, решенија за потреба од засновање работен однос на неопределено време, решенија за избор на најуспешен кандидат и решенија за склучување договор за вработување на неопределено време, со што постапил спротивно на неговите пропишани работни должности и неговите овластувања. Со наведените дејствија прво, второ и третопријавениот им овозможиле на седум лица од општина Старо Нагоричане да се вработат во Територијална противпожарна единица општина Старо Нагоричане и да се стекнат со противправна имотна корист од 5.233.117,00 денари со што го оштетиле буџетот на Општина Старо Нагоричане, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три жени пријавиле семејно насилство за 12 часа – приведени осомничени во Кисела Вода, Центар и Чаир
Во текот на изминатото деноноќие, во три одделни случаи на семејно насилство, три жени пријавиле дека биле физички нападнати од нивните партнери на подрачјата на Кисела Вода, Центар и Чаир.
Во првиот случај, пријавен на 12 февруари во 17:50 часот, полициски службеници од СВР Скопје извршиле службен разговор со П.Л. (45) од Скопје, откако било пријавено дека во неговиот дом ја нападнал својата 48-годишна вонбрачна партнерка. Случајот се документира и ќе следува соодветна пријава.
Во вториот случај, на истиот ден во 22:00 часот, на подрачјето на Центар, полицијата го привела Н.Ј. (52) од Скопје, поради сомнение дека околу 17:00 часот физички ја нападнал својата 32-годишна партнерка. По комплетирање на доказите ќе биде поднесена пријава.
Во трет случај, на 13 февруари во 04:40 часот, 35-годишна жена пријавила дека околу 01:40 часот, на подрачјето на Чаир, била физички нападната од нејзиниот партнер Б.С. (24) од Скопје. И за овој настан ќе биде поднесена соодветна пријава по целосна документација.
Од МВР информираат дека сите случаи се обработуваат.
Црна хроника
Пронајдени коски и парче облека во Скопје, полицијата истражува
На локација викана „Сулејманови ливади“ во село Горно Количани, скопско, биле пронајдени коски слични на човечки, а во близина и парче облека.
Случајот бил пријавен во СВР Скопје во текот на вчерашниот ден, по што на местото излегла увидна екипа која извршила преглед.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Пешак тешко повреден на Орце Николов, возило удри во 56-годишна жена
На улицата „Орце Николов“ во Скопје, 56-годишната Д.Д. од Скопје била тешко повредена откако во неа удрило патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д.Ѓ. (46) од Скопје.
Несреќата се случила околу 13:00 часот, а повредите на жената биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“.
На местото на настанот извршен е увид од екипа на СВР Скопје.

