Македонија
(Видео) Спасовски: Интензивирање на соработката во борбата против криминалот и контрола на оружјето

Борбата против сите облици на криминал е еден од стратешките приоритети и заложби на Владата на Република Македонија, а пред сè на Министерството за внатрешни работи, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во своето обраќање на регионалниот семинар „Борба против трговија со оружје и експлозиви во Западен Балкан“ – примена на нови технологии во борбата против трговијата со оружје, што денес и утре се одржува во Скопје во организација на Министерството за внатрешни работи – Дирекцијата за меѓународна соработка на Република Франција во партнерство со Министерството за надворешни работи на Република Франција.
„Неопходно e интензивирање на соработката како на регионално ниво, така и пошироко. Oсобено важно е да се воспостави соодветен систем за евиденција и контрола на оружјето, кој ќе помогне во понатамошните постапки за пронаоѓање на оружјето со кое евентуално се сторило одредено кривично дело, а со тоа и самиот сторител на кривичното дело“, рече Спасовски.
Како членка на Обединетите нации, Македонија во континуитет презема активности за реализирање на обврските што произлегуваат од релевантните конвенции и други документи во областа нa контролата на оружјето. Во таа насока Република Македонија во домашната регулатива доследно и целосно ги имплементира меѓународни документи, протоколи, договори од областа на оружјето и експлозивните материи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот во депонијата во Арачиново

По неколкучасовно гаснење со специјална пена, скопските пожарникари успеаја целосно да го изгаснат огнот во депонијата кај Арачиново иако сѐ уште може да се забележи чадење од неколку места, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Пожарот избувна синоќа, а според првичните информации е подметнат. Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека оваа депонија има ограда и влезна врата. Скопските пожарникари ја затекнале вратата на депонијата отворена, во депонијата имало фрлена поголема количина на пакуван сончоглед кој горел со силен пламен но и други горливи производи.
Најверојатно намерно запалениот сончоглед предизвикал опожарување на дел од депонијата.
Поради насоката на струењето на воздухот, смрдеата од пожарот во оваа депонија се чувствуваше во делови од Скопје.
Македонија
Николоски: Очекувам изградбата на автопатот Скопје-Блаце да почне до почетокот на следната година

Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, изјави дека очекува автопатот Скопје-Блаце да започне со градба до почетокот на следната година.
„Тој проект се реализира со подршка на ЕБРД. Рокот за поднесување за понуди истекува на 30 септември. Ќе ги видиме понудите и заедно со ЕБРД ќе направиме селекција и зависно од бројот на понуди очекувам меѓу крајот на ноември и почетокот на јануари во зависност од временските услови изведувачот да биде воведен во работа“, рече Николоски.
Тој додаде дека рокот за изгрaдба е три години од почетокот на активностите и тоа значи дека почетокот на 2029 година би требало да има автопат.
Македонија
За првпат лице со попреченост е носител на листа за Совет на Град Скопје – Коалицијата за зелена иднина ги претстави листите за советници

На вчерашната прес-конференција, Коалицијата за зелена иднина, формирана од Зелената партија ДОМ, Движењето за демократија, права и слобода (ДПС) и локални активисти и иницијативи, ја претстави листата за претстојните локални избори и ја нагласи историската одлука на македонската политичка сцена – првпат лице со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, е носителка на листата за Совет на Град Скопје.
Овој исчекор ја потврдува заложбата коалицијата да отвори простор за ранливите и маргинализираните и да ја преточи инклузијата во конкретни локални политики.
Един Јакуповиќ, претседател на Движењето за демократија, права и слобода (ДПС) истакна дека коалицијата е изградена и рамо до рамо со локални активисти и граѓански иницијативи ширум државата.
„Нашите листи ќе се натпреваруваат во 12 општини: Град Скопје, Центар, Карпош, Куманово, Битола, Ранковце, Охрид, Штип, Демир Капија, Дојран, Дебар и Маврово-Ростуше. Оваа одлука за коалиција не е партиска манипулација, туку политички завет: завет за здрава животна средина, чесност, граѓанска партиципација и грижа за ранливите – тоа ќе биде сржта на нашата коалициска платформа“, порача Јакуповиќ
Според Александар Анѓушев, ко-претседател на ДОМ и носител на листата за Совет на општина Карпош, оваа коалиција е одговор на празнината што ја оставија класичните партиски монополи. Платформата се темели на јасни приоритети: заштита на природата, транспарентност на одлучувањето, интегритет во администрацијата и вистинска грижа за оние што најмногу страдаат.
„Влегуваме во кампања со кандидати и кандидатки кои знаат да донесуваат одлуки – не само да добиваат места“, рече Анѓушев и нагласи дека со гордост го истакнува историскиот избор на листата за Град Скопје: за прв пат една личност со попреченост, Ана Карајанова-Димитрушева, ќе ја предводи листата за советнички места. Таа не е симболична фигура, туку гарант дека во Советот ќе влезе вистински застапник за правата на ранливите. Ние сме длабоко уверени дека таа ќе биде избрана и ќе работи како глас за илјадниците граѓани чии проблеми долго беа системски игнорирани. Уште одамна кажавме дека оваа коалиција е отворена за независните активисти и тоа го покажуваме на дело – ние ја споделуваме нивната енергија и им даваме политичко искуство“, додаде Анѓушев
Ана Карајанова – Димитрушевска, носителка на листа за Совет на Град Скопје, истакна дека кандидатурата ја прифаќа како обврска пред луѓето со попреченост, пред лицата со посебни потреби и нивните семејства и пред сите оние кои секојдневно се соочуваат со бариери во нашето општество.
„Моето учество јасно кажува дека политиката може и мора да се отвори за оние кои порано беа отфрлени и оставени надвор од системот. Ги носам искуствата од невладиниот сектор во суштинските дебати за основните човекови права: пристапност во јавните простори и јавни институции, грижа во здравството, подобра социјална заштита на локално ниво и решавање на реалните проблеми на семејствата на пациентите и најранливите“, рече Карајанова – Димитрушевска, притоа поздравувајќи ја соработката со локалните активисти кои со години се борат за чист воздух, за парковите, за зеленилата, за спречувањето на дивите депонии.
„Јас доаѓам од Битола, град со долгогодишна културна и историска традиција, но и град кој одамна заслужува фер и чесна локална власт. Како Ром и како граѓанин на овој град, секогаш сум се борел за еднаквост во секојдневниот живот“ порача Рамадан Рустемов, носител на листа за Совет на општина Битола.
Тој посочи дека Битола се соочува со предизвици во образованието, во здравството, во пристапот до работни места и до јавни услуги.
„ Оваа коалиција за мене е гаранција дека мојот народ конечно ќе има глас во Советот и ќе биде слушнат кога зборува за проблемите што со години се игнорирани. Денеска, кога зборуваме за зелена иднина, ние не зборуваме само за паркови и чист воздух – зборуваме за достоинствен живот. За маала што нема да бидат оставени на маргините, за училишта во кои децата ќе имаат еднакви услови, за град во кој јавните простори ќе бидат достапни за сите. Нашата борба не е борба само за Ромите, туку за сите граѓани на Битола кои сакаат чесна, правична и еколошка власт. Со оваа коалиција, ние ја отвораме вратата за промена која ги обединува различностите околу една заедничка цел – зелена, достоинствена и праведна иднина“, рече Рамадан Рустемов.
Проф. д-р Ана Угринска, ко-претседателка на ДОМ и второ место на листата за Совет на Град Скопје, потенцираше дека Коалицијата за зелена иднина е друг вид на политичка сила која ја отфрла логиката на партискиот клиентелизам.
„Зелената партија ДОМ и ДПС ги соединуваат најдобрите карактеристики: близина до граѓаните и искуство во управувањето. Се нудат конкретни мерки за транспарентни јавни буџети, локални планови за енергетска ефикасност, стандарди за пристапност, механизми за вклучување на граѓаните во донесувањето одлуки и социјални програми за ранливите. Во секоја од 12-те општини, ние ќе влеземе со барем еден советник што ќе го бранат интересот на граѓаните и граѓанките – ова не е оптимистичка реторика, туку целосно реална и планирана стратегија“, истакна Угринска.
Притоа таа порача дека Коалицијата за зелена иднина на овие локални избори нуди нешто што другите политички партии не можат да го спојат, а тоа е етичка политика, реални и одржливи решенија и вистинска грижа за природата и луѓето.
„Ги повикуваме и сите оние гласачи кои се неопределени да ни се придружат и преку Коалицијата за зелена иднина да станат дел од одлучувачките процеси и ние ќе работиме секој ден за да го оправдаме секој даден глас. Коалицијата за зелена иднина е повик за солидарност, за правда и за конкретна промена на локално ниво. Ве повикуваме да ни се придружите заедно да ја градиме општинската власт како место на доверба, одговорност и зелена променa. За зелена иднина“, заклучи проф. д-р Ана Угринска, ко-претседателка на ДОМ и второ место на листата за Совет на Град Скопје.