Македонија
(Видео) Спасовски: Заедно со стручната јавност, најдоцна до 15 ноември ќе го дефинираме моделот за реформа на УБК

Денеска на седницата на Владата ќе предложам информација за процесот на реформа со кој во следниот период ќе го избереме моделот по кој ќе се одвива реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање, во која ќе ги образложам причините за потребата од ваквата реформа, со предлог во претстојниот период Министерството за внатрешни работи да одржи повеќе консултации и дебати со релевантни општествени чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел за реформа, рече министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција со директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање, Горан Николовски.
„Изминатиов период МВР почна неколку реформски проекти кои имаа за цел воспоставување и зајакнување на професионалните стандарди, владеење на правото и функционирање на правната држава, а и во наредниот период продолжуваме интензивно со овие процеси. Реформските процеси се водат во оние области кои во извештаите на Европската комисија и релевантните меѓународни организации беа оценети како најкритични и како области во кои Министерството бележи негативни референци“, рече Спасовски.
Злоупотребата на овие служби, особено на Управата за безбедност и контраразузнавање, рече Спасовски, предизвикаа сериозна политичка криза во нашата земја и го нарушија угледот на демократијата.
„Пред една година почнавме со реформа на системот на следењето на комуникациите, кој во извештајот на експертската група беше посочен како клучен инструмент за злоупотреба и незаконско дејствување од страна на тогашните носители на власт. Реформата успешно се спроведува, се преземаат сите оперативни и логистички активности и согласно со Законот за следење на комуникациите, новиот систем ќе почне со работа не подоцна од 1 ноември оваа година“, додаде Спасовски.
Директорот на УБК, Горан Николовски пак, за време на заедничката прес-конференција рече дека како човек кој многу години работи во безбедносните служби е задоволен од одлуката за реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање, како дел од безбедносно-разузнавачкиот сектор.
„Почнуваме консултативен процес со сите општествени чинители, но и ја продолжуваме досегашната успешна соработка со нашите стратешки партнерски служби. На крајот од овој процес, како професионалец ќе бидам задоволен затоа што верувам дека ќе успееме да одбереме модел што ќе гарантира професионална и департизирана служба, која ќе биде доволно транспарентна во својата работа, но и ќе успее да ги заштити интересите на државата и да работи во интерес на граѓаните. Во периодот што претстои ви најавуваме повеќе средби и за секоја активност од консултативниот процес ќе ве информираме соодветно“, посочи директорот на УБК, Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Во Кочани нема да има концерт за Петровден, Крстевски го откажа на барање на родителите на загинатите деца во „Пулс“

Откажан е музичко забавниот дел од програмата за одбележување на Петровден, празникот на градот Кочани. Ваква одлука вчера донесе в.д. градоначалникот, Венко Крстевски, откако родителите на загинатите во трагедијата од 16 март годинава се собраа пред сцената во Паркот на Револуција, каде требаше да запчне концерт со настап на повеќе бендови. Тие поставија фотографии на своите деца и запалија свеќи.
Животот продолжува, но трагедијата во дискотеката „Пулс“ нè остави во заложништво на болката, особено за родителите кои живеат со страв и загуба. Откажувањето на музичкиот дел од денешниот и утрешниот настан не требаше да се случи – не затоа што не ја почитуваме тагата, туку затоа што нашата обврска е да се грижиме за сите, да го вратиме нормалното секојдневие и да покажеме дека заедништвото се гради со храброст и заедничка работа, а не со запирање на животот, стои во соопштението на в.д. градоначалникот Крстевски.
Претходно, родителите на загинатите во дискотеката „Пулс“ во пресрет на Петровден писмено се обратија до него со барање да се одложи музичко-забавниот дел од програмата.
Македонија
Гужви на Богородица за влез во Грција

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На ГП Табановце за влез во државата и ГП Богородица за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 15-20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Денес сонце и температури до 36 степени

Сончево и потопло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 18, а максималната ќе достигне од 29 до 36 степени.
Во Скопје, сончево и потопло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Следува период на сончево и топло време со мала до умерена облачност.