Свет
Џузепе Конти: Еврото е нашата валута, нема преговори за тоа
Италијанскиот премиер, Џузепе Конте, изјави во вторникот дека Рим ќе го задржи еврото, додавајќи дека секое друго мислење во врска со европската валута нема никаква врска со политиките на неговата влада, пренесува „Спутник“. Конте изјави дека Италија е подготвена да почне дијалог со европските институции за буџетските прашања.
„Еврото е нашата валута и за тоа не може да се преговара. Сите изјави што укажуваат на нешто друго се слободни и произволни мислења кои немаат никаква врска со политиките на оваа влада”, напиша Конте на Фејсбук.
Изјавата на Конте доаѓа во време на дебатата за италијанскиот буџет за кој претставниците на ЕУ предупредија дека е во спротивност со клучните правила за намалување на долгот на блокот и дека треба да се измени.
Коментирајќи ги прашањата за еврото во октомври, претседателот на Комитетот за буџет во Долниот дом на Парламентот, Клаудио Борги, добро познат по својот евроскептичен став, изјави дека евровалутата не функционира правилно и ѝ штети на економијата на блокот. Сепак, Борги ги негираше тврдењата за евентуално италијанско повлекување од еврозоната поради претстојното усвојување на законот за буџети, нарекувајќи ги глупости.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Изгласана новата Европска комисија на Урсула фон дер Лајен
Претставниците на Европскиот парламент со повеќе од половина од мнозинството гласови ја избраа новата Европска комисија предводена вторпат од Урсула фон дер Лајен, која ја презема функцијата в недела, 1 декември.
Гласаа 688 пратеници, од кои 370 гласаа за потврдување на Комисијата, 282 беа против, а 36 беа воздржани.
Комисијата доби помалку гласови од Урсула фон дер Лајен кога Европскиот парламент гласаше за новиот шеф на Комисијата во јули кога таа доби 401 глас.
Пред пет години, во јули 2019 година, Урсула фон дер Лајен доби само 383 гласа, девет повеќе од апсолутното мнозинство, но нејзината прва Комисија доби поддршка од 461 европратеник, значително повеќе од денес, со тоа што тогашниот состав имаше помалку европратеници, 705, а сегашната има 720.
„Првата голема иницијатива на новата Европска комисија ќе биде компас за конкурентност, што вклучува затворање на иновацискиот јаз со САД и Кина, заеднички план за декарбонизација и конкурентност и зголемување на безбедноста и намалување на зависноста. Тој компас за конкурентност ќе биде рамка за нашата работа до крајот на мандатот“, објави претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, во својот говор пред претставниците на Европскиот парламент, во кој ја претстави својата програма.
Таа рече дека компасот ќе биде изграден на три столба од извештајот за европската конкурентност, што за Комисијата го напиша поранешниот италијански премиер и претседател на Европската централна банка, Марио Драги.
Зборувајќи за заостанувањето во иновациите, Фон дер Лајен рече дека ЕУ е на исто ниво со САД и Кина кога станува збор за патенти и создавање стартапи.
Сепак, само една третина од европските патенти се комерцијално експлоатирани, а европските стартапи наидуваат на многубројни пречки за нивниот раст.
Свет
Роберт Фицо му честита на Трамп за победата, разговараа за војната во Украина
Словачкиот премиер Роберт Фицо преку телефонски разговор му ја честитал победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, од кој значаен дел е посветен на анализата на војната во Украина, соопштија од кабинетот на премиерот.
Фицо нагласи дека во Европа, а особено во Словачка, многумина се надеваат дека Трамп ќе го реши конфликтот во Украина, пренесе ТАСР.
„Убеден сум дека има огромни очекувања во однос на него не само во Словачка туку и во цела Европа кога станува збор за воениот конфликт во Украина“, рече Фицо.
Регион
Убиен син на хрватски пејач во Еквадор: го застрелале две лица на мотор, го убиле со четири куршуми
Томислав Зеленчиќ (48), хрватски државјанин, е убиен во вооружен напад во Манта, во провинцијата Манаби во Еквадор, што го прави четврта жртва во регионот во последните три дена. Зеленчиќ, кој живееше во тој град повеќе од 20 години, беше убиен во напад во вторникот, на 26 ноември, во 10 часот, во близина на неговиот дом во населбата Јоцај.
Според изјавите на сведоците, жртвата се движела по тротоарот во близина на неговата куќа, а нападот го извршиле две лица на мотор. Напаѓачите, според еквадорските медиуми, испукале најмалку четири куршуми кон Томислав Зеленчиќ пред да побегнат. Тешко повредениот Хрват останал да лежи на улицата во локва крв. Соседите и роднините со приватно возило го пренеле во болницата „ИЕСС Манта“, каде што и покрај напорите на медицинскиот персонал, набргу починал. Полицијата излегла на местото на настанот за прибирање докази. Телото е пренесено на судска медицина во Манта за понатамошна обдукција. Мотивот за нападот сè уште не е познат, а властите почнале интензивна истрага за откривање на сторителите.
„Јутарњи лист“ пишува дека Зеленчиќ е син на пејачот Инослав (Ино) Зеленчиќ, основач на групата „Задар експрес“. Пред многу години Томислав се преселил во Панама, каде што работел на рибарски бродови, по што се преселил во Еквадор. Еквадорските медиуми објавија и дека Зеленчиќ во 2016 година поднел пријава за грабеж, кој набргу бил решен.