Свет
Австралија го укинува данокот на тампони
Австралија ќе го укине контроверзниот данок на промет на женските хигиенски производи, рече благајникот Џош Фрајденберг, најавувајќи го потегот за кој се смета дека е обид на владата од десниот центар да го привлече женскиот дел од гласачите пред изборите во мај.
Производите како што се кондоми и средства за заштита од сонце се ослободени 10 отсто од данокот на стоки и услуги со кој се опфатени сите други производи што се продаваат во Австралија во текот на изминатите 20 години, вклучувајќи ги и производите за хигиена на жените.
Фрајденберг рече дека данокот ќе биде укинат на 1 јануари 2019 година, по одобрувањето на австралиските државни и локални законодавни тела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Земјотрес ја погоди Црна Гора
Земјотрес со јачина од 3 степени според Рихтеровата скала го потресе подрачјето на Црна Гора, јавува ЕМСЦ.
Епицентарот на земјотресот бил во близина на границата со Босна и Херцеговина, на околу 25 километри источно од Гацко, а бил почувствуван и на територијата на Херцеговина. Земјотресот е регистриран на длабочина од 9,2 километри.
Нема податоци за евентуална материјална штета предизвикана од земјотресот.
Свет
Шефот на кабинетот на Зеленски: Украина не е подготвена на компромис со Русија за да се стави крај на војната
Украина не е подготвена да постигне компромис со Русија и да отстапи од кој било дел од својата територија за да стави крај на војната, изјави началникот на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, Андриј Јермак.
Тој го изјави ова во вторникот во Вашингтон на новинарско прашање како ќе ја коментира изјавата на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп дека може бргу да го прекине конфликтот во Украина доколку биде избран за претседател на САД во ноември.
Јермак рече дека Украина ќе ги послуша сите совети за да постигне, како што наведе, праведен мир, но дека не може да прави компромиси кога станува збор за независноста, слободата, демократијата, територијалниот интегритет и суверенитет, пренесе „Ројтерс“.
Јермак е во посета на Вашингтон пред самитот на НАТО следната недела во главниот град на САД, каде што се очекува Украина да биде главна тема.
Досега САД испратија воена помош за Украина во износ од повеќе од 50 милијарди долари. Американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин, во вторникот изјави дека САД набргу ќе објават повеќе од 2,3 милијарди долари нова воена помош за Украина.
Свет
Израел нареди евакуација на третина од Газа; ОН: Прашањето е каде да се оди
ОН соопшти дека одлуката на Израел да ги евакуира Палестинците од областите Кан Јунис и Рафа е најголемата таква наредба во Појасот Газа откако борбите принудија 1,1 милион луѓе да го напуштат северниот дел на енклавата во октомври.
Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, во понеделникот рече дека наредбата за евакуација се однесува на една третина од Газа, а процената на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) вели дека околу 250.000 луѓе моментно живеат во областа.
Тој смета дека „евакуацијата во толку голем обем само ќе ги влоши страдањата на цивилите и ќе ја зголеми потребата за хуманитарна помош“.
Тој предупреди дека луѓето се соочени со „невозможен избор повторно да се преселат, некои веројатно втор или третпат, во области кои едвај имаат доволно простор и функционални услуги, или да останат во област во која ќе има жестоки борби“.
Според Министерството за здравство на Газа, речиси 38.000 луѓе загинале во борбите. Во енклавата живеат околу 2,3 милиона луѓе.
„За ваша безбедност, мора веднаш да се евакуирате во хуманитарна зона“, објави на социјалните мрежи Авичај Адрае, портпарол на израелските одбранбени сили на арапски јазик.
Додека израелската воена операција против Хамас се одолжува во својот десетти месец, цивилите во Газа се притиснати во сè потесните делови на земјата поставувајќи шатори во урнатините на градовите, од кои веќе побегнале, или покрај морскиот брег.
Многу жители на Кан Јунис се преселија таму од Рафа, откако беше цел на Израел во мај, предизвикувајќи околу милион луѓе да избегаат за само неколку недели. Дотогаш Рафа беше последното прибежиште за цивилите во Појасот Газа.
Наредбата за евакуација дојде откога претходно во понеделникот беа лансирани најмалку 20 ракети од областа Кан Јунис кон израелските заедници, кои се граничат со Газа, според израелската војска.
Луиз Вотериџ, портпаролка на Агенцијата за помош и работа на ОН (UNRWA), која им помага на палестинските бегалци, рече дека наредбата за евакуација може да влијае на околу четвртина милион луѓе во Кан Јунис – од кои на многумина ќе им биде тешко да се евакуираат поради лошите временски и хуманитарни услови.
Дури и ако може да заминат, рече таа, не е јасно каде може безбедно да одат: „Дури и најздравите луѓе ќе се борат да се движат на овие температури со недостиг на храна и вода“. Таа додаде: „А каде да одат тогаш? Тоа е следното прашање“.