Култура
„Копање“ на Иванов и Димитријевиќ и норвешкиот „Утојa – 22 јули“ на „Киненова“
Долгометражниот игран филм „Копање“, на Мартин Иванов и Ивица Димитријевиќ, во рамките на фестивалот „Киненова“ ќе има специјална проекција во киното „Фросина“ во МКЦ со почеток во 18 часот.
По проекцијата ќе се одржи сесија прашања и одговори со режисерите. Филмот е работен според истоимената претстава на германскиот драматург Кристијан Винклер, која беше поставена во Македонскиот народен театар во април 2017 година. Гораст и Ивица се другари од детството кои 16 години не комуницираат. Секој си има своја причина зошто не комуницирале толку многу години, но никогаш не ја споделиле меѓу себе…
Билетите чинат 100 денари.
Во 19:15 часот ќе се одржи трибина на тема „Македонскиот независен филм“.
Годинава на третото издание на „Киненова“ имаме посебен фокус на норвешките остварувања, кои се вистински предизвик за сите нас. Особено радува фактот дека неодамна Европската филмска академија ги објави петте номинации за најдобар европски филм во 2018, меѓу кои се најде и филмот што го претставуваме на годинашното фестивалско издание, „Утоја – 22 јули“ на Ерик Попе.
Во 20 часот во киното „Фросина“ во МКЦ продолжува ревијата на норвешки филмови/фокус на Норвешка со филм: U – July 22 на Ерик Попе. На 22 јули 2011 година повеќе од 500 млади луѓе на еден политички летен камп на остров надвор од Осло се нападнати од вооружени десничарски екстремисти. Претходно тој ден тие бомбардирале владина зграда во Осло пред да продолжат кон островот Утоја. Во овој фиктивен филм околу нападот ги запознаваме Каја (18) и нејзините пријатели. Филмот започнува со младите, шокирани од бомбардирањето во Осло, како ги смируваат своите роднини дека тие се далеку од инцидентот. Наеднаш, безбедната атмосфера е распарчена кога ќе се слушнат пукотници. Од тој момент ја следиме Каја во нејзиниот обид да преживее, минута по минута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Премиера на кратките филмови создадени во „Филмска училница“
На 13 декември, сабота, со почеток во 19:00 часот, во киносалата на Кинотеката ќе се одржи специјална проекција на кратките филмови изработени од младите филмаџии – учесници на работилницата „Филмска училница“, реализирана од Кинотеката на Република Северна Македонија и Гете-институт Скопје, како дел од меѓународниот проект ФилмЕД.
Премиерно ќе бидат прикажани четири кратки филма создадени во рамките на училницата: КЛЕТВАТА НА ПАПАГАЛОТ, ТИ И ЈАС, РОДЕНДЕНСКА МИТЕРИЈА, ПИСМОТО ЗА НАСТАВНИЧКАТА и ДЕВОЈЧЕТО НА СЛИКАТА.
Филмските училници од проектот ФилмЕД се одржуваа секоја сабота во Кинотеката во текот на првото полугодие од учебната 2025/26 година, а во нив учествуваа деца на возраст од 11 до 14 години. Под менторство на режисерите Саша Станишиќ, Светислав Подлешанов и Кирил Каракаш, младите учеа за основите на филмската уметност и активно работеа на создавање на свои први кратки филмови – во улоги на режисери, сниматели, актери и сценаристи.
„Филмска училница ФИЛМЕЈ“ е дел од проектот ФилмЕД, кој, покрај развој на методологии за филмска едукација, има за цел да ѝ понуди на младата публика можност да гледа филмови, но и место за дијалог и критичко промислување за нив. Преку интерактивни и креативни процеси, учесниците стекнаа основни знаења за филмот и филмската уметност, развија критичко размислување и добија практични вештини за создавање видео-содржини како средство за лично изразување. Кратките филмови што ги создадоа на овие училници утревечер ќе бидат прикажани пред нивните семејства, пријатели и пошироката јавност.
Кинотеката на Северна Македонија и Гете-институтот Скопје се дел од меѓународниот проект FilmED (Film Education), финансиран од Европската Унија преку програмата МЕДИА. Покрај нив, во проектот учествуваат партнери од Полска (Centrum Kultury Filmowej im. Andrzeja Wajdy), Унгарија (Nemzeti Filmintézet Közhasznú Nonprofit Zrt.), Чешка (Kruton) и Словачка (Kino Úsmev), а координатор на целиот проект е Гете-институтот во Прага.
Култура
Сашо Блажес изложува на меѓународна изложба во Кина
Современиот уметник Сашо Блазес е учесник на меѓународната групна изложба „Par-delà les nuages – abstraction“, организирана од реномираниот француски колектив Réalités Nouvelles, која се одржува во Сужоу, Кина, од 14 декември до 25 февруари.
Изложбата обединува современи апстрактни уметници од повеќе земји и ја истражува апстракцијата како универзален визуелен јазик што ги надминува културните и географските граници.
Проектот е куриран од Оливие Ди Пицио (Франција) и реализиран во соработка со француски и кинески културни институции.
Култура
Промоција на поетската книга „Ситна боранија“ од Јовица Ивановски
Во понеделник, 15.12.2025, со почеток во 20 часот, во новиот ЛАБОРАТОРИУМЛабораториум (12 Македонска Ударна Бригада бр. 2а, на паркингот позади старата Градска болница – некогашен Јукан), ќе се одржи промоција на поетската книга „Ситна боранија“, од Јовица Ивановски.
Книгата ќе ја промовираат Владимир Јанковски и Сашо Гигов-Гиш.
Авторот, воедно, прославува и двоен јубилеј: триесет години творештво и дваесетта книга поезија.
Jовица Ивановски е роден во Скопје, 1961 година. Автор е на дваесет книги поезија и неколку избори на македонски и англиски. Застапен е во повеќе антологии и препеан на петнаесетина јазици. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките Вечери на Поезијата за книгата „Човек“ (2019).

