Македонија
Претседателот Иванов во дводневна посета на Чешка

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, придружуван од сопругата Маја Иванова, престојува во дводневна официјална посета на Чешката Република.
Иванов денеска во Прага со највисоки државни и воени почести ќе биде примен од претседателот на Чешката Република, Милош Земан. Предвидено е двајцата претседатели да одржат заедничка средба, по што двете официјални делегации ќе одржат пленарен состанок.
Во рамки на дводневната официјална посета на Чешката Република, претседателот Иванов ќе оствари средби со претседателот на чешката Влада, Андреј Бабиш, со претседателот на сенатот, Милан Штех, и со претседателот на Пратеничкиот дом, Радек Вондрачек.
Сопругата на претседателот,Маја Иванова, во рамки на дамската програма ќе го посети Националниот институт за аутизам – НАУТИС во Прага.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Шест активни пожари во државата, еден е под контрола

Денеска, до 12:00 часот, на територијата на Македонија регистрирани се вкупно девет пожари на отворен простор, од кои активни се шест, под контрола е еден, а изгаснати се два пожари, извести Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во општина Берово: Дрџински рид, м.в. Стојковото, село Русиново (дабова, букова шума и папрат); општина Липково 1: село Никуштак (нискостеблеста деградирана шума и дабова шума); Општина Липково 2: село Оризаре (мешана шума и ниска вегетација); Општина Студеничани: село Варвара (мешана шума и ниска вегетација); Општина Струга: село Ложани (ниска вегетација) и исто така во општина Струга: село Белица (ниска вегетација)
Под контрола е пожарот во општина Гази Баба: Вардариште (каде што гори ѓубриште)
Како што информираше ЦУК изгаснати се два пожари.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Независноста не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја

Премиерот Христијан Мицкоски се обрати на Свечената академија по повод 8 Септември – Денот на независноста на Македонија.
„8 Септември не е само симболичен датум, туку момент на историска пресвртница за нашиот народ, за граѓаните, време кога се крена јарболот на независност, еден столетен, пркосен оган од многу борби, откажувања, човечки страдања, херојства, битки и порази, стана реалност“, кажа премиерот Мицкоски.
„Да не ја заборавиме и улогата на историското ВМРО која ја имаше во создавањето на македонската држава. Најживиот период од нашето постоење го имаше организацијата која роди многу македонски синови и ќерки, кои ја обединуваа интелигенцијата и го организираа народот, создавајќи отпор против една од најсилните империи во светот во тој период. Тие букви се впишаа во колективната меморија и ВМРО беше народниот трибун, сопатник на македонскиот пркос и непокор низ вековите. Асномците пак, тие ја имаа визијата и достојно ги чуваа идеалите за кои се бореа илинденците“, рече Мицкоски.
„Јас како претседател на Владата и секој нареден ја има обврската да се поклони пред оние кои зборуваа за независноста, но и оние кои ја споделуваа надежта и копнежот за своја држава, кои ги полнеа улиците и го распламтуваа огнот за Македонија во услови и време кога имаше и такви што говореа за федерации, за химни на Југославија, тогаш кога на секому му беше јасно дека таа држава се распаѓа.
Затоа, денес мора да донесеме одлука: да не ја оставиме татковината да згаснува тивко, туку со сите сили да ја вратиме надежта, радоста и детската насмевка во секој дом. Но истовремено мора да внесеме и надеж. Владата ова прашање го гледа како прашање на иднината на нацијата и затоа го поставува како еден од највисоките национални приоритети.
Затоа Владата останува посветена да вложува во луѓето, во семејствата, во секое ново дете што ќе се роди. Тоа е суштината на нашата мисија-да обезбедиме татковината да ја има и утре, и задутре и во генерациите што доаѓаат.
Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. И повторно мора да го направиме вистинскиот избор-изборот на работа, изборот на заедништво, изборот на иднина што ќе ја оставиме на нашите деца. Независноста, таа не е само обичен потпис на хартија-таа е жртва, таа е борба, таа е љубов кон оваа света македонска земја. Тоа е аманет од нашите предци, но и завет пред идните генерации“, додаде премиерот Христијан Мицкоски.
Македонија
Николоски: Од заборавени проекти денеска имаме автопати по кои граѓаните возат

Имаме одлично силна градежна активност насекаде низ државата. Го пуштивме во сообраќај и вториот дел од автопатот Кичево-Охрид, во должина од 17 км на потегот од Климештани до Охрид, со силна динамика работиме и на изградба на автопатите од Тетово до Гостивар и од Гостивар до Букојчани. Очекувам првиот дел од автопатот од Прилеп до Битола да го пуштиме во сообраќај веќе следната година, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој потенцира дека од заборавен и целосно напуштен проект, со изборот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, изградбата на автопатот од Охрид до Кичево се одвива со силна динамика и резултатите се видливи каде за два месеци се пуштени 34 километри за сообраќај.
„Ние решивме да го изградиме и еве за помалку од два месеци втора делница од автопатот пуштаме. Во јули месец ја пуштивме делницата од Врбјани до Ботун во должина од 20 километри од кои 17 активно се користат. Сега го пуштивме делот од Климештани до Охрид и со поврзувањето до аеродромот Св.Апостол Павле и исклучокот за Струга во должина од 17 км, веќе 34 км на автопатот се користат. Останатите 22 км очекуваме сукцесивно да ги пуштаме од месец октомври до крајот на следната година. За разлика од сега, минатата година се соочивме со проект кој што не постоеше, практично немаше проект“, изјави вицепремиеорт Николоски.
Во делот на автопатите Тетово – Гостивар и Гостивар – Букојчани, вицепремиерот потенцираше дека проектите се реализираат со планираната динамика. Како што најави очекува почетокот на 2029 година да има целосно автопатско и експресно поврзување од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан.
„Обиколница на Крива Паланка ја почнавме, од Крива Паланка до Страцин веќе имаме експресен пат, во моментов со ЕУ преку “Планот за раст” работиме од Страцин до Куманово исто така на експресен пат. Таму експропријацијата е завршена, сега треба со ЕУ да се договориме за процесот на избор на Изведувач. Од Куманово до Скопје има автопат, има и Обиколница на Скопје која не е во добра состојба, следната година целосно ќе ја реконструираме. Скопје -Тетово веќе постои автопат, Тетово -Гостивар се гради, Гостивар -Букојчани се гради, Букојчани до Кичево до 30 септември очекуваме понуди, Кичево – Охрид го работиме, така што воопшто не е нереално да очекуваме крај на 2028, почетокот на 2029 година од ГП Деве Баир до ГП Ќафасан да имаме автопатско односно експресно решение“, изјави вицепремиерот Николоски.
Оптимизам гледа и во изградба на автопатот од Прилеп до Битола, каде најави дека првите 11 км се очекува да бидат пуштени во сообраќај следната година, односно до втората половина на 2027 година целосно да биде завршен тој автопат.
Во однос на автопатот Скопје – Блаце исто така најави дека оваа есен ќе се избере Изведувач заедно со Европската банка за обнова и развој со што ќе започне изградбата и на овој автопат.