Македонија
(Видео) Арсовски: Вработени во МВР незаконски основаат агенција за обезбедување

Партиски обезбедувачи на Зоран Заев и СДСМ, вработени во МВР, а дел од нив и бивши осуденици незаконски и надвор од секоја процедура основаат агенција за обезбедување, обвини Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„Агенцијата ‘Код секјурити груп’ ДООЕЛ од Струмица, која е формирана од страна на Александар Трајков, долгогодишен личен бодигард на Заев, Николчо Колев и Стево Трајков, од Струмица, вработени во МВР, како и Лазо Котуровиќ, повеќекратен осуденик за насилство и тешки телесни повреди, е новата параполициска структура на власта и на СДСМ која треба да биде дел од подземјето и да врши рекет, уцени, закани, како и политички притисоци со цел обезбедување на политички резултати во корист на СДСМ, Заев и Оливер“, обвини Арсовски.
Според Правилникот за работење, вели Арсовски, и дејностите што се во судир со полициските работи, агенција за обезбедување не може да биде формирана од страна на лица вработени во МВР, и од тука се поставува прашањето дали и како Оливер Спасовски потпишал дозвола за работа на агенцијата за обезбедување ‘Код секјурити груп’, каде двајца од четворица основачи се вработени во МВР.
ВМРО-ДПМНЕ побара од Оливер Спасовски да одговори дали свесно и покрај тоа што постои законска пречка потпишал дозвола за работа на агенцијата за обезбедување „Код секјурити груп“ од Струмица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Гори депонијата „Вардариште“, соопшти ЦУК

На територијата на државата евидентиран е еден пожар на отворен простор до 18:00 часот, соопшти ЦУК.
Според последните информации од центарот, гори депонијата „Вардариште“ во Општина Гази Баба.
Македонија
МВР со апел за фер и спортско навивање: било какви навреди ќе бидат најстрого санкционирани

Министерството за внатрешни работи апелира до сите граѓани и членови на навивачки групи да ги бодрат своите спортски миленици, но да навиваат спортски, исклучиво во спортски дух, без говор на омраза, без било какви навреди по лична, етничка, верска или било која друга припадност што не соодветствува на спортски натпревари и е спротивно на законот.
„Во врска со кошаркарскиот натпревар што се одржа на 02.08.2025 во Спортската сала во Куманово, во СВР Куманово веќе се повикани неколку осомничени лица со кои што е извршен службен разговор, и по извршени анализи во координација со ОЈО Куманово ќе бидат преземени конкретни законски мерки против инволвираните лица, вклучително и кривични постапки. Денеска, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода С.М. (30) од Куманово, кој се сомничи дека на полувреме од кошаркарскиот натпревар се обидел да внесе транспарент со навредлива содржина. По целосно расчистување на случајот против него ќе следи соодветен поднесок.
Во тој контекст, МВР уште еднаш нагласува дека во рамки на обезбедувањето на мирни и непречени спортски натпревари, полицијата ќе биде крајно ригорозна по однос на било какви нарушувања на јавниот ред и мир, односно било какви навредливи скандирања врз база на национална, етничка или верска припадност и тоа ќе биде најстрого санкционирано, без никаква толеранција. Само спортското фер навивање и бодрење може да ни донесе успеси, победи и спортски радости.
Македонија
Со ВМРО-ДПМНЕ исчезнува македонската култура, велат од СДСМ

Љутков и ВМРО-ДПМНЕ ја оставаат спомен-куќата на Петре М. Андреевски да скапува, тоа е нивниот патриотизам, велат од СДСМ.
Срамно е, болно и понижувачки за целата држава, додаваат од опозициската партија, кога синот на Петре М. Андреевски, еден од најголемите великани на македонската книжевност, мора да бара поддршка за да се спаси спомен-куќата на неговиот татко од влага, заборав и молк.
„Но тоа е резултатот кога министерот Љутков ја зголемува ставката за патувања и репрезентации на сметка на буџетските средства наменети за заштита на културното наследство.
Оваа спомен-куќа, оваа меморијална постановка во Слоештица, беше создадена токму во време на владеење на СДСМ – со јасна намера: трајно да се сочува споменот на творецот на „Пиреј“, творецот кој ја однесе Македонија до светските книжевни височини.
А денес? Денес тоа светилиште на македонската литература е оставено на забот на времето, игнорирано од министерот Љутков и Владата на ВМРО-ДПМНЕ, кои инаку постојано се повикуваат на „чување на македонскиот идентитет“.
Ова, според СДСМ, не е обична негрижа, туку културен вандализам под раководство на Љутков и ВМРО-ДПМНЕ.
„Ги красат бините со зборови за традиција, а ја пустошат суштината на нашата културна меморија. Ги споменуваат Карев и Делчев за дневно-политички поени, а го забораваат Петрета – кој ја воспеваше Македонија не со знамиња, туку со збор.
Оваа небрежност е културно предавство. Денес е Петре, утре ќе биде некој друг. А кога ќе ја снема културата- ќе ја снема и државата. Затоа СДСМ бара итна реакција, без разлика на кого е надлежноста, и спомен-куќата на Петре М. Андреевски да се стави под државна заштита и за истата да се обезбедат средства за одржување“.
Очигледно истакнуваат од СДСМ, ова е новата културна политика со која власта докажува дека не ја цени ниту државата ниту делото и ликот на нашите великани.
„Ако не знаете кој е Петре – прашајте ги учениците. Тие сè уште читаат „Пиреј“.
Ако не знаете што значи држава – прашајте нè нас. Зашто држава се гради со заштита и чување на културната посебност, а не со заборав.