Македонија
Николовски: Не се бориме за власт, туку за зачувување на името
Нашите услови се јасни, ние битката не ја водиме за власт ниту за избори. Заев порано или подоцна ќе си оди. Битката ја водиме за зачувување на името на Република Македонија и сме среќни што со резултатот од референдумот уставното име на Република Македонија е зачувано. Сè друго е второстепено и неважно, одговори потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски, на новинарско прашање кои се следните чекори откако премиерот Зоран Заев одбил средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
По завршување на седницата на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Николовски, соопшти дека партијата ќе поднесе кривични пријави против повеќе од 200 лица за нерегуларности на референдумот што се одржа во неделата.
„Централниот комитет ја потврди одлуката од Извршниот комитет што се одржа вчера дека не го признава резултатот од референдумот затоа што станува збор за фалсификат. Од тие причини ВМРО-ДПМНЕ во текот на утрешниот ден ќе поднесе кривични пријави против повеќе од 200 лица – претседатели, заменици претседатели, членови и заменици членови на избирачки одбори на ИМ во Струга, Центар Жупа, Кичево, Желино, Боговиње, Пласница и Сарај. Ќе бидат поднесени и кривични пријави кон службени лица од МВР кои несовесно ја извршувале службата пред, за време и по референдумот“, рече Николовски.
Тој додаде дека на сите овие лица на товар им се стваат 6 кривични дела и тоа злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата, злоупотреба на избирачко право, изборна измама, фалсификување на деловни книги и повреда на тајноста на гласањето.
Николовски рече дека ЦК ги потврдил донесените закучоци на Извршниот комитет, а тоа се: формирање пржинска влада со мандат од 100 дена, смена на јавниот обвинител и избор на нов на предлог на опозицијата со цел да бидат расчистени сите нерегуларности пред, за време и по референдумот и формирање на анкетна комисија за истражување на сите нерегуларности при процесот на референдумот.
Тој рече дека на денешната седница немало кадровски прашања. Исто така, Николовски повтори дека пратениците не потпишувале изјави дека нема да гласаат за уставни измени.
Централниот комитет на седницата донел заклучок општинските комитети итно да формираат општински изборни штабови кои што ќе фунционираат до завршување на претседателските избори.
„ЦК детално ги разгледа и нерегуларностите во неколку општини каде што 50 000 гласови беа злоупотребени односно имаше полнење на кутии како и сите притисоци кои се случија пред и по референдумскиот ден. Скоро сите претседатели на општински комитети информираа дека голем број граѓани кои не излегле на референдумот или излегле да гласаат против се разместени од своите работни места и се бркани од работа од приватни компании“, рече Николовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

