Македонија
Општина Кисела Вода го одбележа Светскиот ден на учителите
Со пригодна свеченост, Општина Кисела Вода денеска даде свој придонес во одбележувањето на Светскиот ден на учителот. На настанот на кој присуствуваа градоначалникот Филип Темелковски, советници од Советот на Општина Кисела Вода, раководителот на секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт, директори и наставници од основните училишта на територија на општината и повеќе гости, се зборуваше за важноста на учителот во формирањето на личноста на учениците, за одговорноста со која се соочува преку подготовката што тој им ја прави за светот кој тие ќе треба да го обликуваат и движат.
,,Најпрво, сакам да го честитам 5 Октомври, Светскиот ден на учителот. До сите наставници од општина Кисела Вода во овој момент сакам да упатам порака – да соработуваме заедно бидејќи Општината сака да биде партнер на образованието. Сите работи што ќе ги правите сакам да ги правиме заедно со вас – директорите и наставниците. Да изградиме заедно едно модерно општество, да изградиме младина со која ќе се гордееме во иднина. Откако ќе ни завршат мандатите на сите нас, да можеме да се завртиме и да речеме – ова се нашите ученици, луѓето кои ќе донесат промени во општината и во државата.
Како општина вложуваме во многу во почитувањето на личноста и интегритетот на наставниците. Во таа насока се и промените што ги направивме со кои сакаме да го стимулираме наставниот процес и со кои очекувме дека ќе го подобриме наставниот процес и ќе креираме младина со која сите ќе се гордееме. Уште еднаш, ви го честитам Светскиот ден на учителот и се надевам дека заедно ќе ги направиме успешните реформи. Ви благодарам за соработката и ви посакувам успешна понатамошна работа”, истакна во своето обраќање градоначалникот Темелковски.
Во рамки на одбележувањето на 5 Oктомври, беа доделени и благодарници на наставниците со најдолго работно искуство во воспитно-образовниот процес во основните училишта на територија на општина Кисела Вода.
Благодарници добија:
-Марина Милеска од ООУ „Невена Георгиева Дуња”, наставник по географија со 35 години и 10 месеци работно искуство;
-Драга Филовска oд ООУ „Кирил Пејчиновиќ”, одделенски наставник со 36 години и 11 месеци работно искуство;
-Билјана Јовановска oд ООУ „Партенија Зографски”, одделенски наставник со 37 години и 11 месеци работен стаж;
-Тасиќ Риса oд ООУ „Рајко Жинзифов”, наставник по техничко образование со 38 години работно искуство;
-Надица Христовска oд ООУ „Кузман Јосифовски Питу”, наставник по математика со 39 години и 3 месеци работен стаж;
-Елица Илиоска oд ООУ „Св. Климент Охридски”, одделенски наставник со работно искуство 41 година и 5 месеци;
– Добри Јованчов oд ООУ „Круме Кепески”, наставник по хемија со 41 година и 9 месеци работен стаж;
– Снежана Цветаноска oд ООУ „Кузман Шапкарев”, наставник по биологија со работно искуство 43 години и 1 месец, која воедно е и наставник со најдолг стаж во воспитно-образовниот процес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова ги прими акредитивите на новоименуваниот амбасадор на Алжир, Абделмаџид Наaмун
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Народна Демократска Република Алжир, со седиште во Букурешт, Абделмаџид Наaмун.
Неговото именување, како што рече претседателката, е уште една потврда за добрите македонско-алжирски односи, втемелени на заемно разбирање и почит.
За неа, посветениот и професионален ангажман на амбасадорот Наамун ќе придонесе кон продлабочување на пријателските и партнерски односи на билатерален и мултилатерален план.
Истакнувајќи дека обете држави имаат богата историја и вредно културно наследство, Сиљановска-Давкова очекува интензивирање на соработката во културата, образованието и туризмот, како и во рамките на ООН и другите меѓународни организации.
На церемонијата, новоименуваниот амбасадор Абделмаџид Наaмун ја истакна својата желба да гради нови мостови на пријателство и меѓусебно разбирање.
Двајцата изразија загриженост за геополитичките предизвици со коишто се соочени сите држави и народи, без оглед на географската положба и големина. Тие ја потенцираа потребата од мултилатерализам како соодветен одговор и механизам за решавање на проблемите.
Сиљановска-Давкова и амбасадорот Наамун се согласија дека донесувањето правна рамка за регулирање на меѓусебните односи, како и размената на посети на највисоко ниво ќе ја поттикат соработката.
Соговорниците имаа усогласен став и во однос на потребата од реформи во Обединетите нации, како и за неопходноста од назначување на жена на највисоката позиција – генерален секретар.
Македонија
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски е значајна победа за правната држава
За првпат и самиот обвинител го признава тоа што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Фактот што оваа оставка доаѓа дури сега, а не уште од првиот ден кога беше очигледно дека институцијата е компромитирана, само дополнително ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кое служеше на поранешната власт. Со оваа оставка се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, вели тој.
Според Петрушевски, оставката е јасен сигнал за крајот на практиките на заштита на поранешната власт на СДС и ДУИ и почеток на процесот на департизација и европеизација на јавнообвинителската дејност.
„Оставката на Коцевски не е персонално, туку единствено системско решение. Ова е јасна порака дека никој не е недопирлив“, вели Петрушевски.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.

