Свет
Бел тигар од редок вид уби чувар во зоолошка градина во Јапонија
Бел тигар од многу редок вид уби чувар во зоолошка градина во Јапонија.Чуварот буквално бил распарчен од животното, јавуваат медиумите.
Акира Фурушо бил пронајден целиот во крв во зоолошката градина „Хиракава“ во јужниот град Кагошима во понеделникот вечерта. Рику, 5-годишниот машки тигар, кој го нападнал чуварот, бил успан од страна на спасувачите што пристигнале на местото на несреќата. Чуварот Фурушо (40) подоцна починал во болница.
„Никој не беше во моментот на несреќата и не можеме ниту да замислиме што се случило“, изјави Акинори Ишидо, директор на зоолошката градина. Тој изрази жалење за смртта на чуварот.
Полицијата испитува како зоолошката градина се грижи за Рику и неговите три други бели тигри. Агенциите објавуваат дека во време кога се случила несреќата, персоналот планирал да го премести Рику од кафезот за посети во неговата соба за спиење.
Ишидо им изјави на новинарите дека на персоналот не му е дозволено да биде во кафези со опасни животни, но дека правилото е очигледно прекршено во овој случај.
Зоолошката градина е отворена од 1972 година и има повеќе од 1.000 животни. Белиот тигар Рику е долг околу 6 метри и тежи околу 375 килограми – колку некои сумо-борачи.
Зимскиот парк „Хиракава“ беше отворен во вторникот, но пристапот блиску до тигарот бил ограничен.
Ова не е прв напад на тигар во зоолошка градина во Јапонија. Во 2008 година сибирски тигар го нападна и го уби Атсуши Ито, чуварот што го чистел кафезот во зоолошката градина во Кјото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Првиот човек на грчката Пошта поднесе оставка по најавата за затворање на 200 филијали
Планираното затворање на 204 поштенски филијали скапо го чинеше директорот на Грчката пошта (ЕЛТА), Григорис Скликас, кој поднесе оставка, пренесе весникот „Катимерини“.
Скликас ја поднел оставката откако многу граѓани дознале дека нивните локални пошти биле затворени преку ноќ, што предизвикало остри реакции. И покрај оставката, владата останува при планот за затворање на околу една петтина од вкупно нешто повеќе од илјада пошти.
Директорот се бранел дека работат со застарена опрема и несоодветна дигитална инфраструктура. Грчката пошта се соочува со недостиг од персонал и милионски загуби, а долгот изнесува околу 140 милиони евра.
Портпаролот на владата, Павлос Маринакис, изјави дека планот за реструктурирање и затворање на филијалите е конечен, но призна дека одлуката за нивно затворање без претходна консултација со граѓаните била погрешна.
Тој најави дека реформата ќе се спроведе по дијалог со јавноста и дека целта е сите граѓани да имаат пристап до поштенски услуги.
Свет
Орбан му одговори на Зеленски: Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо
Унгарскиот премиер Виктор Орбан му возврати удар на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој го обвини во едно интервју дека го поддржува Путин со блокирање на пристапните преговори на Украина со Европската Унија. Зеленски рече дека нема намера да понуди отстапки на Будимпешта, на што Орбан одговори дека Украина не ја брани Унгарија и дека Будимпешта не му должи ништо, објави „Евроњуз“.
Во интервју објавено вчера Зеленски тврдеше дека Унгарија треба да ја поддржи одбраната на Европа наместо да бара отстапки.
„Не мислам дека треба да му понудам нешто на Виктор Орбан“, рече Зеленски.
„Мислам дека Виктор Орбан треба да ѝ понуди нешто на Украина, која ја штити цела Европа од Русија, а дури и сега, за време на оваа војна, не добивме никаква поддршка од него, поддршка за нашата визија за живот“, додаде украинскиот претседател.
Одговорот на Орбан дојде кратко по објавувањето на интервјуто. Унгарскиот премиер ја отфрли сугестијата дека неговата земја му должи нешто на Киев.
„Украина не ја брани Унгарија од никого и од ништо. Ние не го побаравме тоа и никогаш нема да го сториме тоа. Безбедноста на Унгарија е загарантирана од нашите национални одбранбени капацитети и од НАТО, чиј член, за среќа, Украина не е“, рече Орбан.
Тој истакна дека Унгарија досега обезбедила приближно 200 милиони евра хуманитарна помош и продолжува да ја снабдува земјата разорена од војна со гас и електрична енергија.
Премиерот го повтори цврстото противење на Унгарија на пристапувањето на Украина во ЕУ.
„Унгарија не го поддржува и нема да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи тоа би донело војна во Европа и би ѝ одзело унгарски пари на Украина“, рече Орбан додавајќи дека би претпочитал да види Киев да добие статус на стратешки партнер наместо полноправна членка.
Свет
Зохран Мамдани со чекан и срп на насловната страница на „Њујорк пост“
Демократскиот социјалист Зохран Мамдани, кој се опиша себеси како најлошиот кошмар на Трамп, е избран за нов градоначалник на Њујорк.
На насловната страница на денешниот „Њујорк пост“ пишува: „Социјалистот Мамдани ја доби градоначалничката трка. Црвено јаболко“. Во заднината Мамдани е прикажан како држи чекан и срп, а на небото над облакодерите се гледаат три црвени пентаграми.
„По кампањата, во која ветуваше високи даноци, бесплатни работи и омраза кон Израел, социјалистот Зохран Мамдани убедливо победи синоќа и ќе стане 111-ти градоначалник на Њујорк“, пишува „Њујорк пост“.
„Њујорк пост“ е еден од најстарите американски дневни весници, основан 1801 година, а денес е познат како таблоид со изразен сензационалистички пристап. Тој ги претставува конзервативните политички ставови, блиски до Републиканската партија.
Тој често ги критикува политичката левица, прогресивните движења и демократските функционери, а пишува потврдно за републиканските кандидати и за конзервативните прашања. Неговиот стил е провокативен, со заводливи наслови, иронија и визуелно моќни насловни страници.
За што се залага Мамдани?
Политичката платформа на Мамдани се базира на зајакнување на јавните услуги и проширување на социјалните програми, особено во областите домување и транспорт. Тој се залага за замрзнување на кириите во регулираните станови и изградба на многу достапни станови.
Мамдани исто така ги поддржува воведувањето бесплатен автобуски превоз и проширувањето на јавниот превоз финансиран од градскиот буџет. Неговите планови вклучуваат зголемување на даноците за најбогатите и за најголемите корпорации за финансирање нови јавни програми.
Во однос на социјалните прашања, тој силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ луѓето и проширувањето на пристапот до здравствена заштита. Се залага за бесплатна грижа за децата и намалување на трошоците за живот за семејствата. Во областа на јавната безбедност се промовира поголема улога на социјалните и на услугите за ментално здравје, а воедно се намалува обемот на работа што традиционално се префрла на полицијата.

