Свет
Германија предлага нов совет за безбедност на ЕУ
Министерот за надворешни работи на Германија даде предлог за формирање безбедносен совет на Европската Унија со цел подобрено и навремено решавање на меѓународните кризи.
„Во ваков формат, со помала група земји членки, можеме побргу и поефективно да се справиме со актуелните кризи“, изјави Хаико Мас на конференцијата за безбедносна политика при Федералната академија.
Шефот на германската дипломатија вели дека 27-те земји членки на ЕУ треба да го променат системот на гласање од „едногласно“ во гласање „од квалификувано мнозинство“ кога станува збор за прашањата за надворешната политика и на тој начин да се забрзаат процесот и ефективноста на дејствувањето.
„Ваквите институции не може да носат одлуки ако го променат системот на едногласност“, вели Мас.
Во јуни оваа година Германија и Франција ги повикаа земјите од Европа на дебата за дискутирање нови и поефективни формати за решавање на прашањата за надворешна и безбедносна политика.
Лидерите од земјите членки на ЕУ ќе се сретнат на самит во Брисел, кој ќе се одржува од 17 до 18 октомври, каде што ќе зборуваат за актуелните предлози за безбедноста на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Премиерката на Бангладеш: Сопствениците на фабрики да се откажат од луксузот заради вработените
Премиерката на Бангладеш Шеиха Хасина за време на своето обраќање по повод празникот Први мај ги повика сопствениците на текстилните фабрики и другите фабрики од Бангладеш да ги подобрат условите за работа на своите вработени со тоа што ќе се откажат од дел од својот луксуз.
„Сакам сопствениците (фабриките) да посветат посебно внимание на работниците, намалувајќи го малку нивниот луксуз, бидејќи работниците ви дадоа простор да водите луксузен живот со зголемување на производството со нивната напорна работа“, рече Хасина.
Таа, исто така, ги предупреди работниците да ги игнорираат повиците за штрајк бидејќи „на тој начин работниците понекогаш всушност си нанесуваат штета себеси, на своите семејства, на земјата и на сопствениците на фабриките“, пренесува агенцијата БСС.
Свет
Уривање на дел од автопат во Кина: Најмалку 24 лица загинаа, 30 се повредени
Најмалку 24 лица загинаа, а 30 се повредени при уривање на дел од автопат на југот на Кина, во провинцијата Гуангдонг, јавија кинеските медиуми.
„Осумнаесет автомобили паднаа по падината откако се урна дел од автопатот долг 17,9 метри околу 2 часот по полноќ“, се вели во соопштението на властите во градот Мејџоу во провинцијата Гуангдонг, пренесува АП.
Според американската агенција, околу 11:45 часот по локално време под урнатините биле пронајдени 18 автомобили.
Свет
Блинкен им порача на Израел и Хамас дека е време за прекин на огнот
Државниот секретар на Соединетите Држави (САД) Ентони Блинкен се состана со израелските лидери на 1 мај, за време на посетата на Израел, а во таа прилика му порача на претседателот на земјата дека „е дојдено времето“ за договор за прекин на огнот во војната во Газа.
Ова е седма посета на Блинкен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас – палестинска група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија уште од октомври.
Блинкен се обидува да постигне договор кој би ги ослободил заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во замена за прекин на борбите. Како дел од договорот се очекува да бидат ослободени и палестинските затвореници.