Македонија
Груевски за новите истраги на СЈО: Фабрикувани случаи со цел да се уништи политичката моќ на ВМРО-ДПМНЕ
Новите 6 истраги на СЈО се само продолжување на политичкиот прогон кон сегашни и поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а во контекст на слабеење на позициите на партијата и нејзини поединци, вели во објава на својот фејсбук профил, експремиерот и поранешен лидер на опозициската партија.
Додава и дека сето ова се случува во контекст на промената на името, по неуспешниот референдум.
„Очигледно, од илјадници инвеститори и компании кои работеле во Република Македонија избрани се компании од Русија, Турција и Кина, со цел да се создаде слика дека ВМРО-ДПМНЕ било политички и економски ориентирано кон овие држави, а не кон НАТО и ЕУ државите, иако јавно е позато дека по сите параметри, независно дали е увоз-извоз или странски инвестиции, над 90 отсто од соработката се со компании од држави членки на ЕУ и НАТО, како Германија, Британија, Америка, Белгија, Италија, Холандија итн“, образложува во објавата Груевски и додава дека владата на ВМРО-ДПМНЕ се обидувала од сите земји во светот да привлече инвестиции и да создаде услови за добра бизнис клима, но најуспешна била токму таа со компаниите на земјите членки ЕУ и НАТО.
Објаснувајќи за инвестициите кои СЈО ги оценува како спорни, тој додава дека како долгогодишен премиер на државата чест му е што неговите економски политики ја довеле Македонија во 10-те најатрактивни земји во светот и 5-ти во Европа според добрата бизнис клима.
Груевски дава објаснување и за истрагата поврзана со финансирање и наводно превземање на 7 медиуми, и подвлекува дека распределбата на средствата за јавни кампањи поранешната владата го вршела во целост согласно закон.
„Откако претходно на јавен оглас ангажираше специјализирана куќа за медија планирање која зависно од видот и намената кон целни групи на кампањата како и рејтингот на медиумите, утврдуваше медија план врз основа на кој се распределуваа средствата за јавни кампањи од страна на државните институции кон медиумите“, вели тој.
Според него и останатите 4 случаи се исто така празни и фабрикувани и, како што вели, политичкиот прогон кој се спроведува преку СДСМ продолжува да се интензивира. Експремиерот смета дека СЈО е класичен инструмент за репресија кон политичките неистомисленици, а со цел што подолго одржување на власт на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Отворени гласачките места, граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и Град Скопје
Денеска во земјава се одржува вториот круг од локалните избори, на кои граѓаните избираат градоначалници во 32 општини и во Град Скопје. Право на глас имаат 1 013 375 избирачи, од кои 474 304 гласаат и за градоначалник на главниот град.
Во првиот круг на 19 октомври беа избрани 44 градоначалници, а денеска се гласа во Центар, Карпош, Аеродром, Куманово, Кичево, Струга, Тетово, Пробиштип, Кочани, Валандово и други.
Гласачките места се отворени од 7 до 19 часот.
Изборниот процес го следат 1 598 набљудувачи – 933 домашни и 651 меѓународен. Државната изборна комисија најави дека првичните резултати ќе ги соопшти вечерва, околу 23 часот.
Вчера гласаа болните лица и затворениците, а гласањето се одвиваше непречено.
Македонија
Сончево време со температура до 23 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 18 до 23 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има слаба маглa. Преку денот ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 21 степен, јавува УХМР.
Во понеделник попладне, во текот на ноќта и во вторник ќе има повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за неколку степени. Од среда повторно се очекува стабилно и суво време.
Македонија
ДИК: Без неправилности помина денешното гласање на болните и затворениците, гласовите ќе се бројат утре
Денес се спроведува гласањето на болните или немоќни лица, лицата кои се на издржување на казна затвор или се во притвор и лицата кои се пријавиле за гласање, а се сместени во установите за вонсемејна грижа.
Гласањето на оваа категорија гласачи се одвива во општините каде се одржува вториот круг на локалните избори и Градот Скопје.
Од вкупно 4.826 болни или немоќни лица кои можат да го остварат своето право на глас на вториот круг од локалните избори, до 20:00 часот гласале 3327 гласачи. Во 14 казнено поправни установи, каде што своето право на глас можат да го остварат 1256 лица кои се на издржување казна затвор или притвор, до 18:30 часот гласале 588 гласачи. Од 214 лица сместени во установите за вонсемејна грижа до 18:30 часот гласале 125 гласачи.
Гласањето за сите овие категории на гласачи се одвиваше непречено и без никакви проблеми и недоследности.
ДИК известува дека резултатите од гласањето на болните и немоќните лица, затворите и домовите за стари лица, не се објавуваат денес посебно. Секое поединечно гласачко ливче е ставено во посебен затворен плик и во гласачките кутии и тие не се отвараат денес. Броењето на овие гласови и објавувањето на резултатите од денешното гласање се врши заедно со резултатите од целокупното гласање на изборите утре после 19:00 часот, за секое избирачко место и секоја општина каде што се гласа.

