Соопштенија
(Видео) Стојаноска: Катица Јанева сама закажува рочишта и ги диктира процесите

Зоран Заев е исплашен од храброста и решителноста на македонскиот народ кој не потклекна на сите притисоци и манипулации и на референдумот покажа дека по ниедна цена нема да поддржи антидржавни политики со кои се брише името Република Македонија, изјави на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што рече Стојаноска, Заев е во паника затоа што не поминала неговата капитулација и граѓаните го осудиле обидот да добие амнестија за сопствените криминали преку штетниот договор со кој се прифатени грчките црвени линии.
„Заев тргна со реализација на планот Б, а тоа е игнорирање и газење на волјата на сопствениот народ. Заев тргна со обид да ја заплаши опозицијата преку нарачан политички прогон и злоупотреба на институциите. Заев е свесен дека ВМРО-ДПМНЕ било со народот и дека секогаш ќе стои на браникот на државните и национални интереси и затоа сега бара помош од неговите послушници во СЈО“, нагласи Стојаноска и оцени дека вчерашниот настап на СЈО е уште една потврда дека Македонија не е веќе правна држава.
Според претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, Катица Јанева си чита имиња и сама ги суди.
„Катица Јанева сама закажува рочишта, ги диктира процесите и ги прозива судиите што не и се по волја. Зоран Заев ги нарачува предметите и кажува која мерка и која пресуда е преостра или преблага. Вака функционира партиско – политичкиот прогон со кој што треба да се скрши македонскиот отпор. Вакво силување на правото и правдата во моментов нема во ниту една демократска земја“, рече Стојаноска и порача дека Македонија ќе ги издржи сите злодела на криминалниот картел на власт, но дека на крајот граѓаните ќе победат, а за се што се прави одговорност ќе понесат Заев и, како што кажа, неговите послушници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Соопштенија
Мицкоски: Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот митинг повика на масовност на изборите на 19 октомври и укажа дека вистинскиот избор за Делчево е Иван Гоцевски.
Мицкоски се осврна и на состојбата во СДСМ и однесувањето на претседателот на партијата, Венко Филипче.
„Сакам да обрнам внимание на еден парадокс кој се случува, гледајќи ја кампањата на нашите конкуренти. Го слушам Венко како на државава ѝ се случувало цунами, од лошо – полошо. Бил загрозен домот, семејството, луѓе почнале да се иселуваат, имало нечесни игри, ама судиите биле професионалци. Инфлацијата галопирала и не знам што уште не. Каде беа тие пред година и половина, тие заедно со ДУИ беа власт седум години. Ние не почнавме од прозорците, фасадата, кровот на нашиот дом. Почнавме од темелите. Сменија име, устав, донесоа двоцифрена инфлација, профитираа од тендери, дури и од вакцини правеа профит. Ветуваа дека ќе ги донесат Фејсбук и Гугл, а единствената инвестиција беше таа во фабриките за марихуана“, рече Мицкоски.
Се прашувам, додаде Мицкоски, „дали човеков е свесен дека ако се слушнат говорите и настапите на Венко кога тие беа власт и сега кога се опозиција, тоа се два комплетно различни света“.
„Венко на власт и Венко во опозиција е различен за 180 степени, или сега е Венко против Венко. Проблем е што мислат дека со ваквите настапи ќе ја продолжат истата песна и мислат дека народот има кратко помнење, но не е така“, посочи Мицкоски.
Соопштенија
Гоцевски: Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, a младите ќе ги поддржиме со стипендии

Иван Гоцевски, кандидат за градоначалник за општина Делчево од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, се обрати и истакна дека главен столб на предизборната програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за граѓаните на Делчево.
„Делчевчани заслужуваат иднина, иднина создадена врз основа на реален план, знаење и силен капацитет на нашиот народ, делчевчани заслужуваат секој дом да добие доволно количини и квалитетна вода за пиење. Ќе го реконструираме главниот доводен цевковод за град Делчево, и ќе ги поврземе селата Вирче, Град, Стамер, Ѕвегор, Полето, Габрово, Очипала. Главен столб на нашата предизборна програма е локалниот економски развој и подобар животен стандард за сите граѓани, со серија на мерки, политики и активности ќе поставивме темели за локална заедница, за одржлив раст и развој, безбедноста, заштитата и пред се здрава и хумана животна средина се наш приоритет околу кој ќе ги обединиме сите чинители за подобрување на состојбите“, истакна Гоцевски.
Гоцевски наброи дел од приоритетните проекти на изборната програма.
„Ќе го оживееме Голак гордоста на Делчево, ќе ги поддржиме младите со стипендии, стажирање, кариерни центри и манифестации, ќе ја дигитализираме општината, е-седници на Совет, е-општина, подостапни и надградени електронски услуги, нов објект за дневен престој на нашите најмлади, отворање на нов дом за стари лица, многу нови урбани содржини за подобар јавен живот за сите возрасти, значително ќе го зголеми обемот на урбана, зелена површина, ќе воспоставиме нова програма за нов зелен катастар, велосипедски патеки и субвенции за енергетски фасади и инвертери, ќе поставиме мерни станици за квалитет на воздух и вода, фиксни точки за рана детекција на пожари, од локалната патна инфраструктура изградба на нов булевар „Индустриска“ во централното подрачје, изградба на нови кружни текови и нов мост на реката Брегалница, изградба на улици со тротоари, изградба на улици во населбата Ѕвегорска река, решени сме да изградиме модерни сообраќајници до секое домаќинство, конечно започнува со реализација на проектот за експресниот пат Делчево-Виница-Кочани“, истакна Гоцевски.
На крај Гоцевски ги повика граѓаните да гласаат на 19 октомври, и да ја поддржат неговата визија и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ.
Соопштенија
Филипче од Гостивар: Со буџетска дупка од 1,4 милијарди евра, ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија во финансиски колапс

Додека премиерот Мицкоски зборува за некакви економски успеси, дупката во Буџетот се продлабочува, јавниот долг расте, граѓаните стануваат се посиромашни, рече претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ што се одржа вечерва во Гостивар.
„Реалноста е дека буџетот е во дупка од 1,4 милијарди евра, приходите заостануваат, а капиталните инвестиции се помалку од половина реализирани. Се задолжуваат без покритие, јавниот долг достигнува над 62 отсто од бруто домашниот производ, највисоко ниво во регионот, а странските инвестиции скоро и да ги нема. Ова е резултатот на лоши политики, на неспособност, незнаење и на небрежност. Немаат ниту план, ниту стратегија како да ја водат државата“, истакна Филипче.
Тој додаде дека додека власта трупа нови долгови, народот тоне во сиромаштија, платите стагнираат, мерките за поддршка на граѓаните ги нема.
„Минималната плата и натаму е една од најниските во регионот, пензионерите добија помалку од ветеното – само 1.000 денари, студентите не го добија бараното зголемување од 130 денари за студентски оброк, ваучерите од 250 евра ги нема, а над 1.000 студенти останаа без студентски оброк. Земјоделците во Полог останаа без поддршка – субвенциите се намалени, откупните цени паднати, а трудот обезвреден“, рече Филипче.
На трибината, Филипче посочи дека СДСМ секогаш била на страната на граѓаните со мерки за поддршка и во најголемите кризи со кои се соочувала државата.
„СДСМ отсекогаш знаел да се бори и кога биле тешки времиња не сме се откажувале. Во најголемите светски кризи, енергетска, економска, здравствена – ние стоевме со народот. Се изборивме за секое работно место, за секој бизнис, за секој човек што остана без приходи. И во такви тешки времиња платите растеа, субвенциите се покачуваа. Донесовме 9 пакет мерки за ранливите семејства, за студентите, за пензионерите. За сите, никој не оставивме сам да се справува со последиците. Тоа е државничко и одговорно водење држава“, рече Филипче.
Затоа, како што кажа Филипче, овие избори се од исклучителна важност за иднината на секој граѓанин, за напредокот на државата.
„Ова е моментот кога секој глас прави разлика. Затоа велам дека нема помалку важен глас. Ова не е време за молк, ова е време за исправување. Апстиненцијата не е казна за СДСМ — тоа е награда за ВМРО. Секој изгубен глас е добивка за режимот што повторно го чувствуваме. Овие денови да ги искористиме и да поразговараме со соседи, роднини, да го посетиме секое маало, да се мобилизираме и да повикаме на обединување. Сега не е време за откажување од борбата за нашиот дом. Ова е момент на враќање, на единство,на нов почеток“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.