Македонија
Едукативна тура низ отоманското наследство на Скопје
Центарот за научни истражувања „ХАЕМУС“ од Скопје ја истражува Македонија во рамки на кампањата „Дестинација Македонија“! Дел од активностите се: едукативна тура низ „Отоманското наследство на Скопје“ која ќе се одржи на 14 октомври, едукативна тура низ „Палатите на старо Скопје“ на 21 октомври и едукативната тура „По стапките на древните Римјани“ закажана на 28 октомври.
Сите тури се осмислени со цел учесниците да поминат низ искуство, знаење, интеракција и секако многу забава додека го запознаваат културното наследство на Република Македонија.
,,Турите кои ги организира „ХАЕМУС“ се необични и ретко може да се најдат на пазарот, бидејќи се создадени на тој начин додека трае прошетката да бидат во активна интеракција со учесниците. Посетителите се едуцираат, но и споделуваат знаење и информации за локациите кои се посетуваат, покрај кои поминуваат катадневно, а сепак многу малку знаат за нивното пошироко антрополошко значење”, изјави Василка Димитровска, директор на „ХАЕМУС“.
Целта на eдукативните тури на „ХАЕМУС“ е промоција и популаризација на богатото културно-историско наследство на Република Македонија од различни периоди.
Настаните се организираат под мотото на УНЕСКО за Отворени Едукативни Ресурси (ОЕР), а во рамките на Европската година на културното наследство. Дел од турите се поддржани со логистика од град Скопје, а за сите учесници се обезбедени обемни печатени водичи во издание на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: Гласањето се одвива без проблеми
Гласањето на болните и немоќни лица и лицата кои се на издржување на казна затвор за повторните локални избори, се уште е во тек, информира Државната изборна комисија.
„Според податоците пристигнати до Државната изборна комисија до 15:30 часот, од вкупно 94 пријавени лица за гласање во казнено поправните установи, гласале 44 лица. Од вкупно пријавени 249 болни или немоќни лица за гласање во четирите општини, Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа, до 15:30 часот, правото на глас го оствариле вкупно 242 лица. 2 лица гласале во Центар Жупа, 66 болни или немоќни гласале во Маврово и Ростуше, 31 лице во Врапчиште и 143 лица во Гостивар“, велат од ДИК.
Оттаму додаваат дека „досега гласањето се одвива без проблеми и на секој гласач му е овозможено непречено да го оствари своето право на глас“.
Македонија
УХМР: Водостоите остануваат високи, вечерва се очекува заладување и снег
Според податоците од хидролошките станици се уште е висок водостојот на река Сатеска, како и на река Коселска кој почнува да бележи благо намалување, информира Управата за хидрометеоролошки работи.
„Во благо намалување е и водостојот на река Вардар во горниот дел од сливот но се уште е прилично висок. Останува висок и водостојот на река Треска и на река Кичевска каде сеуште со внимание треба да се следи состојбата. Исто така, во Охридско-Преспанскиот регион сеуште е висока влажноста на земјата и високи се подемните води така што можно е и понатаму да се појавуваат заезерени површини во Струшкото Поле. Водостојот на река Црна во долниот дел од сливот е во намалување но останува можноста за појава на заезерени површини во Пелагониската Котлина“, велат од УХМР.
Оттаму додаваат дека „за време на вечерните часови и ноќта се очекува заладување на времето и врнежите насекаде да бидат во вид на снег. До тогаш остануваат високи водостоите во посочените региони и останува можноста за појавување на заезерени површини во котлините и низините. Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и суводолиците до крајот на денот“.
Македонија
ЈСП Скопје: Ниските температури и снегот може да предизвикаат изменето сообраќање на автобусите
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги информира корисниците на јавниот превоз во Градот Скопје дека, поради ниските минусни температури и најавените временски услови со можни врнежи од снег во главниот град и околината, во наредниот период можно е привремено прилагодување на сообраќањето на одредени автобуски линии.
„Имајќи предвид дека ефектот на средствата за одржување на патиштата е ограничен при екстремно ниски температури, на одделни делници може да се појават отежнати услови за сообраќај. Од тие причини, дел од линиите ќе сообраќаат до локации кои во моментот се проценети како безбедни и проодни за возилата на ЈСП Скопје, согласно проценките на надлежните служби. Напоменуваме дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет, па доколку условите не дозволуваат сигурно одвивање на сообраќајот, ќе се преземаат соодветни мерки и јавноста ќе биде навремено информирана за сите промени. Во услови на стабилно време, јавниот превоз ќе се одвива согласно редуцираниот делничен зимен возен ред, кој важи до крајот на зимскиот училиштен распуст“, информираат од ЈСП Скопје.
Од претпријатието додаваат дека „екипите на ЈСП Скопје, заедно со надлежните служби на Градот Скопје и локалните самоуправи, континуирано се ангажирани на терен со соодветна механизација, со цел навремено реагирање и создавање услови за безбедно и непречено функционирање на јавниот превоз“.

