Македонија
Груевски: Не сум обвинет за земање провизија, туку дека сум сакал да добијам политички поени

Во врска со изјавата на портпаролот на СДСМ поврзана со градбата на патиштата ја информирам јавноста дека во овој случај, ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата не сме обвинети за земање на провизии како што тврди тој, реагираше поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук во врска со прес-конференцијата на Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
,,Обвинението против мене е по истиот член 359 како во случајот за набавката на блиндираниот ,,мерцедес”, влијание заради остварување корист.
Во случајот за ,,мерцедесот”, користа исто така не е некаква провизија, туку наводната корист била што покрај останатите гости од странство и јас сум сакал понекогаш да бидам превезуван со тоа возило, и со тоа сум остварил корист. Во случајот со патиштата користа за која СЈО ме терети е дека сум сакал со изградбата на патиштата како политичар да добијам политички поени од граѓаните пред парламентарните избори.
Кој не верува во ова нека повели на рочиште во судот да му го покажам и да го прочита обвинението во оргинал. Судските рочиштата се отворени за сите граѓани”, вели Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.
Македонија
Вмешани директори и полицајци: Опустошиле 6.000 хектари шума, исекле дрва во вредност од над 6 милијарди денари

Постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 15 лица.
Осомничените се товарат за сторени кривични дела: Злосторничко здружување и Пустошење на шуми, шестмина од нив и за Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на првоосомничениот му се ставени на товар и кривични дела Давање поткуп, а на еден осомничен и кривично дело Примање поткуп.
Во текот на 2025 година, двајца вработени во осомниченото правно лице и полициски службеник формирале група со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на службената положба и овластувања, давање и примање поткуп, како и пустошење на шумите. Придружени од други осомничени, кои се вработени во различни институции (Министерството за внатрешни работи, ЈП Национални шуми подружница Малешево, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица), тие реализирале нелегални активности кои довеле до опустошување на шума во површина од 6.000 хектари, сопственост на ЈП Национални Шуми ПСШ Малешево.
Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист.
Групата била дополнително поддржана од полициски службеници кои не презеле мерки и ги информирале организаторите за полициските патроли, што им овозможило да го продолжат своето криминално дејствување. Осомничениот директор на ЈП Национални шуми – ПО Малешево ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата што биле користени за извршување на кривичното дело.
Првосомничениот, во името и за сметка на осомниченото правно лице, во август и септември 2025 година му дал паричен подарок на директорот на ЈП Национални шуми, во вкупен износ од 6100 евра со цел да дозволи нелегална сеча на дрвна маса, и тоа пред да биде објавен јавен повик за опожарена дрвна маса.
Во текот на вчерашниот ден со цел да не биде откриено кривичното дело и сторителите осомничениот началник известил припадник на групата дека полицијата ќе постапува за откривање на кривичното дело, по што осомничениот припадник го информирал организаторот кој понатаму со цел прикривање на трагите на кривичното дело и предметите ги известил лицата кои што вршеле нелегална сеча во атарот на с. Двориште да го “чистат“ теренот по што истиот самиот се упатил на местото каде што бил пресретнат и фатен на лице место.
Јавниот обвинител, ценејќи дека се исполнети условите за притвор, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени.
Македонија
(Видео) 13 лица приведени по масовна тепачка пред Градската општа болница во Прилеп

Полицијата попладнево морала да интервенира во кругот на прилепската болница „Борка Талески“.
По масовната тепачка што се случила пред општата болница во овој град, полицијата привела 13 лица.
Физичката пресметка била меѓу повеќе лица а со цел да ги смири полицијата, службено лице пукало во воздух.
На видео што го објави порталот „Маркукуле“ се забележува присуство на неколку полицикси возила пред прилепската болница.
Од полицијата го потврдија случајот.
„Денеска (19.09.2025) околу 12.00 часот во ОВР Прилеп е пријавено дека пред Градската општа болница ,,Борка Талески“ во Прилеп настанала физичка пресметка помеѓу повеќе лица, кои употребиле дрвени и други предмети.
На местото биле испратени полициски службеници, но лицата не постапиле по нивните наредби да престанат, по што еден од нив испукал неколку истрели во воздух од службениот пиштол.
Во Полициска станица Прилеп се приведени 13 лица и по целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави“.
Фото: принтскрин