Македонија
Николовски и Царовска потпишаа Декларација за подобар статус на руралните жени
По повод денешниот Меѓународен ден на жената од руралната средина, министерот за земјоделство,шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, со Националната федерација на фармери потпишаа Декларација за подобрување на социјалната и економската положба на жените од руралните средини. Со оваа декларација потписниците се заложуваат за подобрување на економската и социјалната положба на жените во руралните средини преку зајакнување на ефективноста и влијанието на националните програми за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, креирање и промовирање мерки за зголемување на можностите за вработување од руралните средини, креирање мерки за признавање на неплатениот труд на жените за грижа на семејството и друго.
Министерот Николовски посочи дека како ресорно министерство, во соработка со другите надлежни институции, се преземаат мерки за да се овозможат поволни услови за развој и напредок на жените во руралните средини.
„Наша задача и обврска е да создадеме услови за зголемено учество на жените во агросекторот и да им помогнеме на жените земјоделки да го реализираат својот потенцијал и да придонесат кон вкупниот развој на земјоделството. Така, при конкурирањето за одредени мерки од европската ИПАРД Програма и од националната Програма за рурален развој, жените фармери имаат предност, односно добиваат повеќе поени при рангирањето. Со зголемување на бројот на жени кои ги користат европските фондови, директно го помагаме нивното учество во македонскиот агросектор и правиме значаен чекор напред во постигнување родова еднаквост во земјоделството“, изјави министерот Николовски.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека МТСП, во соработка со Министерството за правда и со Светска банка работи на законски измени со кои ќе се гарантира впишување во Централен регистар и на мажот и на жената за имотот стекнат во брак. Со овие измени ќе се овозможи полесен пристап на жената до кредитите што ѝ се потребни за почнување сопствен бизниз.
„Ако не го искористиме човечкиот потенцијал во нашата држава, ние не можеме да имаме економски напредок ниту економски раст. Во Mакедонија половина од жените ни се неактивни на пазарот на труд, а најголемиот дел од нив се од руралните средини. Но, тоа така е само по статистика. Ние не можеме да го видиме ефектот на жените врз економијата бидејќи работата што тие ја работат ниту им е платена, ниту некаде е евидентирана“, изјави министерката Царовска.
На денешната конференција насловена како „Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици“, присуствуваа постојана претставничка на УНДП, Лујза Винтон, претставници од Амбасадата на Кралството Шпанија, странски експерти за родови прашања, советничката за земјоделство на ПВРМ, Ленче Николовска, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, како здруженија на жени, претставници од Националната федерација на фармери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09:00 до 13:00 часот, улица Бунарџик. (Општина Илинден)
– во периот од 09-00 до 15-00 часот, дел од корисниците на улиците: Мице Козар и Ѓуро Салај. (Општина Ѓорче Петров)
Македонија
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност
Сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има зголемена облачност која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 3, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има услови за појава на слаба магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредниот период
Продолжува период на стабилно и релативно топло време. Во текот на ноќите и во утринските часови ќе има појава на магла на одредени места и зголемена облачност која во текот на денот ќе се намалува.
Македонија
Сообраќајот на граничниот премин Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално
Сообраќајот на ГП Евзони (ГП Богородица) се одвива нормално, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

