Македонија
Дескоска: Сузбивањето на корупцијата дава резултат со обединети чинители
Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска се обрати на меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“. Таа потенцираше дека без исклучок, како криминален и социолошки феномен, морален и етички проблем, во различен вид и интензитет, корупцијата е присутна во сите држави.
„Сведоци сме дека транснационалниот организиран криминал, кој оди под рака со корупцијата, е сè позачестена појава, со сè пософистицирани облици на манифестација, што придонесува за прелевање на коруптивните појави од една во друга држава. Поради тоа, многу јасно е дека за успешна борба против корупцијата е потребна интегративна спрега од домашни и меѓународни активности, односно зеднички напори и на домашен и на меѓународен план“, истакна министерката Дескоска. Таа додаде дека меѓу стратешките приоритети на Владата на Република Македонија е преземањето интензивни активности во насока на зајакнување на правниот и институционален систем на земјата во насока на превенција и борба против корупцијата.
Министерката се задржа подетално на активностите кои Република Македонија ги презема за превенција и репресија на корупцијата, како за националните, така и за меѓународно-превентивните и репресивни мерки, а со кои се јакне меѓуинституционалната, регионалната и меѓународната соработка.
Во таа насока, таа информираше за домашната антикоруциска правна рамка, која започна да се гради во 2002 година, со усвојувањето на Законот за спречување корупција и е последователно надградувана во делот на превентивните и репресивните мерки, а во чиј составен дел спаѓаат и Кривичниот законик, Законот за кривична постапка, Законот за јавна внатрешна финансиска контрола.
Министерката Дескоска информира дека во 2015 година домашната антикорупциска правна рамка е надополнета со Законот за заштита на укажувачи, со кој се воведуваат канали за заштитено внатрешно и надворешно пријавување во институциите во јавниот сектор и заштитено внатрешно пријавување во правните лица во приватниот сектор, а чија примена почна во март 2а016 година.
Потенцирајќи дека успехот во борбата против корупцијата зависи, пред сè, од органите и институциите кои се задолжени да се справуваат со истата, министерката информира дека во Република Македонија се формирани специјализирани органи и тела за борба против корупцијата.
„Нема компромис кога станува збор за корупцијата – мора да се бориме против неа. Во оваа борба сме поефикасни кога сме обединети. Меѓународната соработка може да помогне во поттикнувањето на волјата за борба против корупцијата и способноста да се бориме со неа“ –истакна министерката Дескоска.
Меѓународната конференција „Зајакнување на транспарентноста и одговорноста со цел обезбедување интегритет: Обединети против корупција“ е во организација на Групата на држави на Совет на Европа – ГРЕКО и Министерството за правда на Република Хрватска и се одржува во Шибеник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Центар: Отстранети двете паднати дрвја
Општина Центар известува дека екипите на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и ЈП „Паркови и зеленило“ навремено интервенираа и ги отстранија двете дрвја кои паднаа во близина на ООУ „Киро Глигоров“.
Благодарение на нивната брза реакција, улицата е целосно расчистена и повторно ставена во функција, додаваат од општината.
Македонија
Приведени две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“
Приведени се две лица од раководството на Комунална хигиена, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Како што додаваат од таму, лицата се приведени во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик, или како што појаснуваат, станува збор за загрозување на животната средина и природата со отпад.
„Приведени се и задржани две лица од раководството на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, во врска со сомненија за кривично дело од член 230 од Кривичниот законик“, соопштија од обвинителството.
Дел од медиумите пренесоа дека е приведен директорот на „Комунална хигиена“ Сабахудин Рустеми кој е кадар на ДУИ.
Македонија
Алиу: Континуирано ја унапредуваме јавната здравствена инфраструктура, обезбедена хипербарна комора во ГОБ „8 Септември“
Министерот за здравство Азир Алиу и заменик-министерот Јовица Андовски заедно со премиерот Христијан Мицкоски денес ја посетија ГОБ „8 Септември“, каде што беше направен увид на новата хипербарна комора. Опремата е обезбедена со поддршка од компанијата „Зегин“ во рамките на заеднички проект со болницата.
„Хипербарната кислородна терапија им помага на пациентите со хронични рани и рани што тешко заздравуваат, како што се дијабетично стапало, изгореници, состојби со нарушена микроциркулација и други индикации што ги третираат повеќе медицински специјалности. Упатувам искрена благодарност до компанијата за нејзината општествената одговорност, како и до менаџментот и медицинскиот персонал на болницата за професионалната подготовка и интеграција на комората во системот на болничкото работење“, истакна министерот Алиу при посетата.
Комората е поставена во одделот за физикална терапија и рехабилитација, а ќе им биде на располагање и на одделите за пластична хирургија, дерматологија и на други болнички оддели во согласност со потребите и медицинските индикации.
„Ова е пример како со партнерства можеме да ја унапредиме јавната здравствена инфраструктура од аспект на модерна опрема, која ќе го зголеми квалитетот на услугите што ги добиваат пациентите. На овој начин директно влијаеме врз исходите на лекувањето, ги намалуваме ризикот од компликации, престојот во болница и трошоците, а на пациентите им даваме поголема шанса за побрзо и поквалитетно оздравување“, посочи Алиу.

