Македонија
Груевски на „Фејсбук“: Немам обвинение за злоупотреби поврзани со јавни набавки или штета на буџетот
Ја известувам јавноста дека јас немам обвинение по член 353, став 5, кое се однесува на злоупотреба на службената должност, поврзано со јавни набавки или штета на буџетот. Ова го напиша поранешниот премиер, Никола Груевски, на својот профил на „Фејсбук“ по обвинувањата дека неговите адвокати со барање за поништување на член 353, став 5 од страна на Уставниот суд сакале да издејствуваат амнестија за него.
Неговиот фејсбук-статус го пренесуваме во целост.
„Јасно е дека во недостаток на проекти и паметни работи портпаролот на СДСМ има добиено насока да ме спомнува во секоја прес-конференција и за сè и сешто.
Очигледно мислат дека така им се поинтересни прес-конференциите.
Јас најчесто ги игнорирам овие секојдневни нивни прес-конференции, соопштенија, изјави и секојдневни лаги, но вчера и денес решив малку за промена да им одговорам колку да потсетам за какви измамници се работи.
Вчера ги демантирав за предметот за патиштата, каде што лажеа дека сум одел на суд за наводни земени провизии.
Кажав дека одам на суд поради обвинение (член 359 од ЗКП) дека сум влијаел да се изградат патиштата со цел да остварам корист со тоа што ќе сум добиел политички поени пред гласачите на изборите поради завршената градба на патиштата.
Знам дека на многумина не им се верува дека тоа е можно, ама така е.
И многумина мислеа дека за набавеното блиндирано возило „мерцедес“ сум осуден заради некаква измама, провизија, злоупотреба на буџетски пари и сл., но и таму сум теретен за истиот член – сум влијаел да се купи возилото бидејќи сум сакал, покрај другите ВИП-гости, и јас понекогаш да бидам превезуван во него.
И за тоа „независните“ судии оцениле дека требало да одам 2 години во затвор.
Денес истиот портпарол објави дека моите адвокати побарале поништување на член 353, став 5 од страна на Уставниот суд и ја извести јавноста дека со тоа сакале да издејствуваат амнестија за мене, ама СДСМ немало тоа да го дозволи.
Ја известувам јавноста дека јас немам обвинение по член 353, став 5, кое се однесува на злоупотреба на службената должност поврзано со јавни набавки или штета на буџетот.
Всушност, јас немам обвинение што ме терети за што било поврзано со корупција, провизии, имотна корист, јавни набавки и слично.
Мене, освен по член 359, што го опишав погоре, ме теретат за рушењето на дивоградбата на Фијат, каде што ме теретат за имотна штета за една класична дивоградба за која Фијат своевремено тужеше и загуби на сите судски инстанци. Ме теретат и за поттикнување насилство, за шамари што не постојат и во „Титаник“ за работи поврзани со изборите.
Сепак, СДСМ се труди со сите сили да создаде перцепција дека на суд одам поради финансиски злоупотреби и проневери и во секое негово соопштение или прес-конференција се труди да создаде таква слика во јавноста.
Еден ден ќе им дојде крајот на луѓето што сега прават политички прогон, а со тоа и на нивните пиони, кои секојдневни ја лажат јавноста.
Што ќе прават потоа?“, напиша Груевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

