Македонија
Општина Кисела Вода дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на белиот стап
Општина Кисела Вода се приклучи во одбележувањето на 15 октомври – Меѓународниот ден на белиот стап. Врз основа на потпишаниот меморандум за соработка со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, со мото „Градиме здрава, зелена и безбедна иднина“, раководството на Општина Кисела Вода, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје, проф. д-р Вјекослав Танасковиќ, директорот на Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид, Горанчо Јакимовски, претставници од Сојузот на слепите лица во Македонија, вработени на Факултетот за земјоделски науки и храна – Скопје и многубројни гости, засади овошни дрвца во дворот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.
Директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ најпрвин им се заблагодари на сите за присуството по повод одбележувањето на Денот на белиот стап, алатка со која се менува животот на слепите лица и претставува симбол на нивната самостојност и независност. Воедно, ја истакна и својата благодарност кон сите институции и пријатели кои низ годините помагаат ова училиште да биде по мерка на своите ученици, да бидат подобрени квалитетот и условите во кои се изведува наставата, како и да бидат задоволени специфичните потреби на учениците со оштетен вид за што, наведе тој, во изминатите неколку години се реализирани голем број проекти.
„Токму еден од нив за кој имаме и најсвежи сеќавања е изградбата на сензорната градина, која е прва училница на отворено од ваков тип во Република Мкедонија и која сигурно била посакувана од сите претходни генерации знаејќи ја нејзината важност. Во таа насока, денес, со помош на нашите поддржувачи и пријатели, продолжуваме со уредување на училишниот двор и најавуваме изградба на овошна градина во која ќе може нашите ученици да се запознаат со начинот на кој се раѓаат и растат разновидни плодови. Освен тоа, таа ќе биде место каде што ќе може наши ученици и ученици од училиштата од општина Кисела Вода заедно да учат, меѓу себе да се запознаваат и дружат“, истакна директорот на ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, Горанчо Јакимовски.
Градоначалниот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, во своето обраќање истакна дека грижата за слепите и слабовидните лица мора да биде секојдневна и дека тие заслужуваат внимание не само денес, кога се одбележува нивниот ден, туку секој ден.
„Ние како општество мора да водиме грижа едни за други, за проблемите со кои соочуваме и да си помагаме, но и да работиме на тоа да им бидат обезбедени подобри услови како за живеење така и за функционирање на слепите и слабовидните лица“, истакна Георгиевски.
Посочи дека според регистрите на Национачниот сојуз на слепите, во Македонија со оштетување на видот поголемо од 90 проценти живеат повеќе од 2.550 лица и дека токму затоа е неопходно барем еднаш во годината секое дете и возрасно лице да направи превентивен офталмолошки преглед.
Секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски, ја потенцира поддршката што Општина Кисела Вода им ја дава на лицата со оштетен вид и соработката што Општина Кисела Вода ја има со ДУРДМОВ „Димитар Влахов“.
Деканот од свое име и од име на сите вработени на Факултетот за земјоделски науки и храна во состав на УКИМ во Скопје го изрази својето задоволство што денес имаат можност со креативна активност да дадат свој придонес во одбележувањето на 15 Октомври – Светскиот ден на белиот стап, симболот на слепите лица.
Настанот беше заокружен со засадување овошни дрвца како први во идниот овошен парк во ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ во општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Делото на Свети Климент Охридски е патоказ за негување на писменоста, националните вредности и создавање на успешни генерации
По повод празникот посветен на Свети Климент Охридски-македонскиот просветител, учител и темелот на нашата духовност и писменост, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија.
„Делото на Св. Климент Охридски, неговата посветеност на образованието и ширењето на словенската писменост, претставуваат трајна вредност на македонската државност и културен идентитет.
Неговата мисија не потсетува дека знаењето, трудот и човечноста се водилка кон напредок и општо добро.
А нашата заедничка обврска е да продолжиме да го негуваме она што е суштински дел од нашата татковина – јазикот, писменоста, наследството и македонскиот идентитет, да останеме посветени на унапредување на образованието, зачувување на културното наследство и поддршка на вредностите што го обединуваат нашиот народ.
Силата на државата произлегува од знаењето, достоинството и од грижата за сопствените корени, токму како што тоа го покажувал Св. Климент со своето животно дело.
Македонија да ја градиме преку генерации на образовани луѓе, генерации што ќе бидат носители на прогресот, на науката, на културата и на достоинството на нашата држава.
Овој празник не потсетува дека вложувањето во образованието и младите е инвестиција во иднината на нашата татковина.
Ликот и делото на Св. Климент Охридски ни покажуваат дека секое знаење што го даваме денес, ја гради Македонија утре“, пишува во честитката.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

